Метеоролошките најави за стартот на пеколно летни температури, полека го вклучуваат и алармот за ризикот од пожари. Во моментов, државата располага со еден од вкупно трите ер-трактори кои ги поседува. Другите два, полетале во Шпанија на редовно годишно сервисирање.
Според Бирото за јавни набавки, Дирекцијата за заштита и спасување на 20 април 2023 година објавила оглас, а на 12 мај 2023 година склучила договор со шпанската компанија Титан Фајрфајтинг (Titan Firefighting Company S.L.) за поправка и сервисирање на авионите и резервни делови. Вредноста на договорот изнесува 23.388.620 денари или 380.302 евра.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, смета дека објавата на тендерот не е задоцнета и дека двата ер-трактори се очекува да се приземјат на македонско тло, како што вели, најдоцна за 10 дена.
„Нашите служби од Агенција за цивилно воздухопловство и од ДЗС, чекаат да заминат да ги видат работите што се завршени и за краток временски период треба да се вратат во државата. Станува збор за редовно годишно сервисирање, бидејќи треба да се следи динамика. Не може сите три авиони да не бидат тука, а може да има потреба од авион да има пожар во земјава. Од друга страна, ние соработуваме со само еден оператор и тој ги наложува и моментите кога се случува сервисирањето. Без оглед и да бил потпишан договорот во јануари, договорот ќе биде потпишан кога тие ќе можат да ги преземат. Верувајте дека оваа година се направени најдобрите можни решенија“, одговара директорот Максути за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Македонија ги губи шумите во пожари - има ли систем за превенција?Недостиг на пилоти
Но, дури и во најлошото можно сценарио и трите ер-трактори да бидат ставени во функција на гасење пожари, тоа ќе претставува проблем за Дирекцијата за заштита и спасување. Причината за тоа е што во моментот има недостиг на пилоти, бидејќи кадарот е преполовен. За секој авион се потребни по најмалку 3 пилоти. Во моментов има четворица, а треба да бидат вкупно девет. Максути вели дека Дирекцијата за заштита и спасување веќе се обратила до Владата, барајќи да се најде долгорочно решение за ситуацијата.
„Побаравме од Влада да се обезбедат нови пилоти. Но, тоа е многу тешко. Нема ни во приватниот сектор. Пилотите се многу скапа работа моментално. Сепак, за нашите потреби тоа не се обични пилоти. Тие треба да имаат завршено пилотска школа. Треба да имаат посебни сертификати, но, дополнително после тоа, треба да поминат обука за управување со ваквите авиони“, објаснува Максути.
И директорот на ДЗС, но, и директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, тврдат дека годинава, државата е многу поподготвена за справување со пламените јазици, во споредба со минатите години. И двајцата се на ставот дека сезоната на пожари во Македонија во принцип започнува во почетокот на август. Иако, минатогодишните пожари во истокот на земјава, започнаа на 21 јули 2022 година и беа ставени под контрола на 8 август 2022 година. Според Ангелов, вегетацијата е влажна и се уште во овој момент опасноста од пожари е на многу ниско ниво.
„ЦУК е целосно подготвен за координација на пожарите кои престојат во периодот, за кој јас се надевам дека нема да бидат во голем број, но големата вегетација која поради дождовите е изразито силна и бујна, набргу ќе биде целосно исушена. Тоа ќе биде лесно запалив материјал и „гориво“ за почеток на големи пожари кои понатаму ќе навлегуваат во шумите. Но, за разлика од претходните години, на располагање имаме значителни ресурси кои може да ги упатиме на разни места во државата доколку се појави сериозен шумски пожар“, вели Ангелов.
Со каква опрема располага државата?
Ланските пожари во Северна Македонија, генерално, се гаснеа со помош на други земји, меѓу кои Австрија, Словенија, Романија, Србија, Бугарија, чии пожарникари и лично допатуваа да учествуваат во справувањето со огнената стихија. Доопремувањето на македонските противпожарните бригади, кои кубурат и со кадар и со противпожарни возила кои се стари и по 70 години, во најголем дел се покриваше со донации од истите држави.
Пожарите во 2022 година пеплосаа десетици илјади хектари на шума, од кои повеќе од 4.000 хектари само во Берово, Пехчево и Делчево. Вкупната материјална штета беше од сите шумски пожари беше проценета на 38 милиони евра. За обнова на шумскиот фонд, ќе бидат потребни децении.
Видете и ова: Треба ли да „изгориме“ за да им се купи опрема на пожарникарите?Бројот 112 непознат за граѓаните
Единствениот европски број за итни ситуации 112 се користи на територија на цела Европска унија. Од почетокот 2022 година, профункционира и во Северна Македонија преку Центарот за управување со кризи. Бројот 112 служи за пријавување опасност при пожари, сообраќајни несреќи или за потреба од брза помош. Без оглед на тоа од кој дел на државата се јавувате, операторите по добивањето на повикот може да ја видат локацијата од која се јавува лицето кое бара помош и го пренасочува во еден од шесте регионални канцеларии кои работат во внатрешноста на државата.
На бројот 112 има околу 2.000 јавувања дневно. Но, според неодамнешната анкета која ја направи ЦУК, објавена на 10 јуни, покажува дека 55 насто од примените повици се непродуктивни, лажни, злонамерни или станува збор за повици по грешка. Само 45 насто од повиците се реални, кои операторите ги пренасочуваат кон МВР, брзата помош или локалните противпожарни бригади, или пак кон секторот за операција и координација при ЦУК, по што соодветните служби преземаат дејствија.
На прашањето дали граѓаните слушнале за бројот 112, само една третина, односно 37,4% одговориле потврдно, додека две третини од испитаниците или 62,6 насто одговориле дека не го знаат овој број. Најголем дел од испитаниците или 58 отсто кога ќе наидат на опасност најпрво би се јавиле во полиција на 192, а 18,3 отсто не знаат каде треба да се јават.
„Треба да работиме на уште посилна кампања за зголемување на свесноста на граѓаните за постоењето на бројот 112, но, постојат формални пречки. Знаете дека ставот на Владата е да нема платени реклами во медиумите. Тоа ни отежнува поголема присутност во медиумите и ни остануваат само прес-конференциите преку кои ги повикуваме граѓаните да се јавуваат на бројот 112“, вели Ангелов.
Анкетата за потребите на ЦУК е спроведена од 29 мај до 2 јуни 2023 година на репрезентативен примерок од 1 067 испитаници од страна на агенцијата „Маркет вижн“.