Достапни линкови

Северна Македонија избира претседател


илустрација
илустрација

Граѓаните на Северна Македонија бираат шеф на државата кој ќе ги води во следните пет години. Изборниот процес тече мирно и без нарушувања. До 11 часот правото на глас го искористиле 12, 78 отсто од граѓаните. Во изборната трка има седум кандидати, а за победа во првиот круг е потребно кандидатот да освои мнозинство од вкупниот број регистрирани гласачи. Ако тоа не се случи, ќе има втор круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

Мирно и без пријавени неправилности се одвива првиот круг од претседателските избори во Северна Македонија, на кои граѓаните гласаат за еден од седумтемина кандидати за Претседател на државата.

До 11:00 часот, правото на глас го искористиле 12, 78 отсто од граѓаните или 229 417 гласачи од вкупниот број на регистрирани гласачи. Поголема излезност е забележана во Демир Капија (24%) и Градско (20%), помала во општините Боговиње (5%) и Маврово Ростуша (4,5%), а најмала во Студеничани (3,82) отсто.

Од Државната изборна комисија (ДИК) соопштија дека гласачките места биле отворени навреме, иако на некои избирачки места се појавиле технички проблеми. Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, вели дека истите биле тековно решавани.

„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, изјави Даштевски.

До 11 часот во ДИК пристигнале 73 приговори за правото на глас. Од нив, 7 се прифатени, што значи дека тие лица ќе може да гласаат, 4 се отфрлени а 3 се оценети како неуредни.

И од Министерството за внатрешни работи велат дека безбедносната состојба е стабилна на изборниот ден. Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека изборниот процес се одвива мирно и без нарушувања.

„Безбедносната состојба на изборниот ден е стабилна. нема никакви нарушувања во изборниот процес. Немаме забележано никакви посериозни нарушувања во изборниот процес“, изјави Тошковски.

Право да гласаат за својот фаворит имаат 1.814.317 граѓани.

Ќе можат да гласаат и граѓаните кои не успеаја да ги сменат личните документи со името Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор. Бидејќи државата не успеа навреме да го организира процесот на замена на документите на сите државјани, Собранието донесе закон со кој се дозволи гласање на овие избори со стари лични документи.

За функцијата Претседател на Република Северна Македонија се натпреваруваат: aктуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата на претстојните претседателски избори Стево Пендаровски е прв на листата за претседателските избори. Втора е Гордана Сиљановска-Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ. Четврт на листата е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска-Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.

Претседателските избори беа распишани на 14 февруари. Во согласност со податоците од ДИК, 7 од вкупно 15 кандидати ги собраа неопходните 10 000 потписи за учество на претседателските избори.

Една од главните теми во предизборната кампања беа пристапните преговори со ЕУ кои ќе продолжат доколку се донесат измени на Уставот со кои во Преамбулата ќе биде внесено бугарското малцинство, заедно со уште неколку малцинства. Се работи за околу три илјади граѓани кои се изјаснија како Бугари на пописот, а актуелната Влада го прифати овој услов откако Бугарија стави вето на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Висок цензус за победа во првиот круг

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

Изборот на Претседател речиси секогаш се спроведува во два изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50 % + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.

Во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40 % од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услови, целата изборна постапка се повторува.

Досега Само Киро Глигоров во 1994 година победил во прв круг на изборите.

Избори под мониторинг

Изборите ќе ги набљудуваат 915 домашни набљудувачи, 544 се меѓународни набљудувачи, има 84 преведувачи и 58 странски новинари.

Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на 21 март ја отвори Набљудувачката мисија во Северна Македонија и за претседателските и за парламентарните избори. Ќе бидат ангажирани 330 набљудувачи. Акредитации се издадени и за 86 набљудувачи од Парламентарното собрание на ОБСЕ, како и за 33-ца од Парламентарното собрание на Советот на Европа. Ним ќе им се придружат странски набљудувачи од други организации и одредени амбасади.

Домашните набљудувачи доаѓаат од неколку организации. Најмногу набљудувачи (182) ќе има Здружението за развој на општествено -социјални иновации „ВАКЕ УП“ од Скопје. Набљудувачи ќе има и Фондацијата Ромите за демократија, Здружението на граѓани ЦИВИЛ-Центар за слобода, Здружението за промоција и развој на инклузивното општество Инклузива од Куманово. Свои набљудувачи, ќе има и Центарот за безбедносни истражувања од каде за РСЕ претходно посочија дека ова им е прво искуство и ќе го спроведат како пилот проект само во четвртата изборна единица.

Двојни избори договорени на лидерска средба

По неколкумесечни политички превирања во врска со уставните измени и засилените барања на опозицијата за вонредни парламентарни избори, одржувањето на двојните избори беше договорено на 4 декември 2023 година, на средбата на лидерите на парламентарните политички партии. Тие постигнаа договор парламентарните избори да се одржат на 8 мај, среда, заедно со вториот круг на претседателските избори.

Датумот 8 мај беше единствено можен за да се овозможи парламентарните избори да бидат во нивниот редовен термин, а претседателските да завршат до истекувањето на мандатот на актуелниот претседател на 12 мај.

Во согласност со законот, на 28 јануари, односно на 100 дена пред изборите се формираше техничка (пржинска) Влада, чија задача е да организира фер и демократски парламентарни избори. Ова е трета преодна или техничка Влада од 2016 година досега.

Надлежности на претседателот

Со стапување на функција претседателот добива низа функции и ексклузивни права. Тој го наследува мандатот да ја претставува државата дома и во странство, врховен командант е на вооружените сили и го доделува мандатот за состав на Владата и друго.

Претседателот ужива имунитет во вршењето на својата функција, но доколку го прекрши Уставот и законите за тоа мора да одговара. Постапката за утврдување на ваква одговорност ја покренува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. За одговорноста на Претседателот одлучува Уставниот суд, исто така со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.

Првиот претседател на независна Македонија беше Киро Глигоров, избран со тајно гласање во македонското Собрание на 27 јануари 1991 година. Сите следни избори за претседател се одвиваа на општи и непосредни избори. Глигоров освои втор мандат, а по него на таа функција беа Борис Трајковски избран во 1999 година се до неговата трагична смрт во 2004 година. За трет Претседател беше избран кандидатот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Потоа во 2009 година Ѓорѓе Иванов кој остана два мандати претседател, а на претседателските избори во 2019 година, во вториот круг победи актуелниот претседател, Стево Пендаровски.

XS
SM
MD
LG