Достапни линкови

Претседателски избори во Русија: Промени или нов мандат за Путин


Актуелниот руски претседател Владимир Путин
Актуелниот руски претседател Владимир Путин

Во Русија ќе се одржат претседателски избори на 17 март 2024 година, на кои претседателот Владимир Путин, според ТАСС, кажал дека ќе се кандидира за уште еден мандат кој би можел да му ја обезбеди моќта најмалку до 2030 година, пишува Ројтерс.

Претседателските избори во Русија ќе се одржат на 17 март, а победникот ќе биде инаугуриран во мај.

Ќе се гласа и во, како што Русија ги нарекува, своите нови територии - деловите на Украина кои сега се под контрола на руските сили. Украина вели дека нема да мирува додека не го протера последниот војник од анектираните територии. Русија инсистира на тоа дека регионите сега се дел од Русија.

Колку гласачи има?

Право на глас во Русија имаат околу 110 милиони граѓани, но вообичаено гласаат околу 70-80 милиони од нив. Излезноста во 2018 година беше 67,5 отсто.

Колку долго може да владее рускиот претседател?

Путин, кому Борис Елцин му го предаде претседателството на последниот ден од 1999 година, веќе беше претседател подолго од кој било друг руски владетел од Јосиф Сталин, надминувајќи го дури и 18-годишниот мандат на Леонид Брежњев.

Рускиот устав од 1993 година, заснован на францускиот устав од 1958 година, некои на Запад го гледаа како чекор што ќе доведе до демократија во постсоветска Русија.

Првично беше прецизирано дека претседателот може да има два последователни четиригодишни мандати.

Амандманите од 2008 година го продолжија претседателскиот мандат на шест години, додека амандманите од 2020 година ја отстранија одредбата дека ниту едно лице не може да служи како претседател повеќе од два мандата „последователно“.

Амандманите, исто така, забранија цесија на која било територија.

Дали Путин ќе се кандидира?

Вчера руската државна агенција ТАСС го цитираше Путин „дека во кремљ кажал дека ќе се кандидира. И Ројтерс минатиот месец објави дека одлучил да се кандидира. Тој би бил сигурен во победата со поддршка на државата и нејзините медиуми.

Откако Путин беше назначен за вршител на должноста претседател од страна на Елцин на последниот ден од 1999 година, тој победи на претседателските избори во 2000 година со 53,0 отсто од гласовите и на изборите во 2004 година со 71,3 отсто од гласовите.

Дмитриј Медведев се кандидираше за претседател во 2008 година, а Путин беше премиер пред да освои 63,6 отсто од гласовите на претседателските избори во 2012 година и 76,7 отсто во 2018 година.

Демократија или диктатура?

Западот го гледа Путин како воен злосторник и диктатор, иако анкетите покажуваат дека тој има 80 отсто поддршка - повеќе отколку пред војната во Украина.

Кремљ вели дека Путин ужива огромна поддршка од рускиот народ, дека Русија не сака да и се предава за демократијата од Западот и дека ниту еден политичар на Запад не ужива слично ниво на поддршка како Путин.

Што велат набљудувачите на изборите?

Во 2018 година, Мисијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) ги набљудуваше изборите.

„По интензивните напори за промовирање на излезноста, граѓаните гласаа во значителен број, но ограничувањата на основните слободи на собирање, здружување и изразување, како и регистрацијата на кандидатите, го ограничија просторот за политички ангажман и резултираа со недостаток на вистинска конкуренција. Додека кандидатите генерално беа слободни во кампањата, опширното и некритичко покривање на актуелниот претседател во повеќето медиуми резултираше со нееднаков третман. Генерално, денот на изборите беше спроведен на уреден начин и покрај недостатоците поврзани со тајноста на гласањето и транспарентноста на гласањето“, пишуваат тие.

Голос, независно движење за следење на гласовите, беше под притисок од властите во последните месеци.

Голос рече дека таквите напади, вклучително и притворањето на нивните водачи, имале за цел да го спречат јавното набљудување на претседателските избори.

Кој друг (ќе) може да се кандидира?

Путин ќе се соочи со мала вистинска конкуренција. Во 2018 година, човекот кој се најде на второто место, комунистичкиот тајкун Павел Грудинин, поранешен поддржувач на Путин, освои помалку од девет милиони гласови, или само 11,8 отсто од гласовите.

Според официјалните резултати, Путин освоил над 56 милиони гласови.

Најпознатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални е во затвор, па не може да се кандидира за претседател.

Навални ја осуди Путиновата Русија како држава управувана од крадци и криминалци.

Провоениот руски националист Игор Гиркин, кој е во притвор и го чека судењето за поттикнување екстремизам, во ноември изјави дека сака да се кандидира за претседател иако сфатил дека изборите во март ќе бидат „измама“ со јасен победник.

На изборите во 2018 година, покрај Путин и Грудинин, се кандидираа уште шестмина, меѓу кои националистот Владимир Жирновски, кој почина во 2022 година, Ксенија Собчак, која е ќерка на поранешниот шеф на Путин во Санкт Петербург; и Григориј Јавлински, руски економист кој стана опозициски политичар.

XS
SM
MD
LG