Во бурата на секојдневни партиско - политички превирања и препукувања во однос на уставните измени, Северна Македонија паралелно веќе чекори по патот на скринингот - објаснувачки и билатерален во рамки на Европската унија. Траекторијата на преминување на следната фаза од преговорите значи одржување на Втората меѓувладина конференција и отворање на првиот кластер. Но, овие процеси засега се условени од уставните измени.
Дури и во најдоброто сценарио за државата, барем според најавите на првите луѓе во дипломатијата, е во декември Северна Македонија да го отвори првиот кластер „Фундамети“.
Кластерот „Фундаменти“ е најобемен и политички најчувствителен бидејќи се отвора прв, а се затвора последен на крај, откако ќе се затворат сите други поглавја. Истовремено, ќе биде и постојано отворен во текот додека траат преговорите.
Во првиот кластер влегуваат поглавјата 23 и 24, односно правосудство и владеење на правото, јавни набавки, статистика, финансиска контрола, економски критериуми, како и реформата на јавната администрација и функционирање на демократските институции. Последните две области, всушност, се дел од новата методологија на преговори со ЕУ.
Видете и ова: Пирц Мусар: Уставни измени и усогласен правен систем, важни за влез во ЕУНо, колку Северна Македонија ги спроведува реформите во овие сфери на домашно тло?
Според Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници, за разлика од пред неколку години кога постоел одреден елан за забрзување на реформите во делот на судството и јавната администрација, неговиот впечаток е дека годинава има стагнација и на двата процеси.
„За жал, одредени случувања оваа година, особено случувањата во Судски совет, отсуството на правна разрешница и утврдување на одговорност за предметите кои ги започна СЈО, нас нè ставаат во лоша стартна позиција во однос на почетокот на преговорите. Ако ги читаме клучните забелешки за напредокот на државата, таму е мошне важно дека мора да има утврдување на кривична одговорност, неопходност дека мора да бидат завршени овие предмети неопходно да се покаже проактивност во заштитата и независноста и непристрасноста на судството. За жал, заради овие случувања, состојбата ќе биде забележана во овој почетен процес на т.н. скрининг и дефинитивно ќе имаме многу работа за да можеме да ги достигнеме стандардите кои ќе бидат побарани од нас од страна на Европската комисија“, објаснува Коцевски.
За стагнацијата на реформите во судството и јавната администрација, Коцевски смета дека се последица на политичките околности и прашањата поврзани со неопходноста од уставните измени и наближувањето на изборната година.
„Тој застој во реформите доаѓа во мошне незгодно време, бидејќи тие прашања ќе бидат отворени. Прашањето поврзано со јавната администрација и реорганизацијата, со утврдување на посебен закон за носители на јавни функции, каде клучен момент ќе биде професионалноста, а не политичката припадност, се активности кои беа започнати како еден вид на иницијатива но не беа завршени. Почнавме дел од процесите претходно, но, не беа завршени. Ова ќе ни биде дадено како задача во следниот период“, смета тој.
Видете и ова: Со празен стомак, високата политика е помалку важнаИ умерената подготвеност во сенка на проблемите во правосудството
Последниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија од 22 октомври 2022 година, нотира дека земјава е умерено подготвена по речиси сите критериуми, вклучувајќи ги и правосудството и фундаменталните права.
Но, според Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, постои и загриженост за нивната оценка поради случувањата во судството годинава.
„Тука имаме ризик дека оценката за оваа година може да биде значително полоша од она што беше претходно. Сепак, во однос на овие оценки кои ги има Комисијата во својот извештај, треба да бидеме свесни дека во текот на преговорите многу фокус ќе се става на имплементацијата. Тоа значи дека ќе очекуваме многу потемелно да проверуваат колку го спроведуваме законодавството и тука ќе излезат многу предизвици кои ги очекуваме“, објаснува Кацарска.
Видете и ова: Евроскептични граѓани - неодговорни политичариКако што вели Кацарска, во поглавјата од првиот кластер, Северна Македонија најдобро стои во економските критериуми, иако, не е лоша ниту состојбата во статистика и финансиска контрола. Генерално, напредокот се движи од умерен до добар.
„Она што загрижува е дека ЕУ има две оценки. Едната е подготвеност да се преземат обврските од членството, тоа е оценка колку сте спремни да станете земја членка, и оценката за напредок која се однесува само на минатата година. Она што ние треба да го гледаме е да ја унапредиме подготвеноста. Факт е дека во напредокот во голем дел стагнираме, бидејќи сме прилично високо усогласени одамна.
Но, ЕК има одредено ниво на двоумење, дали и колку се зголемува подготвеноста на земјите да ги преземат обврските за членство. Со мал или умерен напредок многу е тешко да ја зголемите својата подготвеност за членство. Поентата е дека тој напредок во реформата на јавната администрација и судството да се забрзаат, да преминеме кон добар или многу добар напредок за да ја качиме оценката за подготвеноста, според која ве ценат како идна земја членка“, вели Кацарска.