Специјален оддел за сериозен и сложен криминал доби скопското обвинителство. Потребата доаѓа после промените на Кривичниот законик за делото Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353. Со промените голем дел од предметите кои беа поврзани со злоупотреби од Обвинителството за гонење организиран криминал, преминуваат во новоформираното одделение во скопското обвинителство.
Од таму велат дека со ова нема да се создаде паралелно обвинителство на она за гонење организиран криминал и корупција туку само ќе се канализираат посериозните предмети кај тим од обвинители кои ја познаваат материјата.
„Не станува збор за паралелно обвинителство, бидејќи стварната надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е предвидена во Законот за јавното обвинителство. Одделението за сериозен и сложен криминал ќе постапува по сложени предмети во надлежност на ОЈО Скопје, а предметите по кои ќе постапува ова одделение ќе се одредуваат согласно критериумите кои беа наведени во објавеното соопштение. Во Основното јавно обвинителство Скопје веќе функционираат одделенија за малолетници и за меѓународна правна помош“, велат од скопското обвинителство.
Од друга страна пензионираната обвинителка Вилма Русковска, која беше шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вели дека воопшто немало потреба од ново одделение бидејќи наликува на паралелна институција со обвинителството за организиран криминал.
Во Основното обвинителство Скопје како најголемо обвинителство и до сега постоеја одделенија за дела против животот и телото, против имотот, за економски криминал, вели Русковска.
„Криминалот и корупцијата ни цветаат, а ние само одделенија правиме. Делата за кои зборуваат со измените на Кривичниот законик по член 353 се сега дела кои се водат по скратена постапка. Како тогаш ова може да се класифицира во сериозен криминал? Тие можеа само да го зголемат бројот на обвинители кои работат економски криминал. Ова потсетува на изреката на Винстон Черчил: Доколку сакате некоја работа да остане незавршена формирајте Комисија“, вели Русковска во изјава за РСЕ.
Видете и ова: Мафијашки убиства и престрелки ги вознемируваат граѓаните – како да се пресретнат?Со измените на Кривичниот законик се намалија затворските казни за злоупотреба на службена положба со што наместо дотогашната затворска казна од најмалку три години, сега овие сторители се казнуваат со затвор од една до четири години.
Инаку шеф на одделот ќе биде обвинителот Владимир Милошески кој во скопското обвинителство дојде токму од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тој го застапуваше предметот „Поткуп“ против тогашниот премиер Зоран Заев, „Ќелија“ во кој беа обвинети повратници од ИСИС, а беше обвинител и во предметот против сопственикот на „Беса транс“ во чиј автобус загинаа 45 македонски државјани во Бугарија. Имињата на останатите обвинители не се откриваат иако за нив од обвинителството се вели дека имаат богати професионални биографии.
Криминалците почесто успеваат да ги сокријат трагите
Кривични дела во кои има многу осомничени, вклучени фирми во сложени финансиски трансакции, потреба од зголемено испитување и утврдување на штетни последици е нешто што е заедничко за предметите кои ќе ги работи новоформираното одделение. Такви како пример можат да бидат оние кои се поврзани со убиства, престрелки, несовесно лекување и други кои се поврзани со здравјето на луѓето, но и службените злоупотреби со злоупотреба на пари од буџетот. Според обвинителството криминалците се почесто користат напредни механизми за да го скријат делото со што им се комплицира истрагата на обвинителите.
„Се користат најсовремени облици на заштита на криминалните активности, кои се одвиваат преку шифрирани или заштитени сателитски комуникации, прикривање на финансиските текови, кои сѐ почесто се одвиваат преку користење на криптирани финансиски трансакции со крипто валути преку виртуелно менувачко работење, што само по себе бара дополнителни познавања и посебна посветеност на јавните обвинители за истражување и гонење на ваков вид на сериозни и сложени кривични дела“, се вели во одговорот на обвинителството за РСЕ.
Видете и ова: Обвинителството се спогоди со Наќе Георгиев - три години затвор за судијата и забрана за вршење на професијаСпоред адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ добро е што е формирано вакво одделение, но смета дека ќе биде залудно доколку не се работи на негова екипираност во стручен кадар и ресурси.
„Мора да биде мобилно, функционално и ефикасно. Клучен момент е поставеноста и бројот на извршители со кои ќе функционира тоа одделение и материјално и технички мора да е поддржано за технички поставените задачи. Ако не се обезбеди техничка кадровска и стручна логистика сметам дека таквото одделение само ќе биде формирано без конкретни и ефективни резултати. Секое вакво одделени мора веднаш да се препознае како одделение со исклучително сериозен пристап за гонењето на кривични дела“, вели адвокатот Владимир Туфегџиќ.
Конфискацијата на имот ќе ја зголеми работата на обвинителите
Зголемен ангажман на обвинителите бил потребен и во финансиските истраги откако беше изменет Кривичниот законик во делот на проширена конфискација на имот. Со ова од обвинителството велат дека било потребно поголема координација меѓу обвинителите и ангажман за да може да се интервенира итно во таквите финансиски истраги.
„Измената на членот 98-а за проширена конфискација во истиот закон, што бара поинаква внатрешно – институционална поставеност и зголемен ангажман на јавните обвинители уште во предистражна постапка, заради навремени финансиски истраги“, велат од обвинителстовто.
Со измените за конфискација може да се одземе имот од сторител на кривични дела кои се во надлежност токму на ова одделение. Такви се на пример кривични дела против половата слобода и половиот морал, кривични дела против имотот или кривични дела против службената должност. Претходно конфискацијата на имотот ги опфаќаше само делата од злосторничко здружување, тероризам или перење пари.