Општина Центар се уште не донела одлука за барањето на жителите на улицата „Питу Гули“ на Водно за поништување на одобрението за градба на фирмата „Маркеза“, која на местото на шумата треба да гради објект за домување.
Жителите на Водно, како што пишуваше РСЕ, се жалат до општината на
веродостојноста на документацијата, дека е пробиена максималната катност, до парцелата нема пристапен пат и според нив, не е јасно како на инвеститорот ќе му се овозможи поставување на водоводна, фекална и атмосферска канализација и друга инсталација, при што објектот е со друга намена, а основниот проект содржи грешки и недостатоци.
Последниот аргумент на жителите поднесен на 1 април како дополнение на барањето до општина Центар за поништување на дозволата за градба е дека Маркеза приложила фиктивен елаборат. И покрај тоа што е поминат законскиот рок од 30 дена, односно до 1 мај, од општината за РСЕ велат дека се уште постапуваат по барањето.
„Во врска со прашањето за огласување на управен акт за ништовен на одобрението за градење на ДТУ Маркеза, Ве информираме дека Секторот за инспекции на Општина Центар сѐ уште постапува по барањето“, наведуваат од општина Центар.
Жителите ги застапува адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска вели дека законскиот рок за донесување на било каков управен акт е 30 дена. Но, како што додава законот дозволува во сложени предмети рокот да биде продолжен, но, не подолго од дополнителни 30 дена.
„За продолжување на рокот општината е обврзана да не извести. До денес немаме примено такво известување, а имаме поднесено ургенција за побрзо постапување по предметот“, вели Јошевска Анастасовска.
Продолжениот рок истекува на 1 јуни.
Видете и ова: Плац по плац, отиде половина Водно
Маркеза се откажала од сечата на дрвја
Фирмата, како што информираат од Град Скопје, на 1 декември минатата година поднела барање за сеча на дрвјата на парцелата врз основа на издаденото одобрение за градба. Но, по речиси три месеци се премислила, односно на 24 февруари годинава го повлекла барањето.
Маркеза претходно по извршениот инспекциски надзор од Град Скопје на 3 јануари годинава, беше казнета бидејќи извршила сеча на дрвја на парцелата, како што алармираа и жителите, без одобрение. Град Скопје, согласно Законот за урбано зеленило, ја казни фирмата и нејзиниот управител со 1300 евра, кој биле подмирени.
Во меѓувреме во општина Центар сменет е и раководителот на секторот за урбанизам, кој е надлежен за приемот на документацијата и нејзината веродостојност. На прашањето на РСЕ која е причината за неговата смена, од општина Центар велат дека се работи за промена на повеќе кадри.
„Ве информираме дека во повеќето сектори и одделенија во рамки на организациската структура во Општина Центар има одредени промени, кои се во насока на подобрување на ефикасноста што граѓаните ја очекуваат од општината“, велат од општина Центар.
Со години сите експерти предупредуваат дека Водно треба да се заштити - особено деловите кои до 2014 и донесувањето на спорните ДУП-ови влегуваа во зелениот појас, како што е случајот со оваа парцела, изјави неодамна еден од жителите на Питу Гули.
„Не разбирам како може да се направи пропуст од оваа големина и вистински се надевам дека институциите имаат волја и доблест да ги признаат и исправат своите грешки еднаш засекогаш“, додава жителот, кој се уште чека на одлуката на општината од која зависи и дали ќе се отвори патот и за други инвеститори да градат на Водно.
„Маркеза“ доби одобрение за градба од страна на претходниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ во април минатата година. Од фирмата тврдат дека жителите на улицата Питу Гули со невистини ги доведуваат во заблуда и медиумите и целата јавност дека „Маркеза“ превзема некакви незаконски дејствија кои се спротивни на јавниот интерес.
Судскиот процес за озогласените „Плацеви на Водно“, кои се наоѓаат до земјиштето на „Маркеза“ неодамна доби епилог. Поранешниот премиер Никола Груевски доби 7 години казна затвор за перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Неговиот братучед, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан Камчев беше осудени на по 1 година казна затвор.
Останатите обвинети, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ добија две години условна казна која може да премине во затворска доколку се огрешат пред законот во следните пет години.