Достапни линкови

Законски измени под превез на ЕУ за спас од затвор


Пратеници на пленарна седница на Собранието
Пратеници на пленарна седница на Собранието

Над десетина судски случаи започнати во времето на СЈО во кои има голем број на обвинети или веќе осудени функционери постои опасност од застарување на делата со новите измени на Кривичниот законик. Невладините бараат претседателот Пендаровски да не го потпишува указот за прогласување на законот.

Повеќе од 80 лица обвинети во 14 судски предмети иницирани од времето на СЈО ќе настапи апсолутна застареност за кривичен прогон, велат Коалицијата сите за правично судење.

Станува збор за предмети во кои се инволвирани поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистерката за култура, Елизабета Канческа – Милеска, градоналачникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски и многу други.

Донесувањето на законските измени во Собранието експерсно за два дена беа со образложение дека се усогласува македонското со европското законодавство.

Анализата на Коалицијата сите за правично судење покажува дека измените на Кривичниот законик неспорно ќе има влијание од опасност на настапување на апсолутна застареност на предметите:

„Титаник“ за изборни нерегуларности,

„Таргет/Тврдина“ - предметот за прислушувањето и уништувањето на опремата за таа намена,

„ТНТ“ за уривањето на објектот „Космос“.

„Титаник 2“ – за изборни нерегуларности во Струмица во 2013 година,

„Трезор“- набавка на опрема за МВР,

„Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“ за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ,

„Шпански скали“, предмет за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје и

„Траекторија“ за криминал со изградбата на кинеските автопати.

„Топлик“ за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште.

„Тарифа“ – незаконска набавка на софтвер за АД ЕЛЕМ

„Тендери“- градежни работи за Музејот на ВМРО

И еден предмет за Стевчо Јакимовски.

Како што вели Дарко Аврамовски од Коалицијата сите за правично судење, најголем дел од предметите на СЈО се однесуваат на член 353 став 5, односно злоупотреба на службена положба и овластување.

Аврамовски: 14 предмети на СЈО застаруваат со новите измени
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:37 0:00
Директен линк

Со новиот закон, се брише ставот 5 од Членот 353 од стариот закон, во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.

Според Аврамовски, овие одредби со кои се намалија санкциите за злоупотреба на службената положба и овластување и други кривични дела не се усогласување со европското законодавство.

„Имајќи предвид дека тие дела се сторени пред 10 години, со оглед на тоа дека казната се намалува на максимум 5 години затвор, тоа значи дека апсолутната застареност ќе дојде на 10 години од сторување на кривичното дело и во таков случај очекуваме дека ќе има застареност кај најголем дел од предметите. Сега доколку има какво било повторување на постапката на правосилно завршените предмети по одлука на Врховниот суд ќе може да очекуваме намалување на казните. Доколку сите оние предмети кои не се правосилни, иако не се загрозени со застареност, во секој случај ќе треба да има намалување на казните. Бидејќи ќе треба да се применува законот кој е поблаг кон обвинетото лице, Тоа е новодонесениот закон со пониските казни, вели Аврамовски.

Делегацијата на Европската унија вчера соопшти дека ги разгледува измените на Кривичниот законик по скратена постапка и сè уште не може да коментира за употребата на знамето на ЕУ во конкретниот случај.

„Сè уште не можеме да коментираме за употребата на знамето на ЕУ во овој конкретен случај, но потсетуваме на општото правило дека употребата на оваа постапка треба да биде ограничена на предлози кои го усогласуваат домашното законодавство со стандардите и нормите на ЕУ“, изјавија од Делегацијата на ЕУ.

Враќање на Груевски?

Албанската опозиција беше против измените на Кривичниот законик. Нивната теза е дека законските измени имаат цел за враќање на екс премиерот Никола Груевски во државава. Ваквите тврдења ги негираше вицепремиерот Артан Груби кој рече дека е „невозможно под кои било услови да се врати Груевски во земјава“. Иако, како што посочи Груби, новите измени во Кривичниот законик освен што се хармонизација со европското право биле и ексклузивно барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на сите лидерски средби.

Груевски е обвинет, но, и правосилно осуден во неколку предмети, а според новиот закон, како што вели Аврамовски, тој може да бара и повторно судење.

„Дури и во оние предмети каде има правосилна осуда, тој е суден во отсуство. Тоа значи дека и по сила на закон и по сила на Конвенцијата, тоа значи дека постапките ќе треба да почнати во негово присуство. Дури и правосилните пресуди ќе бидат укинати и ќе се почне од почеток и ќе треба да се донесе нова пресуда која ќе треба да биде донесена според најновите измени на Kривичниот законик. Исто како и другите предмети на СЈО беа сторени од 2010 до 2014 ќе имаме ризик на апсолутна застареност и за овие кривични дела. Веројатно е возможно да се врати Груевски без да има некакви кривично правни последици за него“, вели Аврамовски.

Адвокатот Еленко Миланов, кој беше адвокат на голем број високопрофилни лица од ВМРО-ДПМНЕ обвинети во предмети на Специјалното јавно обвинителство, не сака ја коментира висината на новите казни, велејќи дека казнената политика ја утврдува државата.

„Може во некои предмети да има застарување или тоа да настапи порано, но, во моментов не можам да ви кажам ништо, бидејќи пред себе ги немам точните временски периоди за кога се однесува. Да, за сите оние дејствија на остварување се до 2013 година, со стапување на сила на овој закон ќе настапи застареност. Треба да го отворам секое обвинение и да го видам периодот и да кажам за конкретен предмет што значи. И сите оние што се дејствија до септември 2018 година а не се започнати постапки исто така има релативна застареност на години. И тоа зависи за кој став е имаме повеќе ставови во законот, вели Миланов.

Пендаровски да го искористи правото на вето, бараат невладините

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска побара од претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера, на 6 септември 2023 ги усвои Собранието.

Според нив, новите измени ќе ја урнисаат довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција. Но, и ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда.

„Втората причина е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право. На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи“, се вели во нивното соопштение.

Какви измени се предвидуваат?

Повеќе делови од предложените измените на Кривичниот законик главно се однесуваат на измени на членови кои ги засегаат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, иако во истиот се предлагаат и измени на членови кои се однесуваат на загрозување на животната средина.

Се предлага измена на делови од Членот 353 кои ќе значат затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета.

Во стариот закон овој член предвидуваше казна од најмалку три години затвор, но исто така во него немаше горна граница, со што сега со отвора можност делото побрзо да застари.

Со новиот закон исто така се предлага бришење на Ставот 5 од Членот 353 од стариот закон, во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.

Во новиот закон се предвидува нов став кој гласи „прибавената имотна корист се одзема“.

Членот 353-в од Кривичниот законик ја покрива темата за несовесно работење во службата. Со новиот закон се предлага менување на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG