Пропадна случајот со препродажбата на ниви во Источна Македонија, познат во јавноста како „Делчевски ниви“. Наместо предметот да се движи кон обвинителен акт се урна благодарение на пресвртот што го направиле сведоци менувајќи го исказот. Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје тврди дека немало друг избор освен да ја прекине постапката и да ја затвори истрагата.
Предметот се однесуваше на купување земјиште од ЕВН Електрани за изградба на фотоволтаични централи, кое било платено 40-тина пати поскапо од реалната пазарна цена. Осомничени за измама беа двајца управители од компанијата, како и уште пет други лица кои се гонеа за помагање. Истрагата на скопското обвинителството се фокусираше на тоа дека двајцата управители ги довеле во заблуда членовите на Управниот одбор за да се донесе одлука за купување на земјиштето по нереални цели.
Видете и ова: Седуммина осомничени за купувањето парцели за фотоволтаици во делчевскоОбјаснувањето кое го добивме од обвинителството упатува на тоа дека токму членови на Управниот одбор, пред сè, претставникот на државата која има 10 отсто удел во ЕВН, се оние кои го направиле пресвртот.
Првичните нивни искази биле клучни за ОЈО Скопје да ја започне постапката. Тврделе дека не би гласале за одлуката за купување доколку ги знаеле фактите за парцелите, односно дека се работи за земјишта-шуми, земјишта со непристапен пат и земјишта кои се наоѓаат во заштитено подрачје. Кажано со други зборови – парцели на кои не би можело да се постават фотоволтаици.
„Меѓутоа, во текот на истражната постапка, членовите на Управниот одбор го сменија својот исказ и изјавија дека откако ги разгледале прибраните докази сметаат дека не биле доведени во заблуда и не биле измамени од осомничените во поглед на постапката и дека повторно би го одобриле купувањето на предметниот имот. Членот на Управниот одбор на ЕВН ’Македонија‘ АД Скопје именуван од страна на Владата изјави дека правното лице не е оштетено преку дејствијата на осомничените и дека во случајот нема незаконита исплата“, велат од ОЈО Скопје за Радио Слободна Европа, нагласувајќи дека неговиот исказ бил круцијален бидејќи тој е заштитник на државниот капитал во случајот.
Оформен предмет за лажен исказ
Додека истрагата за купопродажбата на нивите е затворена, случајот не е завршен за претставникот на Владата во Управниот одбор на компанијата. ОЈО Скопје смета дека тој во сведочењето презентирал лажни факти дека биле извршени претходно проверки за земјиштето што, обвинителството тврди дека не е така. Затоа, според информациите што ги доби РСЕ од обвинителството, оформен е предмет против него за кривичното дело давање лажен исказ.
Сепак, и покрај лажниот исказ, обвинителството ја запира постапката.
„Тој исказ пред јавниот обвинител, иако обвинителството смета дека е лажен, не влијае во конкретната постапка која е запрена, бидејќи членовите на Управниот одбор во текот на постапката се премислија и сега категорично негираат дека биле во заблуда или измамени за да одобрат купување на земјиштата“, велат од обвинителството.
48 парцели вредни 35 000 евра продадени за 1,6 милиони евра
„Делчевските ниви“ почнаа да ја брануваат јавноста пред речиси две години кога во раните утрински часови на 11 ноември 2021 пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески јавно се пожали дека Финансиската полиција упаднала во неговиот дом и врши претрес. Всушност, тогаш претресот беше во домот на неговиот татко како вработен во ЕВН.
Случајот беше во предистрага, па Финансова не соопшти повеќе детали. Меѓутоа, во наредните денови детали испливаа од новинарското истражување на емисијата „360 степени“, која објави дека инволвираните успеале на ЕВН „Електрани“ да ѝ продадат метар квадратен земјиште за 800 денари, иако пазарната вредност му е само 20 денари. Дел од нивите, продавачите ги добиле како подарок речиси три недели пред да склучат зделка со ЕВН за далеку повисоки цени.
Видете и ова: Зошто вештачењето е најголем ризик за корупција во правосудството?„Делчевските ниви“ станаа предмет и на дневнополитичките препукувања – СДСМ ја прозиваше ВМРО-ДПМНЕ поради поврзаноста на дел од инволвираните со партијата и прашуваше дали парите завршиле во „Белиот дворец“.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, негираше дека има каква било врска со предметот, а партискиот лидер Христијан Мицкоски „охрабруваше“ ист третман од обвинителството да добијат сите продавачи на парцели и најавуваше тужби за клевета.
Предистрагата за неколку месеци напредуваше во истрага. Управата за финансиска полиција на 26 мај 2022 година поднесе кривична пријава, а наредниот ден обвинителството соопшти дека е донесена наредба за истрага во која се опфатени седум лица.
Истрагата опфати купопродажба на 48 парцели чија пазарна вредност обвинителството ја процени на речиси 35 000 евра (2 146 723 денари). Меѓутоа, тие биле продадени на ЕВН Електрани за 1,6 милиони евра (99 431 060 денари). По правосилноста на одлуката за запирање на постапката, ќе бидат одмрзнати и парите кои беа замрзнати на сметките на до неодамна осомничените продавачи.
Станува збор за парцели во Делчевско и Беровско, кои биле во сопственост на четворица од вкупно седумте осомничени во истрагата.
„Осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето“, соопштија тогаш од обвинителството.
Текот на истрагата, покрај со променетите искази, се соочуваше и со „сопки“ кога станува збор за вештачењето на документацијата за купопродажбата.
Првото што беше нарачано од Бирото за судски вештачења не одговори на прашањата на обвинителот, па обвинителството бараше пролонгирање на рокот за истрагата за да се изготви и второ вештачење.
Во случајот на почетокот на истрагата беа определени и притвори на петмина осомничени, куќен за еден и мерки на претпазливост за уште еден од осомничените.