Во 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.
Според податоците од интернет страницата на Државната изборна комисија (ДИК), до 18:30 часот гласале 795.809 граѓани. Излезноста до 18.30 часот е 48,41 отсто, на обработени 90,61 отсто избирачи.
Александар Даштевски, претседател на ДИК, најави дека Комисијата околу полноќ ќе ги објави првичните неофицијални резултати од првиот круг на претседателските избори.
На гласачкото место 2517 во општината Центар во Скопје гласањето почна навреме. Скопјанецот Златко Арнаудовски гласаше за еден од седумте кандидати кои влегоа во трката за претседател. Од новиот претседател очекува решавање на проблемот со корупцијата и создавање услови за задржување на младите дома.
„Супер е организирано, на граѓаните им посакувам успешен ден. Од новиот претседател очекувам повеќе работи: да инсистира на решавање на проблемот со корупцијата, да инсистира на тоа младите да се задржат дома и да имаат добро образование“, изјави Арнаудовски.
На ова избирачко место се сретнавме и со Елиса Парнефалт Сторксен од Европската асоцијација за дијалог и демократија. Таа е една од 544-те странски набљудувачи кои го мониторираат првиот круг од изборите.
„За денот на изборите ние сме овде како странски набљудувачи од Норвешка. Па, така ние сме поделени во два набљудувачки тимови и вршиме проверки за тоа како различни процеси се одвиваат. Нашиот план за денеска е да посетиме различни гласачки места, на секое од нив ќе се задржиме по околу половина час и тоа ќе го правиме во текот на целиот ден се до завршувањето на гласачкиот ден во 19 часот,“ вели Сторкесен.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
И на другите избирачки места кои ги посети екипата на Радио Слободна Европа, гласањето се одвиваше непречено.
Очекувања за мирен изборен ден слушнавме и на гласачкото место 2880 во општината Чаир, во Скопје. Гласачите кои ги сретнавме тука посакуваат претседателот да биде личност која ќе води грижа за сите граѓани подеднакво.
„За секој граѓанин, независно дали е Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин или било кој што живее во оваа држава сакаме се да биде во добар ред, претседателот да биде претседател на сите граѓани“, ни рече Кујтим Чупир, откако гласаше на ова избирачко место.
Врз основа на податоците на Државната изборна комисија (ДИК), до 18:30 часот, според обработени над 90 отсто од избирачките места, одзивот на гласачите изнесува 48,41 отсто. Право на глас оствариле 795.809 граѓани.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски претходно оцени дека гласањето се одвива мирно и без пријавени неправилности на сите избирачки места, иако на одредени места имало технички проблеми, кои како што рече, биле тековно решавани.
Досега, до Државната изборна комисија се доставени 308 приговори за заштита на лично избирачко право. Од нив, 75 приговори се усвоени, 27 приговори се отфрлени како неуредни, а 38 се одбиени. Останатите приговори се обработуваат.
И од Министерството за внатрешни информираа дека изборниот ден се одвива мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Сепак портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информираше за одредени неправилности кои биле регистрирани на некои гласачки места.
„Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач“, изјави Ангеловски.
Покрај тоа, на територијата на општина Чаир биле забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш биле преземени мерки и активности и на ова место гласањето продолжило.
На седмите претседателски избори од осамостојувањето на државата, право на глас имаат 1.814.317 граѓани. За прв пат, ќе можат да гласаат и граѓаните кои не успеаја да ги сменат личните документи со името Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор. Бидејќи државата не успеа навреме да го организира процесот на замена на документите на сите државјани, Собранието донесе закон со кој се дозволи гласање на овие избори со стари лични документи.
Изборите ги набљудуваат 915 домашни набљудувачи, 544 се меѓународни набљудувачи, има 84 преведувачи и 58 странски новинари.
Инаку за функцијата Претседател на Република Северна Македонија се натпреваруваат: aктуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата на претстојните претседателски избори Стево Пендаровски е прв на листата за претседателските избори. Втора е Гордана Сиљановска-Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ. Четврт на листата е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска-Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.
Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.
Изборот на Претседател речиси секогаш се спроведува во два изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50 % + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.
Во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 % од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услови, целата изборна постапка се повторува.
Видете и ова: Претседателски избори - прв кругПрвиот претседател на независна Македонија беше Киро Глигоров, избран со тајно гласање во македонското Собрание на 27 јануари 1991 година. Сите следни избори за претседател се одвиваа на општи и непосредни избори. Глигоров освои втор мандат, а по него на таа функција беа Борис Трајковски избран во 1999 година се до неговата трагична смрт во 2004 година. За трет Претседател беше избран кандидатот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Потоа во 2009 година Ѓорѓе Иванов кој остана два мандати претседател, а на претседателските избори во 2019 година, во вториот круг победи актуелниот претседател, Стево Пендаровски.