Руслан Ахметшин излезе од затворот во северниот регион Архангелск на 15 декември. Тој беше пречекан од колеги активисти кои го прегрнаа, му ја зедоа чантата и го однесоа во автомобил што го чекаше.
Поранешниот шеф на штабот на опозицискиот политичар Алексеј Навални во Архангелск имаше двосмислена реакција на неговото ослободување.
„Од една страна, тоа е слободата. Можете да одите каде сакате. Не мора да се редите. Не мора да правите утрински вежби. Можете да јадете нормална храна", изјави тој за North.Realities на Радио Слободна Европа.
„Но, од друга страна, постои вознемиреност и чувство дека можеби се беше залудно“, додаде тој.
Неговите постари родители, вели тој, имаат сосема различни политички ставови од неговите, кои главно ги градат врз она што се прикажува на државната телевизија.
„Замислете ќелија со 14 затвореници“
Ахметшин (49) започна да се занимава со активизам во 2018 година, кога се приклучи на големите протести против изградбата на депонија во градот Шијес во регионот Архангелск.
Во јануари 2021 година, Ахметшин се приклучи на националните протести против апсењето на Навални, кој беше приведен по пристигнувањето од Германија по лекувањето од речиси фаталното труење со нервен агенс, за кое тој тврди дека го извршиле руски безбедносни агенти по налог на претседателот Владимир Путин.
Навални сега отслужува 19-годишна затворска казна под обвиненија за кои вели дека се политички мотивирани. Неговото моментално место е непознато, а адвокатите и соработниците велат дека не можат да стапат во контакт со него повеќе од две недели.
Ахметшин беше уапсен на 23 јануари 2021 година и осуден на 80 часа задолжителна работа.
После тоа, се случи неговото прогонување. Во март 2021 година, Ахметшин и други активисти во регионот беа под истрага за наводна припадност на „екстремистичка организација“. Претресени биле нивните домови и канцеларии, одземени компјутерите и телефоните.
Властите почнаа да го истражуваат Ахметшин за некои од неговите објави на социјалните мрежи, вклучително и онаа во која тој точно посочи дека Советскиот Сојуз и нацистичка Германија биле сојузници од 1939 до 1941 година и дека заеднички ја започнале Втората светска војна.
Видете и ова: Навални осуден на 19 години затворТој беше уапсен на 9 мај 2022 година и обвинет за „рехабилитација на нацизмот“. Во октомври истата година, тој беше осуден на 30 месеци затвор, вклучувајќи ги и речиси шестте месеци што ги помина во притвор.
Тој беше ослободен на 15 декември по истекот на казната.
„Затворот и притворот се пресекот на општеството. Таму запознав многу различни луѓе. И тие се рамнодушни кон она што се случува надвор. Тие живеат во својот мал свет“, вели Ахметшин.
Многумина од луѓето што ги запозна Ахметшин беа затворени поради прекршоци поврзани со дрога.
„Немав поим за овој проблем“, рече тој, мислејќи на, како што рече, „епидемијата на дрога“ во Русија.
Ахметшин објасни дека неговото време во притвор било поделено во три периоди: околу шест месеци во истражен центар, како што се познати овие затвори во Архангелск, неколку месеци во Јарослав и Киров додека се разгледувале неговите жалби, а остатокот од казната во затвор во населбата Талаги, на околу 15 километри од Архангелск.
Затворањето во затворот во Јарослав, рече тој, е „најдезориентирачката ситуација за оние кои се фатени во казнениот систем“.
„Замислете ќелија со 14 затвореници, од кои на секој им се доделени по 2 метри квадратни. И замислете дека луѓето понекогаш поминуваат години во затворот СИЗО“, раскажува Ахметшин.
Дворот за вежбање во СИЗО во Архангелск е уреден на таков начин што „таму никогаш не сјае сонцето“, вели тој.
„Луѓето кои не гледаат сонце две години развиваат дерматитис. Тие се покриени со кафени дамки. И дефинитивно има психолошки ефекти“, нагласи тој.
„Нивната вина не е утврдена. Тие треба да се држат во релативно хумани услови. Лицето кое е осудено дека со автомобилот удрил некој додека бил пијан, ќе живее во затвор повеќе или помалку удобно. Но, некој кој е под истрага е задржан во најнехумани услови“, вели соработникот на Навални.
Единствената предност на СИЗО во однос на затворот за осудени затвореници, тврди Ахметшин, е тоа што во првиот можеш барем да пробаш да спиеш колку сакаш.
„Во затвор не можете да го направите тоа. Стануваш во 6 часот наутро и не смееш да седнеш на креветот до 21 часот. Ако седнеш и го изгужваш креветот, ќе ти напишат прекршок. Пар прекршоци и можеш да заборавиш на предвремено ослободување" , раскажува тој.
„Ѕидовите плачат“
Ахметшин ја обжали својата пресуда и како што е нормална практика во Русија, беше испратен надвор од регионот за време на неговата жалбена постапка. Во неговиот случај, тој беше испратен во регионот Киров по краток престој во Јарослав.
„Осудениците одат до возот оковани заедно. Тоа е многу понижувачко“, раскажува тој.
Видете и ова: Руски војници држени во јами и визби зошто одбиле да се борат во УкраинаИстражниот затвор во Јарослав тој го нарекува „црн“ затвор.
„Другите од Астрахан беа сместени на страшно место - во подрум преполн со стаорци. Добив добра ќелија, но со наркоман. Тој беше 34-годишен кревач на тегови со психички проблеми. Повеќе од две недели пред да ме испратат во Киров, едвај можев да комуницирам со него“, рече Ахметшин.
Условите во Киров беа едвај подобри.
„Тоа беше касарна од времето на Катерина Велика. Ѕидовите полни со влага. Ќелиите беа студени, околу 12 степени Целзиусови. Насекаде имаше пајаци. Стаорци. Таму се разболев неколку пати, вклучително и со КОВИД“, сведочи овој затвореник.
Храната била толку одбивна што Ахметшин честопати ја фрлал веднаш во тоалетот бидејќи не можел да го издржи мирисот.
„Многу сум им благодарен на активистите во Киров. Ми донесоа пакети. Благодарение на парите што ми ги дадоа, можев да нарачам храна од локална продавница. Ослабев многу, а потоа се вратив во Астрахан и добив малку сонце и свеж воздух."
„Немам иднина со нив“
До моментот кога тој се вратил во населбата Талаги во регионот Астрахан, откако неговите жалби беа одбиени, помина речиси една година од казната на Ахметшин. Условите во затворот биле многу подобри од она што тој претходно го издржал.
На повеќето затвореници им била понудена можност да работат во локални претпријатија, но на Ахметшин немал таква шанса, бидејќи му бил одземен пасошот.
„Но, никој не ме спречи да грабнам лопата и гребло, па ископав 15 дупки за зеленчук. Имав три убави месеци вежбање, добар сон и физичко здравје“.
Тој создал градинарски клуб за затвореници, преку кој можеле да се нарачаат семиња и ѓубрива.
„Сега управникот може да им пријави на своите шефови дека ги социјализира затворениците’“, рече Ахметшин.
Есента, Ахметшин доброволно се пријавил да работи во кујната, а подоцна од него било побарано да ја организира затворската библиотека.
„Тоа беше целосен хаос. Ја поминав целата колекција. Исфрлив стари работи, сè останато го одвоив во категории и повторно ги ставив на ред. Сега сè е во ред“, раскажува поранешниот затвореник.
Кон крајот на казната, Ахметшин добил задача да го копа снегот во населбата. Градската управа ќе испрател возач, а тој бил придружуван од чувар кој „исто така со ентузијазам се фатил за лопата“.
За време на престојот во затвор, организацијата за човекови права „Меморијал“ го наведе како политички затвореник и ги охрабруваше луѓето да му испраќаат писма. Иако тој доби многу од нив, затворските цензори беа немилосрдни во врска со неговата пошта, и обично ги уништувала неговите писма.
„Беше забрането да се опишува секојдневниот живот или да се разговара за други затвореници или политички теми. Па, што би можел да напишам? Дека видов врана или осум мачки?“, прашува тој.
Многу од писмата што ги добил ги зел дома со себе кога го ослободиле.
„Сега ќе им одговорам на многу луѓе“, вети тој.
Ахметшин рече дека не може да си ги врати документите за лична идентификација додека не ја плати казната од 600 000 рубљи (6.500 долари) што му била изречена за организирање на неодобрени демонстрации во 2021 година. Тој рече дека не може да го плати тоа сега, но ако може, потоа би ја напуштил Русија.
„Овде, се чини, повеќето луѓе мислат поинаку од мене. Немам иднина со нив“, заклучува Ахметшин.