Навални осуден на 19 години затвор

Navalny in court, videograb

Објавена е пресудата за затворениот опозициски политичар Алексеј Навални, која гласи дека е виновен и ќе помине 19 години „затворска колонија“. Претходно тој обвинението за екстремизам го отфрли како апсурдно и политичко мотивирано.

Рускиот суд го прогласи затворениот опозициски политичар Алексеј Навални за виновен под обвинение за екстремизам по судењето зад затворени врати. Осуден е на 19 години затворска колонија „специјален режим“ додека се уште трае изрекувањето на пресудата и судијата продолжува да го чита решението.

Ова е пресуда против опозицискиот политичар Алексеј Навални (47) под обвинение за екстремизам.

Навални и неговите сојузници ги отфрлија обвинувањата како „апсурдни“ и политички мотивирани.

Предвидувањата беа дека доколку биде прогласен за виновен, најпознатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин ќе помине вкупно 29 години во затвор.

За што е обвинет Навални?

Обвинителството на 20 јули побара затворска казна од 20 години по неколку точки од обвинението:

  • создавање на екстремистичка заедница и организација која поттикнува извршување на криминални дела и кршење на граѓанските права. Станува збор за Фондот за борба против корупцијата, кој на барање на обвинителството во 2021 година беше прогласен за екстремистичка организација и сите негови активности во Русија беа забранети;
  • јавни апели до екстремизам: на митингот и онлајн;
  • собирање средства за финансирање на екстремизмот;
  • вклучување малолетни лица во извршување незаконски и опасни дејствија. Ова обвинение е покренато поради учество на лица помлади од 18 години на митинзи организирани од Навални.
  • рехабилитација на нацизмот.

Алексеј Навални: Животот помеѓу политиката, протестите и затворот

Навални: Апсурдни обвинувања

Навални ги нарече обвинувањата „апсурдни“ и политички мотивирани.

Тој посочи дека овие обвинувања, како и сите пред нив, се измислени за власта да го оддалечи од јавниот живот и политиката.

Во последните зборови во затворскиот суд пред изрекувањето на пресудата, Навални ја осуди инвазијата на Украина и изрази надеж за иднината на Русија.

„Мојата Русија направи неколку големи скокови, туркајќи ги сите наоколу, но потоа се лизна и се урна, уништувајќи се околу себе“, рече Навални, според соопштението на неговиот тим.

„И сега таа се тркала во локва од кал или крв, со скршени коски, сиромашно и ограбено население, додека десетици илјади луѓе беа убиени во најглупавата и најбесмислена војна на 21 век“, рече Навални за време на сослушувањето на 20 јули.

Тој продолжува да ја нарекува руската држава „разузнавачка служба без совест“, но својата изјава, која ја нарече „Последниот збор на Алексеј Навални“, ја заврши со оптимистичка нота.

„Но, порано или подоцна, се разбира, повторно ќе се крене. И од нас зависи на што ќе се потпира (интелектот или совеста) во иднина“, заклучи Навални.

Колку долго Навални ќе остане во затвор?

Навални на социјалните мрежи изјави дека очекува казна од 15 до 20 години, и покрај, како што тврди, „бесмислените“ докази презентирани за време на неговото судење зад затворени врати, вклучувајќи текстови на раперот Моргенштерн и крипто плата што се обидува да го поврзе со американскиот милијардер Ворен Бафет.

Навални, 47-годишен адвокат, саркастично се осврна на „неверојатното судење“ и рече дека рап-стиховите се „прилично силен доказ дека, како што вели обвинителството, планирав да го соборам Владимир Путин насилно“.

Исто така, иако обвинителите бараа 20 години затвор за обвинението за екстремизам, Навални во април рече дека истражителите против него покренале, како што рече, „апсурден“ случај за тероризам, за што може да биде осуден на дополнителни 30 години затвор.

Поддржувачите на Алексеј Навални со митинзи ширум светот го одбележаа неговиот роденден


Не беше јасно на што може да се однесува случајот со тероризмот, но руската Федерална служба за безбедност соопшти дека Украина и руските опозиционери од фондот основан од Навални стојат зад убиството на истакнатиот руски воен блогер.

Тероризмот во Русија се казнува со затвор до 35 години. Бидејќи Навални моментално отслужува 11 години и шест месеци затвор по претходните обвиненија, неизвесно е кога ќе биде ослободен, пренесува Ројтерс.

„Се разбира дека сме подготвени за ова - какви други опции има?“, изјави во јули портпаролката на Навални, Кир Јармиш.

„Алексеј не е во затвор поради одлуката на судот, туку поради наредбата на Путин. Очигледно, неговата казна зависи и од тоа колку долго Путин ќе биде на власт“, посочи Јармиш.

Необично судење во затвор

Судењето започна на 6 јуни откако правниот тим на Навални и сообвинетиот Даниил Колодни, техничкиот директор на каналот LIVE YouTube на Навални, побараа изземање на судијата Андреј Суворов, велејќи дека судењето треба да се одржи во Москва бидејќи и двајцата се официјално регистрирани таму и обвиненијата се поврзани со Москва.

Суворов го одби барањето и на 19 јуни одлучи судењето да се одржи зад затворени врати во импровизирана судница во казнената колонија каде што се наоѓа Навални на 260 километри источно од Москва.

Овој судски трансфер е ретка постапка, обично ограничен на тешко болни затвореници. Мала група новинари беше спречена да го следи процесот.

Навални имаше само десет дена да прочита 196 тома досиеја поврзани со овој случај.

„Интелектот без совест е во сржта на руската држава“

Говорејќи на крајот од затвореното судење пред 18 судски службеници, од кои седум, според Вашингтон пост, носеле црни маски за да го сокријат својот идентитет, Навални истакна дека „прашањето како да се дејствува е централното прашање на човештвото“.

Тој се присети на учењето на професорот Јуриј Лотман (историчар на руската култура кој предаваше во Естонија), кој еднаш им рече на студентите:

"Човекот секогаш се наоѓа во непредвидлива ситуација. И тогаш има две нозе на кои треба да се потпре: совест и интелект. Да се потпирате само на вашата совест е интуитивно точно. Но, апстрактниот морал кој не ја зема предвид човечката природа и реалниот свет ќе дегенерира или во глупост или во ѕверство, како што се случило многу пати досега“, вели затворениот руски опозиционер.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Режисерот на документарниот филм за Навални снимил „вонредни“ моменти


Навални заклучува дека „потпирањето на интелектот без совест е токму она што сега лежи во сржта на руската држава.

Тајм: Човекот од кој се плаши Путин

Кремљ негира дека го прогонува својот најжесток критичар, прикажувајќи го како предизвикувач на политички потреси поддржан од Западот. Руските власти тврдат дека случајот на Навални е чисто правна работа за судовите.

„Ние не го следиме ова судење“, изјави портпаролот на Путин, Дмитриј Песков за новинарите во јуни.

Американскиот магазин „Тајм“ го нарече Навални „човек од кој се плаши Путин“.

„Путин навистина се плаши од она што го бара движењето на Навални, а тоа е промена на власта во Русија, проследена со репресии на нејзиниот корумпиран клан на олигарси и шпиони. Не е НАТО тој што го држи Путин буден ноќе, туку просторот за демократски гласови што НАТО го отвора долж границите на Русија“, пишува Тајм.

Овој страв, тврди Навални, ги поттикнува сите конфликти што Русија ги има со Западот.

„За да се консолидираат земјата и елитите, на Путин постојано му се потребни сите овие екстремни мерки, сите овие војни реални, виртуелни, хибридни или само конфликти на работ на војна, како што гледаме сега“, нагласува Навални.

Наместо да преговара или да нуди отстапки, Навални сака Соединетите Држави да вршат притисок врз Кремљ однадвор, додека тој и неговите поддржувачи го прават тоа однатре.

Оваа комбинација, смета Навални, ќе ги подели елитите околу Путин.

Ова ќе резултира со, како што го нарекуваат неговите следбеници, „убава Русија свртена кон иднината“, слободна, демократска, во мир со соседите и со Западот.

Навални помина 200 дена во самица

Навални беше уапсен во јануари 2021 година, откако се врати во Русија од Германија, каде што се лекуваше од речиси фатално труење со нервен агенс од типот новичок за кој тврди дека му го нарачал самиот Путин. Тоа е забранет воен нервен агенс кој бил развиен за време на Советскиот Сојуз.

Потоа беше осуден на две и пол години затвор под обвинение дека ги прекршил правилата за судски надзор при закрепнувањето во странство, што било неопходно по труењето. Следеше уште една казна од девет години за наводна измама на неговите приврзаници.

Тој помина повеќе од 900 дена зад решетки и речиси 200 во самица.

Во 2021 година, руските власти ги забранија политичките и активистичките организации на Навални како „екстремистички“, принудувајќи ги речиси сите негови блиски соработници да ја напуштат земјата.