Оставката на палестинската влада, која е на власт на Западниот Брег, во понеделникот на 26 февруари ја поднесе премиерот Мохамед Штаје. Овој потег може да значи отворање на патот за реформи кои се сметаат за неопходни за обновување на палестинската управа, јавуваат светските медиуми.
Штаје, поднесувајќи оставка до претседателот Махмуд Абас, повика на „владини и политички мерки кои се неопходни во новата реалност на Појасот Газа“ во екот на тековната војна.
Непопуларна палестинска власт меѓу Палестинците
Оставката на палестинската влада, која се смета за корумпирана, пишува Си-Ен-Ен, дојде во време кога таа е под силен притисок од Соединетите Држави да го реформира и подобри своето управување на Западниот Брег.
Палестинската управа е многу непопуларна меѓу Палестинците, кои ја сметаат за неспособна да осигура безбедност од постојаните израелски упади на Западниот Брег.
Истражувањето спроведено во декември од страна на Палестинскиот центар за политика и истражување покажа дека повеќе од 60 отсто од Палестинците сакаат да се распушти палестинската управа. Исто така, се покажа дека поддршката за претседателот Махмуд Абас, кој е на таа позиција од 2005 година, речиси исчезна. На Западниот Брег 92 отсто од испитаниците сакаат тој да поднесе оставка.
Видете и ова: Првиот план на Нетанјаху за повоена ГазаПалестинската управа беше основана во средината на 1990-тите како привремена влада во очекување на палестинската независност откако Палестинската ослободителна организација (ПЛО) го потпиша Договорот од Осло со Израел. Седиштето на палестинската управа е во градот Рамала на окупираниот Западен Брег и врши номинална самоуправа на делови од територијата.
Владата, во која доминираше политичката партија Фатах, имаше административна контрола во Појасот Газа до 2007 година, откако Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од ЕУ и САД, победи на изборите во окупираните територии и ја протера од територијата.
Израел ја отфрли можноста палестинските власти по војната да се вратат во Појасот Газа и да основаат палестинска држава на тие територии.
Соединетите Држави пак, ја поддржуваат идејата палестинските власти да бидат на власт на двете територии, на Западниот Брег и на Појасот Газа, кои би биле дел од идната независна држава.
Штаје, кој беше назначен за премиер во 2019 година, во октомври за Си-Ен-Ен изјави дека не може да има решение за израелско-палестинскиот конфликт без САД. Но, тој исто така додаде дека сегашната американска администрација нема политичка волја да го прекине конфликтот.
Позицијата премиер на палестинската управа беше воспоставена во 2003 година, по Втората палестинска интифада, по што САД, Европската Унија и Израел повикаа на реформи. Тоа беше првиот чекор кон поделба на власта со тогашниот претседател Јасер Арафат од формирањето на палестинската управа. Тогаш Арафат го назначи Абас за премиер, кој стана претседател по смртта на Арафат во 2004 година.
Нов политички аранжман
Според него, оставката на премиерот на палестинската управа Мохамед Штаје е направена за да се обезбеди формирање на широк консензус меѓу Палестинците во однос на политичките аранжмани по војната меѓу Израел и Хамас во Газа.
Соединетите Држави неодамна извршија зголемен притисок врз претседателот Махмуд Абас да ја зајакне палестинската управа во услови на интензивирање на меѓународните напори за ставање крај на борбите во Газа и започнување со работа на повоената политичка структура на енклавата.
Оставката сè уште треба да биде прифатена од претседателот Абас, кој може да побара од Штаје да остане на должноста додека Парламентот не го назначи неговиот наследник.
Во изјавата на кабинетот, Штаје, економист по професија, кој ја презеде функцијата во 2019 година, рече дека следната фаза ќе треба да ја земе предвид новата реалност во Газа, која е уништена од речиси пет месеци тешки борби, пишува Ројтерс.
Тој рече дека следната фаза „ќе бара нови владини и политички аранжмани кои ќе ја земат предвид новонастанатата реалност во Појасот Газа, разговори за национално единство и итната потреба за меѓупалестински консензус“.
Дополнително, тоа ќе бара „проширување на овластувањата на палестинската управа над целата палестинска територија“.
Израел вети дека ќе го уништи Хамас и од безбедносни причини нема да прифати палестинска управа во Појасот Газа по војната. Конфликтот се случи откако Хамас изврши напад врз јужен Израел на 7 октомври во кој загинаа 1200 луѓе. Оттогаш, Израел започна напади врз Појасот Газа, во кои беа убиени речиси 30 000 Палестинци, додека речиси целото население на енклавата беше раселено.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Фатах, која ги контролира палестинските власти и Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, прават напори да постигнат единство по прашањето на владата и треба да се состанат во Москва во среда, на 28 февруари.
Обнова на палестинската управа
Оставката на палестинскиот премиер Мохамед Штаје се смета за потег што може да им претходи на можните реформи од страна на палестинската управа поддржана од Соединетите Држави, пишува Асошиејтед прес (АП), додавајќи дека тоа е исто така сигнал дека палестинското раководство е подготвено да прифати промените кои се неопходни бидејќи палестинската управа би се ревитализирала.
САД сакаат реформирана палестинска управа да управува со Газа по завршувањето на војната. Но, сè уште има многу пречки за остварување на таа визија.
Се очекува Абас да го избере Мохамад Мустафа, претседател на Палестинскиот инвестициски фонд, за следен премиер.
Веста за оставката на палестинската влада дојде откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го претстави планот за повоена Газа, ветувајќи дека ќе одржи неограничена воена контрола над енклавата, додека управувањето со цивилниот живот им го препушта на жителите на Газа кои не се поврзани со Хамас.
Планот, доколку се спроведе, ќе го оневозможи формирањето на палестинска држава која ќе ги вклучи Појасот Газа и Западниот Брег под израелска окупација, спротивно на повиците од бројни земји, вклучително и САД, за палестински суверенитет по завршувањето на војната.