Османи- Ако сака Влада, ВМРО-ДПМНЕ мора да се согласи на уставни измени

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Османи- Руско влијание има и врз претседателски кандидати

Нема да може да има Влада без договор за уставни измени, тврди претседателскиот кандидат и министер за надворешни работи Бујар Османи. Тој очекува опозициската ВМРО-ДПМНЕ ако има мнозинство на парламентарните избори да се согласи на уставни измени со цел да формира Влада.

Господин Османи, на што ги базирате тврдењата за руско влијање во земјава?

Само да ве поправaм на почеток, јас сум претседателски кандидат на „Европскиот фронт“, девет политички партии, најголемиот мултиетнички блок во државата.

По однос на прашањето, видите, јас сум министер за надворешни работи на земја членка на НАТО, што значи дека имам пристап до сите информации со кои што располага НАТО. НАТО има во својот стратешки концепт прво дефинирано дека Руската Федерација е закана за НАТО земјите членки. Меѓутоа, од сите информации што ги имам, исто така има длабоко вмешување на Руската Федерација во внатрешниот политички и институционален систем. Во регионот веќе има воспоставено прокси-центри на силно влијание, меѓутоа и кај нас.Во политичките партии имаат силно влијање, во претседателските кандидати Руската Федерација има силно влијање.

Јас лично имам прогласено над 17 руски дипломати за персона нон грата во овој период поради тоа што биле фатени, како ги прекршуваат правилата на Виенската конвенција.

Може ли да посочите на кои председателски кандидати мислите?

Мислам дека има кандидатка која што, директно, заговара излегување од НАТО, партијата што ја предлага, исто така во нивната платформа, е излегување на државата од НАТО, а тоа е директен руски интерес.

Рускиот амбасадор е на сите нивни настани, на кои ги промовираат своите политики, меѓутоа, исто така, има и други партии кои што се помалку видливи, но има и политичари, дури и во големите партии, кои што имаат директен линк со рускиот интерес.

Рускиот амбасадор во Подгорица јасно го изнесе рускиот став дека членството во Европската Унија веќе се смета за закана за националната руска безбедност. Ова е голем „шифт“ во ставот на Руската Федерација по однос на членството во Европската Унија.

И кога гледате партии во Република Северна Македонија и политичари кои што отворено заговараат за блокирање на процесот на интегрирање, преку минирање на Преспанскиот договор, договорот со Бугарија, Рамковниот договор, тогаш ви е јасно дека Руската Федерација има најдено свој прокси-елементи во државата со кои што сакат да го кочат европското интегрирање на државата, бидејќи тоа според нив е закана за националната безбедност.

Видете и ова: „Фини“ кандидати, валкани ботови

Кои се можните безбедносни ризици во земја од руското влијане за кое што говорите?

Прво е нарушување на меѓуетничките односи. Меѓуетничките односи се столбот на стабилноста, мирот, прогресот на оваа држава. Потоа е нарушувањето на, односно, уривање на договорите кои што исто така ја држат и се столбови на Евроатлантска Македонија. Преспанскиот договор за добрососедство и Охридскиот рамковен договор. Сето тоа е закана за државата.

Се разбира, луѓето кажуваат, но ние сме НАТО членка. Да, НАТО создава отпорност. НАТО создава одредна предвидливост, безбедност, политичка и економска, но јас често велам и Естонија е членка на НАТО. Но Естонија гради бункери долж границата со Русија, затоа што е можен конфликт и војна меѓу НАТО и Руската Федерација.

Најавивте ветинг со помош на Меѓународен борд за функционери поради руското влијање. Ќе барате сертификати од странци за руски интереси во земјава. Како планирате тоа во пракса да го спроведате?

Каде се инспирирав за таа идеја со НАТО сертификатите. Знаете, за да бидете министер за надворешни работи, вие морате да имате НАТО сертификат. Има неколку градации на НАТО сертификати. Од Confidential и Restrictive до Cosmic Top Secret, кој што е врвот на НАТО сертифицирањето. Во Северна Македонија двајца сме кои што имаме Cosmic Top Secret.
За да добиете таков сертификат, треба 32 служби на 32 НАТО земји членки да потврдат дека вие немате односно не преставувате руски интерес и не сте инволвирани во корупција. И јас го поминав тој процес на ветинг, преку интервјуа со НАТО чинители, преку проверки на сите 32 служби на НАТО и од тука реков, ако може така, зашто ние сите носители на јавни функцији да не поминеме низ тој филтер?
Министри, директори, обвинители, судии. Да се пресертифицираат.

И затоа како претседател, прво нешто што ќе направам е да предложам
борд, домашен и меѓународен, во кој што ќе бидат искористени механизмите на САД, црните листи, бидејќи имаме стратешки дијалог и можеме веќе да црпиме такви инструменти, Европската Унија преку своите рестриктивни механизми и НАТО преку својот систем на ветинг.

Видете и ова: Ветинг - предлогот во фиока, се вади пред избори

И секој политичар кој што ќе биде предложен од партиите или обвинител, судија, прво да помине низ овој борд, да ги помине сите тие филтри, да се провери дали се инволвирани во корупција, дали имаат, претставуваат некој руски интерес, ако не, тогаш што тој сертификат да биде задолжителен за да стекне право да биде носител на јавна функција во Репулика Северна Македонија.

Навистина очекувате дека ќе се согласи меѓународната заедница да учествува во еден таков процес?

Да, затоа што сега се согласува. На пример, овие сертификати на НАТО се на така наречен need to know basis. Само тие што имаат пристап до НАТО документи. Кога имавме проблем со еден дипломат во МНР, јас одлучив сите амбасадори кои што се во НАТО земји членки да поминат низ тој ветинг, да добијат НАТО сертификат. И НАТО прифати.

Сите амбасадори ги задолжив да аплицираат за НАТО сертификат. Тие што нема да поминат, не можат да бидат амбасадори.

Во однос на корупцијата, на минатите избори вие најавивте, вие и претставници од вашата партија, ветинг за функционири за корупција. Тоа не се случи. Во меѓувреме, член од вашата партија се најде на американската „црна листа“ за санкции. Зошто да ви веруваат граѓаните сега кога зборувате за ветинг?

Затоа што ние предложивме закон, ние го предложивме законот за ветинг. Меѓутоа, еве, 4 години политичките партии не го одобруваат. Така да, затоа сега, го подигнуваме на друго ниво. Прво што направивме, што направив јас, го иницирав стратешкиот дијалог со САД. Таму владењето на правото е едно од основните елементи.
САД нели почнаа со црните листи. Тоа е дел од стратешкиот дијалог.
Во однос на Европската Унија ја хармонизиравме 100% нашата надворешна политика.

Ги прифативме сите одлуки за санкции и рестрикции на ЕУ. И во однос на НАТО. Побаравме од Европската Унија директно да ни помогне да направиме ветинг.

За жал, во тоа време, Европската Унија сметаше дека не треба да се направи ветинг поради лошото искуство во Албанија, кое што го десеткуваше правниот и судскиот систем. Едноставно, остана без судии, затоа што многу малку го помина ветинг-филтерот.

Сега мислам дека и меѓународната заедница е убедена дека за да направиме едно прочистување сериозно, на политичката, јавната, судската сцена, е да направиме сериозен ветинг.

Видете и ова: Про-руски етикетирања, тендери и црни листи


Велите сте го направиле тоа како министер. Зошто тоа не е направено во вашата партија? Рамиз Мерко и натаму е градоначалник, иако е на црната листа.

Еве што направивме. Значи, ние сме единствената партија која што јавно бараше од обвинителството, тогаш и од сите други институции, да почне од нас, од претседателот, па до последниот, да направи сериозен ветинг.
Ние инструментите на САД ги поздравивме.Јас сум тој што предложив законот за рестрикции и да се смени за да се вклучи и американската листа како основа за прекинување на можноста да имате јавна функција. Тој закон помина на влада, на предлог на Министерството за надворешни работи и денеска е во парламентот. Значи, нема инструмент кој што не сме го промовирале и кој што не сме се обиделе да го имплементираме.

Министер сте веќе 10 години, дел сте од извршната власт. Како председателски кандидат, односно доколку граѓаните ве изберат за претседател, како ќе бидете коректор на извршната власт?

Јас сакам да бидам креатор на државниот консенсус пред се. Тоа би биле првите недели од моето претседателствување. Постојано средби со лидерите на политичките партии и другите чинители во општеството. За да направиме одредени стратегии за државен консензус по однос на клучните прашања.

Нема излегување од состаноци. Нема завршување на состаноци додека не си подадеме рака, дека ќе имаме деневен политички надпревар по однос на тоа каков модел на здравство, каков модел на образување, но не по однос на правците на државата.

Не можеме ние тука да се разликуваме по однос на Европската Унија.Тие директиви и регулативи се фиксни. Или ги прифаќаме или не ги прифаќаме. Мора да си подадеме рака дека нема да се натпреваруваме по однос на Европската Унија.

Нема да се натпреваруваме по однос на меѓуетничките односи. Нема да се натпреваруваме по однос на стабилноста на државата. И тоа е најважното што треба да го постигнам.

А се разбира, коректор ќе бидам со тоа што ќе ги промовирам овие политики кои што се важни за граѓаните. Ако било кој отстапува од тие политики, во мене ќе го има најголемиот противник.

Вклучително и вашата партија?

Да, вклучително и мојата партија. И тоа пред се.

Како земјава ќе ги продолжи преговорите со Европската Унија кога услов и натаму се уставните измени?

Нема да може да има Влада без договор за уставни измени. Тоа е јасна констатација на сите политички партии кои што сметаат дека Европската Унија е единствена алтернатива за нас. Така да, сите опции ќе бидат искористени, од можноста да се понуди и национална влада за спас.
И затоа велам дека консензусот, државниот консензус, во овој критичен период е најважен, бидејќи земјата се наоѓа на крстопат.Избираме меѓу два правца. Светла иднина во Европската Унија или изолација, непредвидливост, безперспективност.

Без разлика кој да победи на овие парламентарни избори, без гласовите на пратениците од ВМРО- ДПМНЕ, уставни измени не се возможни, а тие се децедни во изминатава година, година и пол, дека нема да гласат за промена на уставот.

Видете, јас не ги коментирам политичките партии во предизборниот период, бидејќи сме ги виделе нивните ставови пред и после формирање на влада. Јас зборувам за безбедноста на Европската Унија, безбедноста на Европа, која што зависи многу од консолидирање на безбедноста на Балканот.

Така да, ова не е прашање кое што не засега само нас. Ова е прашање во кое што влог имаат внесено САД и ЕУ. Договорот со Бугарија, францускиот предлог односно преговарачката рамка, паѓањето на бугарската декларација во бугарскиот парламент е направено со голем влог на САД и ЕУ. Затоа сметам дека ова е многу по големо прашање отколку нашите политички игри овде.

Видете и ова: Можен ли е безбедносен потрес по предвидувањата за меѓуетничко насилство во регионот?

После изборите претседателот ќе создаде можност за државен консензус и почнување на процесот на уставни измени пред формирање на владата.

Велите дека не сакате да ги коментирате политичките партии затоа што сте ги виделе како се однесуваат пред и по формирање на влада. Дали тоа значи дека очекувате во преговорите за формирање на влада ВМРО- ДПМНЕ да се согласи на уставни измени само за да формира влада со вас?

Мора да се согласи. Нема алтернатива. Затоа не ги гледам сериозно овие обиди да се добијат политички поени на таа тема. Не зависи само иднината на Северна Македонија. Зависи и иднината на Балканот и безбедноста на Европа од интегративниот процес на земјите од Западен Балкан.

Никој нема да дозволи Балканот да биде отскочна даска на рускиот интерес за да ја минира безбедноста на Европа. Тие политичари или не ја разбираат геополитиката, каде и сакаат да и наштетат на оваа држава. Мора да има уставни измени.

Интервјуто со Бујар Османи, кандидат за претседател на коалицијата „Европски фронт “ е во рамките на покривањето на Слободна Европа на кампањата за претседателските избори 2024 .