Да се биде мајка или професионалец во работата и да се напредува во кариерата. Тој сврзник или наместо и, им тежи многу на жените во земјава, а системот се чини дека не им ја олеснува таа тежина. Обвинителката Ленче Ристоска тоа го почувствува директно на своја кожа - и тоа два пати.
Таа е првата обвинителка во земјава која јавно прозборе и му се спротивстави на Советот на обвинители кој ја дискриминираше во обидот да напредува од Основното во Вишото обвинителство.
Извинување за дискриминацијата не доби, но засега извојува победа во две битки. Првата битка ја доби во Комисијата за спречување на дискриминација, која утврди потежок вид на дискриминација по основ на лично својство и општествен статус извршен од страна на Советот на јавни обвинители.
Втората победа ја освои во Управниот суд, каде што поранешниот претседател на Советот на јавни обвинители Антонијо Јолевски ја тужеше Комисијата за нивната одлука.
Видете и ова: Припадничка на Тигрите се жали на полова дискриминација во МВРРистоска: Гласните жени како да не се добредојдени на високи позиции
За Ристоска оваа победа во Управниот суд значи дека општеството и институциите веќе ги препознаваат формите на дискриминација со кои се соочуваат жените во ова општество.
„Кај нас за жена што е професионална за да напредува во кариера постои некое уверување дека треба пред се да биде послушна и мој впечаток е дека жените кои се гласни и своите мислења и убедувања ги кажуваат гласно, некако не се добредојдени на повисоките инстанци на институциите, односно во системот генерално, тоа е мојот впечаток“, вели обвинителката за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Видете и ова: Молкот „соучесник“ во убиства на женитеСпоред Советот на јавни обвинител, Ристоска прво била премлада, а потоа и породилното отсуство било пречка за нејзиното унапредување, затоа што не знаеле што сè таа сработила.
Пред да се кандидира за Вишото обвинителство, Ристоска работеше на високо профилни предмети добро познати во јавноста како предметите поврзани со најголемата афера во земјава за прислушување, гонејќи поранешни разузнавачи за незаконското прислушување на над 20 илјади македонски граѓани, како и предмети за висока корупција од поранешни функционери.
Советот на јавни обвинители ги донесе одлуките против унапредување на Ристоска и откако против неа поведе постапка пред Етичкиот совет, затоа што го критикуваше Советот на обвинители за трговија со влијание.
Поранешниот претседател на Советот на обвинители Јолевски, кој одби да се извини за дискриминацијата во судницата, се правдаше дека неговата изјава за породилното отсуство била извадена од контекст.
Тој тврдел дека само го спомнал породилното отсуство како причина за недостиг на извештаи за нејзината работа, кои не биле потребни и барани за другите обвинители, иако Ристоска 11 години работи како обвинител во скопското обвинителство на предмети како кражби, проституција, убиства и други кривични дела, како и во Специјалното обвинителство на дела за злоупотреба на службена положба и перење пари, но и на меѓународна соработка во кривична материја со екстензивна работна позадина.
„Изнесував факти што постојат. Таман работа да е проблем породилното отсуство. Да има деца во оваа држава, оти наталитетот ни е во опаѓање“, рекол во судницата Јолевски, кој според пресудата на Управниот суд ќе треба да плати и прекршочна казна, затоа што не ја испочитувал одлуката на Комисијата да и се извини на Ристоска.
„И на породилно работев“
Ваквиот коментар за Ристоска е несоодветен затоа што верува дека и Јолевски и членовите во Советот немаат проблем жените да раѓаат деца и да се реализираат како мајки.
„Спорен е моментот дали некој има против паралелно една жена да биде мајка и да напредува во кариеирата. Ние како жени не треба да бираме дали ќе сме мајки и ќе напредуваме во кариера. Мене ми смета поставувањето на бариерата дека претходно бев млада, па требаше да се фокусирам на искуство, сега сум мајка, па треба да се фокусирам на семејството. И некако постојано има изговор зошто жената не би се фокусирала на сопствената кариера, тука е спорниот момент. Јас досега немам слушнато колега да не е унапреден затоа што станал татко“, објаснува таа.
Видете и ова: Кандидатките се жигосуваат зашто се жениСпоред неа неправедно е да се каже дека нема извештаи за нејзините завршени работни задачи, кога постои јавно достапен извештај за задачите кои ги завршила и тоа за време на породилното отсуство.
Таа вели била единствената обвинителка која во текот на целото породилно отстуство продолжила да работи како обвинител за врски со „Европравда“, како дел од координација на големи меѓународини истраги, а во текот на породилното отсуство учествувала во преговори за склучување три договори за заеднички истражни тимови со други држави.
„На породилно отсуство вие сте ослободени од работни обврски, и покрај тоа јас извршував работни обврски, за некој во јавност да тврди и да се обидува да ја наруши мојата репутација со тврдење дека не знаеле што работам или дека ништо не сум работела. Искрено тоа не е во ред “, додава таа.
Ристоска смета дека и двата изговора за неунапредување во кариерата се поврзани и со стереотипите и предрасудите коишто општеството ги има за улогата на жената.
Тоа е и основната причина која ја мотивирала да му се спротивстави на системот и да им покаже на жените дека ако неа како на обвинителка која работела на високопрофилни случаи може да и се случи таква дискриминација, тоа може да и се случи и на која било друга жена. Постапката има за цел да спречи таквата дискриминација да стане пракса, затоа што тоа е неминовно ако се премолчи.
„Не е пријатно кога одите против системот, кога одите против институции кои одлучуваат за унапредување, не наидувате на некоја поголема поддршка, генерално и првенствено од колегите кои се околу вас, а потоа и од пошироката средина. Кај нас некако поприфатливо е човек да молчи, и да се помири со состојбата или можеби да чека некоја наредна прилика за унапредување отколку да се бори и да ги извади на површина сите неправилности“, додава таа.
Три жени дискриминирани поради породилно отсуство
Но, Ристоска не е единствената жена во земјава која се бори против дискриминацијата на жените. Според последниот извештај на Комисијата за дискриминација, стотици жени се пожалиле дека се жртви на дискриминација на работните места.
Од 422 претставки поднесени лани во Комисијата, половина се од жени кои се жалат на дискриминација по пол и род.
Жените најчесто пријавуваат дискриминација во областа на работата и работните односи и претставуваат една четвртина од вкупните претставки.
Лани Комисијата, според донесените одлуки, утврдиле дека дискриминацијата најчесто настанувала во институции од јавниот сектор, односно во 53 отсто, - од вкупно 59 случаи, 33 се во јавниот сектор.
Од нив во три различни случаи Комисијата утврдила дискриминација врз основа на бременост, додека во 19 по основ на полов и родов идентитет.
Еден од овие 33 случаи е и на обвинителката Ристовска. Тој е и единствениот во институциите од правосудниот систем. Од останатите предмети со утврдена дискриминација во јавниот сектор, 15 се во органи на државната управа, осум во локалната самоуправа и јавните претпријатија, седум во образовните институции, а по една во здравствените јавни установи и во Собранието.
Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ во своите анализи заклучува дека положбата на жените на пазарот на трудот, иако процентуално повеќе учествуваат во работоспособно население, непропорционално се застапени во економско активно население.
„Она што може да се каже како пречки со кои се соочуваат жените при вработувањето се родовата дискриминација, потоа правењето баланс меѓу работата и животот, товарот на неплатената грижа и домашните одговорности непропорционално се на товар на жените во нашата држава и со тоа се ограничува нивната достапност за полно работно време и напредок во кариерата“, вели Стојан Мишев од здружението.
Видете и ова: Семејно насилство се пријавува кога модринките ќе излезат на виделина
Ристоска се надева дека нејзината борба и одлуката на Комисијата за спречување на дискриминација ќе ги потикне жените да не се откажуваат од борбата за родова еднаквост и од правдата.
Нејзината надеж е дека како позитивен пример ќе им послужи на сите жени , без разлика дали се тоа жени во политиката или жени во позиции на државните институции или во приватниот сектор
„Мојот пример да им биде еден вид на мотив дека треба да се борат, и колку и да е тешка таа борба, да ја издржат. Тоа не е само борба за себе, туку е борба за менување на начинот на кој општеството и системот функционира и е борба за сите други жени“, вели таа.
Таа додава дека државата има уште долг пат во делот на гарантирање на мајките на основните права, особено во делот на целосно користење на породилното отсуство, така и во делот на подигнување на свесноста на општеството што значи тоа породилно отсуство за самата мајка и жена која „жонглира“ со повеќе обврски. Во тој дел е потребно да се унапредуваат состојбите и овие дискриминации кои се случуваат, пред се поради некои стереотипни сфаќања за улогата на жената во општеството.