Почнува министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје

илустрација

Во Скопје денеска започнува Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.

На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста, присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ - САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.

Состанокот започна со неформалната вечера синоќа (29 ноември) на која меѓу другите, присуствуваа и државниот секретар на САД Ентони Блинкен и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, кои си заминуваа непосредно по вечерата.

Тие се разминаа со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој во Скопје пристигна доцна синоќа. Средба на Блинкен со Лавров не беше најавена, а и Борел пред доаѓањето изјави дека нема да разговара со рускиот министер за надворешни работи.

Видете и ова: „Триумфот“ на Русија на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје

Блинкен во Скопје го пречека премиерот Ковачевски, а имаше средба и со министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи. На двете средби Блинкен ја потврди американската поддршка за членство на земјава во ЕУ и го истакна придонесот на земјава како НАТО-сојузник.

„Морам да ви кажам колку сме благодарни на вашето претседавање со ОБСЕ во многу тежок период. Завршивте исклучително добра работа, успеавте да ја проширите мисијата на ОБСЕ и покрај значителните пречки. Знам дека бевте подготвени да продолжите, но мило ми е што Малта ја преземе палката“, рече Блинкен.

Тој нагласи дека САД силно ја поддржуваат нашата европска интеграција, работата за зајакнување на демократските институции, за поголема енергетска диверзификација во регионот и пошироко.

„Во сето ова можете да сметате на САД како силен партнер и затоа една од причините поради кои сум тука оваа вечер не е само заради ОБСЕ туку и за Северна Македонија и да покажам колку го цениме партнерството кое го имаме“, нагласи Блинкен кој е првиот државен секретар на САД кој ја посетил земјава.

Видете и ова: Блинкен и Лавров нема да се сретнат во Скопје

Борел пак на заедничката прес-конференција со Ковачевски порача дека Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје ќе биде добра прилика министерот за надворешни работи на Русија Лавров, да чуе директно од учесниците зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да пренесе дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија.

„Вашата одлука да дозволите Лавров да учествува е во согласност со нашата заедничка цел да го одржиме мултилатерализмот жив и Лавров треба повторно да слушне од сите зошто ја осудуваме Русија и зошто ја изолираме. Ова е добра прилика за него да чуе директно од учесниците на овој состанок зошто Русија е осудена и изолирана, а потоа ќе може да се врати во Кремљ и да му каже на господарот на Кремљ дека ЕУ и ОБСЕ остануваат обединети во осудувањето на агресивното и незаконско однесување на Русија. Тоа ќе биде навистина многу корисно од оваа гледна точка“, рече Борел по средбата со премиерот Ковачевски.

Видете и ова: Борел- Добро е Лавров да слушне зошто е Русија изолирана и санкционирана

За доаѓањето на шефот на руската дипломатија Лавров, земјава и Бугарија времено ги суспендираа санкциите воведени од ЕУ за прелети на руски авиони поради руската агресија на Украина.

По потврденото присуството на Лавров, форумот решија да го бојкотираат министрите за надворешни работи на Украина Дмитри Кулеба и на балтичките земји - Естонија, Летонија и Литванија. Ним синоќа им се придружи и Полска.

Русија константно ја опструира работата на ОБСЕ во која се одлучува со консензус блокирајќи повеќе одлуки што беа од нејзин интерес. Досега неколку пати стави вето на кандидатурата на Естонија за претседавач во 2024 година, го блокираше буџетот на организацијата, стави вето и за теренските мисии во Украина.


Министерскиот совет во Скопје ќе го означи крајот на едногодишното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ. Нов претседавач ќе биде Mалта откако во понеделникот беше постигнат компромис меѓу земјите-членки по ветото од Русија и Белорусија за Естонија.

Министрите за надворешни работи во Скопје ќе разговараат и за прашањето на буџетот на Организацијата, како и за мандатите на четворица високи функционери на ОБСЕ, вклучително и германската дипломатка Хелга Шмид како генерален секретар. Нивните мандати истекуваат на 4 декември, а се уште нема договор дали и кој ќе ги наследи, поради забелешките на Русија и Белорусија.

Министерскиот совет на ОБСЕ ќе го следат над 300 новинари од земјава и од странство. Поради одржувањето на министерскиот состанок, со одлука на Владата, вработените во државната и јавната администрација на територијата на градот Скопје вчера работеа до 12 часот, а денеска е неработен ден како за државната и јавната администрација, и за основните и средните училишта на подрачјето на главниот град. Дел од сообраќајниците низ градот по кои ќе минуваат странските делегации и денеска ќе бидат затворени за сообраќај.