Можно одложување на Планот за раст за Западен Балкан поради неусогласеност во ЕУ

илустрација

Европскиот Парламент и Советот на Европската Унија (ЕУ) сè уште не успеале да се договорат за конечниот текст на одлуките за Планот за раст за Западен Балкан.

Европските институции се под голем временски притисок, бидејќи во април ќе се распушти Европскиот Парламент, а за таа одлука неопходна е и согласност од тие институции. Доколку следната недела не се постигне договор, постои ризик за усвојувањето на Планот за раст за земјите од регионот да се чека зимата.

За да почне распределбата на парите оваа година, ЕП треба да гласа во април. Неофицијално дознаваме дека иако позициите се доближени, сепак тие не се целосно усогласени.

Новата и последна рунда преговори меѓу институциите ќе се одржи на 4 април. Тоа е датумот кога треба да се постигне целосна согласност за текстот на одлуката. Инаку, одобрувањето на Планот за раст за регионот треба да се чека до зима, бидејќи наесен ќе се формираат нови структури на институциите на ЕУ по европските избори што ќе се одржат во јуни.

Поради изборите за Европскиот Парламент (ЕП), последната пленарна седница ќе се одржи од 21 до 24 април. Гласањето за Планот за раст беше планирано за последната пленарна седница.

Но, пред гласањето на пленарната седница, текстот на договорот за Планот за раст треба да се договори со Советот на ЕУ, потоа овој текст да биде одобрен од буџетските и надворешнополитичките комитети на ЕП.

Високи функционери вклучени во меѓуинституционалните преговори за планот за раст за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека желбата е првите исплати да бидат извршени во втората половина на оваа година.

„Ако не се постигне договор меѓу Советот на ЕУ и Европскиот Парламент, тогаш овој наш план ќе биде загрозен“, изјави еден европски дипломат за Радио Слободна Европа.

Што го попречува донесувањето одлуки?

Улогата на овие институции во процесот на одобрување финансиски средства е главниот камен на сопнување во процесот на усогласување на текстот на конечната одлука, велат добро упатени извори кои се запознаени со процесот.

Видете и ова: Балканските лидери во Скопје - Планот за раст како тест за зрелост и соработка

Имено, Советот на ЕУ, кој се состои од 27 членки на Европската Унија, сака да го има главниот збор кога станува збор за прифаќање на реформската програма, додека пак и Европскиот Парламент инсистира да ја има истата улога.

Според предложениот план, за земјите од регионот да бидат корисници на финансиски средства од Планот за раст, мора да докажат дека иницирале одредени реформи. Дури откако ќе се потврди дека реформите се во вистинска насока, ЕУ одлучува за исплатата.

Што е планот за раст?

Планот за раст за Западен Балкан беше претставен од Европската Комисија во ноември 2023 година.

Тој изнесува шест милијарди евра, од кои две милијарди се во форма на грантови, додека останатите четири милијарди се во форма на заеми со поволни услови.

Целта на Европската Комисија е да ја удвои економијата на регионот во следните десет години.

Планот за раст за Западен Балкан се заснова на четири столба.

Тие имаат за цел да ја подобрат економската интеграција на партнерите од Западен Балкан со единствениот пазар на ЕУ, да ја поттикнат економската интеграција во регионот преку заеднички регионален пазар, да ги забрзаат основните реформи и да ја зголемат финансиската помош преку Инструментот за реформи и раст на Западен Балкан.

За да може Планот за раст да биде правно обврзувачки неопходна е согласност од сите институции на ЕУ, кои продолжуваат со таканаречениот „трилог“ за усогласување на конечниот текст.

Видете и ова: Многу пари, но и многу услови во европскиот план за Западен Балкан

Пред почетокот на „трилогот“, како што се нарекуваат преговорите меѓу Парламентот, Советот и Европската Комисија, секоја институција го одобрува својот став и мандат за тие преговори.

Исплата само со потврда дека се исполнети условите

Сите три институции на ЕУ инсистираа земјите од регионот да исполнат низа од не толку лесни критериуми за да го искористат пакетот финансиска помош.

Меѓу нив се основните критериуми кои важат подеднакво за сите земји-членки. Тие се однесуваат на владеењето на правото, почитувањето на принципите на демократијата, институционалните реформи и преземањето на неопходните чекори за да се осигура дека средствата нема да се злоупотребат.

Покрај критериумите поврзани со реформите и владеењето на правото, постојат и критериуми од политички карактер.

За Косово и Србија постои „уште еден услов“ поврзан со напредокот во процесот на нормализација на односите.

Преовладува ставот дека санкциите не треба да бидат предуслов. Усогласувањето со надворешната политика исто така ќе игра важна улога во распределбата на средствата, иако не и клучна.

Изворите на РСЕ потврдија дека во овој поглед е надминато несогласувањето меѓу институциите.

Додека Европскиот Парламент инсистираше усогласувањето со надворешната политика, вклучително и санкциите против Русија, да биде предуслов за распределба на финансиските ресурси, преовладуваше ставот на другите институции, кои се залагаа за очекувања на земјите од регионот да се прилагодат на надворешната политика и неексплицитен предуслов.

Оптимизам дека Планот за раст сепак ќе биде донесен навреме

И Европскиот Парламент и Советот на ЕУ веруваат дека ќе се надминат разликите во однос на улогата на институциите на ЕУ во управувањето со планот за раст и реформи за Западен Балкан. Официјалните лица вклучени во процесот веруваат дека има простор за оптимизам дека сите процедури ќе бидат завршени во текот на следните два месеци за планот конечно да биде одобрен оваа пролет.

„Со ова ќе испратиме јасна порака до земјите од регионот дека сакаме да им помогнеме во реформите и економскиот раст и на тој начин побрзо ќе бидат подготвени за интеграција во ЕУ“, изјави еден претставник на ЕУ.