За помалку од една недела истекува банкарската гаранција од 1,4 милиони евра на грчката компанија „Архидрон“ која покажа интерес да ја гради хидроцентралата Чебрен вредна милијарда евра. Рокот за потпишување на договорот е продолжен до средината на јануари, додека да заврши жалбената постапка, по која одлука ќе треба да донесе грчкото електростопанство дали ќе ја гради или не хидроцентралата.
Министерката за животна средина Каја Шукова неодамна изјави дека според македонските закони грчката фирма мора прво да добие концесија за вода, а потоа да се потпише договор за концесија. Токму тоа е предмет на жалбената постапка на грчката државна компанија.
„Ние ќе се држиме на она што го регулираат нашите закони и ќе биде информирана компанијата. Нивната банкарска гаранција е до крајот на годината и ако ја продолжат, ќе значи дека ќе продолжи процесот, ако не се продолжи банкарската гаранција, автоматски ќе се прекине процесот“, изјави неодамна Шукова во телевизиска емисија и додаде дека до крајот на неделава ќе има информации во која насока ќе оди постапката.
Додека се чека одговорот на прашањето дали по 14-ти пат ќе пропадне тендерската постапка за изградба на еден од најголемите енергетски проекти во земјава, економските аналитичари порачуваат државата да размисли и изнајде начин сама да инвестира во изградба на реверзибилна хидроелектрана Чебрен, затоа што таков проект е неопходен и профитабилен за државата.
Јовановиќ - Политичарите сакаат лично да профитираат од Чебрен
Економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, кој беше и дел од Министерството за финансии, вели дека од финансиска гледна точка, Северна Македонија апсолутно има капацитет да го изгради Чебрен самостојно. Неговите пресметки, направени според сегашниот проект што се пласира за седумгодишна изградба на хидроцентралата покажуваат дека се потребни околу 150 милиони евра годишно од државниот буџет. Јовановиќ вели дека тие пари можат „многу комотно да се обезбедат од државниот буџет“, кој последните две години е околу 5, 5 милијарди евра.
„Во буџетот за 2023 година, ќе останат неискористени околу 250-300 милиони евра предвидени за капитални инвестиции – на почетокот од годината се предвидоа 800 милиони евра, а заклучно со ноември се реализирани околу 500 милиони“, вели Јовановиќ.
Тој додава дека слична состојба ќе биде и догодина, што значи дека и во сегашниот и следниот буџет има доволно пари за да се почне со градење на Чебрен, тие пари за кратко време ќе се вратат, затоа што производството на струја е многу профитабилен бизнис, кој ќе станува уште попрофитабилен во наредните години и децении.
„Токму тука мислам дека лежат причините зошто ниедна влада досега не сакала да го гради Чебен како државен проект. Сите сакаат да влезат во проектот како приватни инвеститори, на еден или друг начин, за потоа тие лично да профитираат од него, наместо да профитира државата“, вели Јовановиќ.
Проект планиран од пред 60 години
За енергетски проект на Црна Река прв пат се прават планови уште во 1963 година, и оттогаш Електростопанство на Македонија , според неколкуте идејни проекти, е главниот инвеститор во изградба на хидроцентрала, но само на хартија. Во 1964 година е изградена хидроцентралата Тиквеш додека другите две, Чебрен и Галишете останаа само како проекти на хартија. Конечениот и ревидиран проект со инвестициска рамка е направен во 1990 година, кој остана нереализиран во наредните децении.
Првиот тендер за јавно-приватно партнерство за изградба на хидроцентралата Чебрен се појавува во 2006 година и до сега пропаднаа вкупно 13 тендери.
Директорот за развој и инвестиции во АД ЕСМ, Виктор Андонов минатата недела изјави дека интенцијата на сите влади досега била да се додели на странски партнер „поради лесната достапност до финансии, комплексноста на проектот и стекнувањето на нови знаења“.
Според последните владини прогнози за изградба на реверзибилна хидроцентрала „Чебрен“ со инсталиран капацитет од 333 мегавати потребни се инвестиција од милијарда евра и седум години за изградба откако ќе заврши процесот со проектирање и обезбедување на потребната документација. Тоа значи дека ако се изгради Чебрен таа ќе биде во можност покрај конвенционалната улога на хидроелектрана да овозможи и складирање и управување со електричната енергија.
Претседателот на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, професор Константин Димитров вели дека мора итно да се инвестира во домашно државно производство на струја.
„Ако странци овде отвораат енергетски капацитети, ние не добиваме ништо со тоа, зашто струјата повторно треба да ја купиме од нив по пазарна цена“, вели тој.
Видете и ова: Меѓународни кредитори со 4 милијарди евра ќе го помагаат откажувањето од јагленДел од инженерите инсистираат државата да го изгради Чебрен
Државата мора брзо да преземе мерки, затоа што според амбициозно претставениот план пред ЕУ, до 2030 година треба да се спроведе енергетска транзиција од јаглен кон обновливи извори. Тоа значи дека до 2030 година производството на електрична енергија од јаглен треба да биде сведено на нула.
Падот на производството ќе го забележиме уште во 2026 година, кога согласно со потпишаниот Париски договор, треба да престане со работа ТЕЦ „Битола 1“, тврди професорот Дејан Трајковски од Здружението на инженери.
Тој вели дека инженерите инсистираат државата да инвестира во изградба на хидроцентралата „Чебрен“, за целата добивка да остане во државата.
Самата физичка изградба може да ја врши странска компанија, иако поголем раст на македонскиот Брутодомашен производ ќе се забележи ако тоа го прави домашна компанија, додава тој.
„Изградбата секако би се вршела на кредит, со 15 отсто учество, односно само околу 85 милиони евра. Отплатата би се вршела од продадената електрична енергија, исто како што би правеле и Грците. Затоа нема потреба тие да ни земаат 67 проценти од приходите, а особено не една милијарда денешни евра од енергијата на ХЕ „Тиквеш“ во идните 60 години, што би претставувала чиста загуба за нас“, вели Трајковски за Радио Слободна Европа.
За споредба, од почетокот на годинава до сега државата одвои 230 милиони евра за изградба на коридорите 8 и 10д, за конзорциумот „Бехтел и Енка“, без притоа да биде готов проектот, ниту пак да е почнато со градба на терен.
Дополнителна споредба може да се направи со парите кои минатата зима ги потроши Владата за справување со енергетската криза. За набавка на струја, мазут, јаглен и справувањето на ЕСМ со ТЕТО беа потрошени 217 милиони евра од државниот буџет.
Видете и ова: Енергетската криза „изеде“ една гасна централаИли за справување со кризата минатата зима се потрошени 20 до 30 отсто од парите колку што би чинел проектот за хидроцентралата Чебрен.
Парите се потрошени, а земјава сè уште е енергетски сиромашна и со сите извори на енергија обезбедува околу 70 отсто од потребите, другото го увезува.
И Димитров и Трајковски делат ист став, дека и досега државата имала и капацитети, а и пари сама да инвестира во изградба на хидроцентралата и да не бара дополнителни странски партнери.
„Во минатото не постоеше толкава потреба од реверзибилни хидроелектрани, но со појавата на фотонапонските електрани и потребата за складирање на енергијата, станаа актуелни и во иднина нема да можеме без нив. Освен тоа, цената на електричната ененергија во последниве неколку години многу се зголеми, што дополнително влијаеше на исплатливоста“, вели Трајковски.
Но, сите Влади од 2006 до сега распишуваа меѓународен тендер и бараа странски инвеститор за Чебрен.
Колку е исплатлив Чебрен?
Како главен адут на властите против самостојна изградба на хидроцентралата „Чебрен“ се посочува студијата на германската консултантска куќа Фихтнер (Fichtner) од 2016 година, според која електраната е на самата граница на исплатливост или дури е неисплатлива.
Но, Трајковски посочува дека причината за неисплатливоста е најдена во малиот годишен проток на Црна Река, но потценета е профитабилноста од складирањето на енергијата која веројатно не е е земена в предвид а складирањето, пак, не зависи од протокот на реката.
„Да не зборуваме повторно за непроценливата важност на „Чебрен“ за врамнотежување на идниот електроенергетски систем базиран на фотоволтаици и ветерни електрани“, вели тој.
Во меѓувреме се отвара можност во земјава во наредниве седум години да влезат 3 милијарди евра од ЕБРД наменети за енергетска транзиција.
Тоа значи дека државата ќе може со грантови и заеми од Европската банка за обнова и развој исполнувајќи го критериумот за обновлив извор на енергија со капацитет од 1700 мегавати да вложи во неколку енергетски проекти, кои ќе се однесуваат на зголемување на капацитетите на обновливи извори на енергија.
Северна Македонија има за цел да го зголеми учеството на обновливи извори на енергија во бруто финалната потрошувачка на 38% до 2030 година, се вели во соопштението на Министерството за економија.
Со цел да се постигне овој процент, според зеленото сценарио од Националниот план за енергија и клима (НПЕК), потребно е да се постигне значителен пораст во инсталираниот капацитет од обновливи извори до крајот на 2030.
Македонските потрошувачи се зависни од увоз на струја. Ова дојде до израз минатата зима, кога цените на струјата на европските берзи драстично се зголемија, па земјава купува неколку пати поскапа струја од таа што ја плаќаат потрошувачите.
Доколку се изгради хидроелектраната Чебрен, таа треба да произведува струја речиси колку што произведуваат другите хидроцентрали во земјава заедно. Северна Македонија сега користи само една четвртина од својот хидропотенцијал за производство на струја. Со инвестиции во оваа централа, државата, која е зависна од увоз на струја, може да обезбеди релативно достапна струја во наредните децении.