Човек на возраст од 81 година од Скопје, кој живее во Кисела Вода заврши во притвор пред речиси две недели за тоа што е осомничен дека извршил „други полови дејствија врз дете кое не наполнило 15 години“. Како што известија од обвинителството искористил прилика во која 9-годишно девојче побарало од него услуга бидејќи бил нејзин сосед, но тој ја повикал во својот дом во Кисела Вода и таму ја допирал.
Името на овој човек нема да можете да го најдете на сајтот кој е всушност Регистар на педофили бидејќи таму се објавуваат само оние кои имаат правосилна судска одлука. Тој беше создаден пред единаесет години по донесувањето на закон за регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, а целта беше да се обезбеди заштита на децата со тоа што ќе бидат достапни информациите за луѓе кои е можно да живеат во нивна близина, а кои се или биле осудени педофили.
Пребарувањето на регистарот може да се врши по име и презиме, адреса или населено место, а се објавени фотографии од осудените, нивното место на живеење и казната која ја добиле. Од Министерството за труд и социјална политика кое е надлежно велат дека се работи на промена на законот за регистарот поради измените на кривичниот законик кои се случија на почетокот на годинава, а со кој се интервенираше и во членовите поврзани со сексуална злоупотреба на деца.
Видете и ова: Родителите сè помалку молчат за педофилијатаНа регистарот нема податоци кога е последното ажурирање, но од Министерството велат дека токму денеска е внесен нов осуденик поврзан со делата за сексуална злоупотреба на деца. Сепак не откриваат детали за кој случај станува збор. За сега нема промени во регистарот со дела по новиот Кривичeн закон бидејќи нема правосилна пресуда, велат од Министерството, но и поради тоа што мора да се направат измените на Законот за регистар кој е врзан со измените на КЗ поради променетите дела.
„Со оглед дека се направени измени на Кривичниот закон во овој дел, во тек е подготовка на измени на овој закон заради усогласување со измените на Кривичниот закон. Со воведување на Посебниот регистар се воспостави единствена евиденција и се создаде база на релевантни податоци кои може да се користат за следење на проблематиката, компарирање, основа за подобрување на законските решенија, како и за работа на полето на превенција од сексуална злоупотреба на децата“, велат од министерството.
Во 2018 та година медиумите објавуваа дека веќе подолго време е „паднат“ сајтот на регистарот, а причината тогаш беше дека не се одржува редовно. После медиумскиот притисок повторно беше ставен во употреба.
Од првата детска амбасада „МЕЃАШИ“ велат дека и покрај тоа што повеќе од десет години се објавуваат осудените педофили во регистарот, нема намалување на бројот на деца жртви на педофилија и родосквернавење.
„Регистарот не помогна толку колку што очекувавме. Напротив, ја влоши и онака ранливата структура на деца кои најчесто се жртви на роднини, пријатели, а многу често и на семејството. Тој уште повеќе ја влоши состојбата поради тоа што детето жртва треба јавно да сведочи што му направил неговиот татко, вујко, чичко, пријател, кој потоа треба да биде објавен на Интернет, и на тој начин да биде жигосано целото семејство“, вели Драги Змијанац, директор на „Меѓаши“.
Од друга страна Министерството тврди дека тоа е позитивна мерка за безбедност на сите деца бидејќи на овој начин се врши примарна превенција и јакнење на свеста за можните последици, санкции и спречување на потенцијалните сторители. Сепак фејсбук групата и страницата stop-pedofilija.org.mk одамна не функционираат односно одамна не се ажурирани.
Законот за Регистарот претрпе промени во 2014 година кога мораше да биде усогласен со тогашните промени на Кривичниот законик кои исто така беа поврзани со делата кои се однесуваа на сексуална злоупотреба на малолетници и педофилија. Во него уште се вели дека педофилите кои излегле од затвор не смеат да се приближуваат до места во кои престојуваат деца, како игралишта, училишта, градинки, но и дека после 10 години од излегување од затвор, ако не го повториле делото смеат да побараат да се избришат нивните податоци од регистарот.
Се зголеми старосната граница за „дете“, за прв пат се воведе „силување“ на дете
Во февруари годинава пратениците ги изгласаа промените на Кривичниот законик со кои беше воведено ново дело „Силување на дете кое не наполнило 15 години“ чиј назив претходно беше “Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“. Со измените дел од членовите на работната група која работеше на законот велат дека всушност се променило целото битие на членот 188.
Ако се погледнат измените може да се види дека старосната граница за „дете“ е зголемена за една година, па така ако до сега за „педофилија“ беа казнувани луѓе кои злоупотребиле малолетник на возраст до 14 години, од февруари за истото дело се казнува злоупотреба на дете кое не наполнило 15 години. Но, од друга страна ако порано за обљуба или друго полово дејствие врз малолетник кој не наполнил 14 години, се казнуваше со казна затвор од најмалку 12 години, сега минималната казна е 8 години.
Членови на работната група велат дека ова е поради одредени групи на граѓани кои тешко се одрекуваат од својата традиција да склучуваат брак малолетни, што по тоа ги полни обвинителствата и судовите со дела поврзани со сексуална злоупотреба на малолетници. Велат дека со ова на судот му е дозволена индивидуализација на случајот и судијата е тој кој ќе процени колкава би требало да биде казната во предметот.
Видете и ова: Украинскиот Парламент одобри хемиска кастрација на педофилиИсто така со измените за прв пат се прецизираат детали за начинот на кој се извршило дејството, а и за прв пат се воведе терминот „силување на дете“, па така сега во член 188, став 1 се вели :
„Тој што ќе изврши полов однос или друго со него изедначено полово дејство што се состои во вагинална, анална или орална пенетрација, со кој било дел од телото или предмет во телото врз дете кое не наполнило 15 години, ќе се казни со затвор од најмалку осум години“, пишува во членот од законот.
Токму називот на делото, но и описот започнало да им пречи на родителите чии деца се злоупотребени, велат обвинители кои работат на овие случаи, а со кои разговараше Радио Слободна Европа. Велат дека тоа е особено истакнато кога медиумите известуваат за овие настани бидејќи се работи за многу сензитивни случаи.
Во моментов тим од кривичари работи на создавање на целосно нов Кривичен законик. РСЕ имаше увид во делот од членовите поврзани со сексуална злоупотреба на дете и таму не се предвидени промени во делото „Силување“, освен што наместо член 188 сега ќе биде член 246. Предлог е да се воведе и нов член 247 „Наведување дете на полови дејствија“, со кој се предвидува исто така минимална казна од 8 години затвор. Максималната казна пак останува 20 години затвор.
Во пандемиската 2020 година „педофилијата“ во пораст
Ако се погледнат статистичките податоци за делата поврзани со сексуална злоупотреба на деца може да се забележи дека во 2020 година кога корона кризата беше во полн ек всушност бројот на случаи пораснал речиси за двојно. Вкупно 43 луѓе биле пријавени во обвинителството, биле поднесени 25 обвиненија и имало 6 пресуди. Во 2021 та имало пријавено 25 луѓе, а додека лани 29 случаи со сексуална злоупотреба на малолетници.
Но, во овие години бројот на пресуди се зголемил па така во 2021 година имало 18, а во 2022 вкупно 19 пресуди за дела против со педофили. Од обвинителстовто велат дека е прерано да се подготви статистика за оваа година, а исто така и за тоа колку истраги има по изменетиот КЗ.
„ Со оглед на краткиот временски период од стапувањето на сила на законските измени не сме во можност да обезбедиме прецизна статистика од сите обвинителства. Според електронскиот систем на подрачјето на скопското обвинителство од почетокот на важењето на овие измени заклучно до 15.10.2023 година се донесени вкупно 4 наредби за истрага против осомничени за кривично дело - Силување на дете кое не наполнило 15 години“, велат од обвинителството.
Инаку измени на кривичниот законик од февруари беа изработени поради усогласувањето на законодавството со целите на „Истанбулската конвенција“ на ООН со кои се воведоа и измени во делот на семејно насилство и се воведоа делата „Демнење“ и „Сексуално вознемирување“. Новиот Кривичен законик пак се уште е во работна верзија и чека да ги помине сите филтри од меѓународните институции.