Условни казни добија поранешниот директор на тетовската болница Флорин Бесими и поранешниот економски директор на болницата Артан Етеми, кои беа обвинети за пожарот во модуларната болница во Тетово, во кој во 2021 година загинаа 12 пациенти кои се лекуваа од Ковид-19 и уште двајца посетитиели. Докторот Бобан Вучевски е ослободен од вина, а на Клиничката болница во Тетово ѝ е изречна парична казна од еден милион денари.
Судијата Јордан Велковски денеска во Судот во Тетово рече дека обвинетите предизвикале опасност за животот на пациентите и нивните роднини кои биле во болницата кога избувнал пожарот, посочувајќи дека директорите Бесими и Етеми се осудени на казна затвор од по една година и шест месеци, но дека им се изрекува условна пресуда.
„Утврдената казна нема да се изврши ако во рок од три години не сторат ново кривично дело“, рече судијата Велковски.
Во изминативе две години судските рочишта за пожарот повеќе пати беа одложувани поради отсуство на дел од обвинетите и нивните адвокати, но денеска процесот доби завршница.
За докторот Вучевски, кој доби ослободителна пресуда, денеска повторно пред судот во Тетово се собраа граѓани на мирен јавен протест, барајќи тој да биде ослободен. Тие редовно доаѓаа на протести пред секое рочиште, велејќи дека докторот совесно ја извршувал работата за време на ковид пандемијата.
Пожарот во модуларната болница во Тетово, каде се лекуваа пациенти со Ковид-19, се случи на 8 септември 2021 кога загинаа 12 луѓе кои беа на лекување и уште двајца посетители.
Бесими и Етеми, не се гонеа поради причината за пожарот во модуларна болница, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење на пожар. На Вучевски му се судеше бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби, иако тоа било забрането.
Судијата изрекувајќи ја денеска казната, рече дека обвинетите не поставиле пропишани уреди за заштита од пожар и со тоа предизвикале опасност за животот и телото за луѓето и пациентите со Ковид-19. Осудените треба да платат казна по 4.000 денари.
„Тие не постапиле според мерките и активностите од договорот за заем со Светска банка. Иако биле должни да имаат противпожарна опрема, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница па се до настанување на пожарот немале соодветни уреди за заштита од пожар“, рече судијата Велковски.
Инаку, тетовското Обвинителство наведе дека Бесими и Етеми сториле тешки дела против општата сигурност, а дека Вучески не постапувал според здравствените прописи за време на епидемија.
Против Клиничката болница во Тетово како правно лице беа покренати кривични дела за предизвикување општа опасност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Во истрагата којашто ја предводеше тетовското обвинителство учествуваа и експерти и истражители од Сојузната криминалистичка полиција од Германија. Беше утврдено дека пожарот настанал од продолжен кабел на кој бил приклучен дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби.
Според Обвинителството, откако настанал пламенот, медицинскиот персонал се обидел да го угасне, но пожарот брзо се проширил по целиот објект, на кровните и ѕидните панели на објектот и низ болничкиот инвентар. Вештачењата што ги нареди Обвинителството се однесуваа на директните причини за самиот пожар.
Со истрагата се утврдуваше како се правел надзорот и техничкиот прием на модуларната болница, од кои материјали е изградена, приклучоците за вода, снабдувањето на кислород и електрична енергија, стандарди за противпожарна заштита.
Економскиот директор на тетовската болница Етеми заедно со директорот на болницата Бесими по несреќата поднесоа оставка од функцијата. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја отвори предистражната постапка веднаш по несреќата.
Набавката на контејнерите за модуларните болници беше спроведена од Министерството за труд и социјална политика со заем од Светска банка, а ја добија фирмата Брако и ЈБТ АРИ и ТОМ од Валандово. Само фирмата Брако ја доби набавката за инвентарот и опремата во ковид центрите. Фирмите кои ги добија набавките не беа вклучени во обвинението.
Сопственици на Брако, според документацијата за набавката, се поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев и Благој Шалев. Но, овластеното лице кое ги потпишува двете набавки е Шалев. На фирмата ЈБТ АРИ и ТОМ сопственик е Аристотел Исиров кој е и потпишан на договорот.
Во модуларната ковид болница во Тетово на денот на несреќата беа хоспитализирани 26 пациенти, од кои 14 загинаа, а 12 беа безбедно евакуирани. Од починатите 12 се пациенти и двајца роднини на пациент на возраст од 29 до 78 години.