Од обвинети за криминал до обесштетување од државата

Миле Јанакиески пред суд

Обвинетите чиј кривичен прогон ќе запре поради измените на Кривичниот законик, ќе може да бараат отштета за времето поминато во притвор, а парите ќе ги добијат од државниот буџет. Искуството покажува дека за отштета се исплаќале суми од 50, па до речиси 100 евра за ден поминат во притвор.

Од 2017 година до сега, Врховниот суд донел 39 одлуки да им исплати оштета на граѓани за лежење во затвор. Од нив, во 31 биле поради неосновано лишување од слобода - притвор, а осум поради неоснована осуда.

Станува збор само за случаи во кои Врховен правел ревизија на одлуки на пониските судови, откако поради незадоволство на странките биле поднесени барања за вонреден правен лек.

Оттука бројот на случаи во кои од државната каса се одлеале пари по овие основи е поголем ако се има предвид дека во оваа евиденција не влегуваат предметите што не завршиле пред највисоката судската инстанца.

Овие статистики наредниот период може да одат во нагорна линија „благодарение“ на измените на Кривичниот законик кои донесоа намалување на казните за злоупотреба на службената положба и овластувања и злосторничко здружување, а со тоа и порано застарување на делата.

Колку лица би ја тужеле државата поради лежење во притвор би било познато откако официјално ќе се констатира застареност и ќе се прекине кривичниот прогон, а ќе зависи и од тоа дали конретното лице ќе се реши на таков чекор. Она што е познато, според анализите на Коалицијата „Сите за правично судење“, е дека во најмалку 14 случаи отворени само од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде се опфатени 80 обвинети, би настапила застареност.

Видете и ова: Законски измени под превез на ЕУ за спас од затвор

За тоа колкави суми од народната каса би се одлеале за оштети, ќе одлучуваат судовите индивидуално за секоја евентуална тужба против државата. Искуствата досега покажуваат дека тие што побарале отштета добиле од 50 па до речиси 100 евра за ден поминат зад решетки.

Најсвеж пример, познат за јавноста, е пресудата што ја доби Зоран Верушевски за предметот „Пуч“, каде беше еден од обвинетите, а СЈО реши да го повлече обвинението. За 344 дена поминати во притвор, со одлука на Врховен од мај годинава, тој доби 1. 720.000 денари (околу 28 000 евра) оштета или околу 5.000 денари за ден (81 евро). Дополнително доби и 227. 642 денари (околу 3.700 евра) надоместок за трошоци или вкупно околу 31.500 евра. Тука е и предметот познат како „Сопот“ за поставување мини при што загинаа војници на НАТО, кој по повлекувањето на обвинението однесе над милион евра оштета. Шест обвинети добија по 5.500 денари (околу 90 евра) за ден поминат во притвор.

Едно од пообемните истражувања во кое се анализираше периодот од 2011 до 2015 година, под наслов „Неосновано притворени – правни и буџетски импликации“, пак, покажа дека судовите најчесто досудуваат од 40 до 50 евра оштета за ден поминат во притвор.

Врховен донел мислење дека за застареност на дело следува отштета

На оние што во иднина ќе бараат отштета бидејќи лежеле во притвор, а сега им застареле делата во прилог би им одело и правното мислење кое пред повеќе од половина година го донел Врховниот суд.

„Лице кое било во притвор или издржување на казна затвор лишување од слобода, доколку постапката е запрена со правосилно решение поради апсолутна застареност на кривично гонење, има право на надомест на штета, освен ако со свои недозволени постапки причинило лишување од слобода“, гласи дел од правното мислење што го донел Врховен.

Во истиот документ е наведено и оти вакво право имаат и лицата кои се правосилно осудени, но по вонреден правен лек, обвинението за нив било одбиено.

Врховниот суд го донел мислење на седница одржана на 21 март годинава. Судиите заседавале откако уште во јуни лани четирите апелациски судови во државата доставиле заклучок со кој побарале изедначување на судската практика за овие правни прашања.

Видете и ова: Ковачевски - Измените на Кривичниот законик не се амнестија

Секој предмет е приказна за себе

Одговор на тоа кои се имињата на обвинетите поранешни функционери кои ќе може да побараат оштета поради застареност наредниот период ќе се бараат на судските рочишта на кои обвинителите ќе треба да се изјаснат за кого ќе констатираат застарување на кривичните дела, а за кого евентуално би направиле преквалификација.

Од Јавното обвинителство потенцираат дека за секој предмет ќе се одлучува поединечно бидејќи секој е приказна за себе односно зависи од фактичката состојба, фазата во која се наоѓа итн.

Седници ќе си одржува и стручниот колегиум, но оттаму не се очекува заземање генерален став за судбината на предметите. Доколку за некој случај обвинителот има дилема, како што брифираат, тогаш на колегиум ќе се дискутира за тоа како да се постапи.

Досега, промени во судските постапки немаше. Минатата недела се одржаа рочишта за случаите „Титаник“ и „Траекторија“, но законските измени не беа споменати. Во „Таргет-Тврдина“, пак, обвинителството бараше одложување на рочиштето поради измените во Кривичниот законик, па се очекува со став да настапи на следната главна расправа закажана за наредната недела.

Судиите и обвинителите никој не ги прашал за измените

Од најмоќните тела и во обвинителската и во судската фела, со коментар јавно излегоа по речиси три недели откако законските измени на Кривичниот законик во Собранието беа изгласани на 6 септември со европско знаменце. Претседателите на Судскиот и на Советот на Јавни обвинители, Сашко Георгиев и Антонио Јолевски, вчера одговарјаќи на новинарски прашања рекоа дека процесот на носење на измените бил нетранспарентен и оти ниту едното ниту другото тело не биле консултирани.

„Наоѓам забелешка во делот на транспарентноста, во смисла на тоа дека некако набрзина сето тоа се спроведе без притоа да имаме свое учество односно мислење како Судски совет. Целисходно и правилно би било да имаше една транспарентна постапка каде ќе се слушнеше и нашето мислење по однос на какви било измени“, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.

Видете и ова: Брисел ги разгледува измените на Кривичниот законик

Јолевски, пак, посочи дека обвинителите се тие кои во пракса го применуваат законот и оти требало да бидат консултирани.

„Мислам дека тие можат со конкретни податоци, со бројки, а ние како Совет немаме надлежност во тој дел односно не постапуваме по конкретни предмети, не вршиме увид во тековните предмети. Затоа, би требало јавниот обвинител да се произнесе дали и колку ќе ги погодат ваквите измени“, изјави Јолевски.

Од обвинителските редови една од ретките која јавно излезе со критика беше обвинителката Ленче Ристоска велејќи дека ги доживува како навреда на сите професионалци кои се вложиле во борбата против корупција. Измените, рече таа, влијаат на културата на неказнивост која се протежира изминатите години, а обвинителството со нив е ставено во неблагодарна и тешка задача.

И претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, посочи дека не се согласува со измените и порача дека е фрапирана од тоа како како тие се донесоа додека други закони се закочени во Собранието.

Со став меѓу првите излегоа и од Врховниот суд. Потенцирајќи дека не биле консултирани, оттаму порачаа дека „подготвувањето на законски измени кои имаат влијание врз судските постапки мора да биде спроведено низ транспарентен процес преку јавна дебата и стручна расправа“.

Со законските измени, во членот за делото злоупотреба на службената положба и овластувања се укина еден став, а се воведе и горна граница на казната која сега е до пет години затвор. За злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, казната се намали од максимални 10 на најмногу три години затвор.