„На жена не и е место во единицата за специјални единици Тигри“ е коментарот што го добила вработена откако по истекот на трудничкото боледување, теренска работа и била замената со канцелариска. Марија Смилевска која од 2013 година е вработена во единицата Тигри по изминати 4 години како специјалец на терен последниве три години сработува административни задачи.
„Треба да бирам или кариера или дете“ вели таа.
За својот проблем со раководителот на единицата доставила претставка и командирот на единицата поради вознемирување, потоа и до Внатрешната контрола во МВР и до Државниот инспекторат за труд.
„Два пати побарав разговор со него, ми кажа дека поради тоа што сум користела трудничко боледување нема да ми даде покачување и дека жени не сака во единицата и дека сака сите да ги избрка. Тоа беше неговиот одговор. Чекав тој момент да го каже и во Внатрешна контрола првиот пат кога го пријавив, но тие ми одговорија дека тоа не е во нивна надлежност. Тоа е чиста дискриминација, нели се залагаме да бидеме еднакви“ вели Смилевска.
Од МВР во краткиот писмен одговор до РСЕ велат дека по поднесената претставка на Смилевска, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапил и соодветно и е одговорено.
„Одделот за внатрешна контрола нема поднесено иницијатива за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност по основ на полова дискриминација против раководни работници во Министерството“ е одговорот прашањата кој го испрати МВР.
Смилевска објаснува дека откако го родила второто дете поставена е на работна позиција со многу помала плата, а повеќе обврски како помошник и која по систематизацијата не постои, иако работното решение и оперативец, нешто за кое е обучена.
„Со усна наредба сум преместена во планирање а таму е од инспекторско место па нагоре, тоа е веќе место за со факултет. Јас имам високо образование, меѓутоа тој не сака да ми ги даде основните бодови што ми следуваат, а не пак да ми го признае високото образование. Работам работа што по систематизација тоа работно место не постои, полицаец сум,“ додава таа.
До Инспекторатот пријавила дека правото за оправдано отсуство на родител на деца под 10 годишна возраст во време на пандемијата и било ускратено, односно во системот била заведена дека користи годишен одмор, иако за такво нешто не поднела барање. Во преставката до Внатрешната контрола навела и дека и било ускратено правото на дополнителни обуки кои и следуваат како оперативец.
Ослободени од работа жените чие породилно отсуство завршило меѓу 11 и 17 март
Смилевска додава дека нејзина колешка веќе го напуштила МВР затоа што ја делеле истата судбина, биле сведоци како помлади генерации кога доаѓаат во единицата напредуваат и во плата и позиции, а тие две стоеле во место. Еден од проблемите со кои се соочува Смилевска е бодувањето на платата, односно, како што вели, добива пониска плата од таа што ,според решението, треба да ја добива како оперативец токму поради деградацијата за која обвинува.
За да можат да работат како оперативци специјалците минуваат скапи и неколку месечни обуки платени од државата за да може да учествуваат во борба против криминалот на терен и во посебни околности.
Последните податоци околу половата структура на МВР покажуваат дека над четвртина од вработените во институцијата се жени.. Поранешните министри честопати во јавните говори посочувале дека во МВР постојат значителни разлики во поткатегориите на овластени службени лица, односно меѓу полициските и државните службеници и административниот персонал. Едно такво истражување покажува дека жените во МВР доминираат во делот на административните работи, додека нивниот процент пред неколку години во униформирана и криминалистичката полиција се движел од 2 до 15 проценти, што е под утврдениот европски минимум за 30 процентна застапеност на жените во полицијата.
Невладината Нексус во последното истражување за позицијата на жената во безбедносните структури на национално и локално ниво посочува дека тоа не е на многу завидно ниво.
„Така на пример во националниот комитет за справување со насилен екстремизам и борба против тероризмот од 22 членови само 9 се жени или 41 процент, и ниту една од овие жени не е поставена на позиција која е во функција на раководење и координација. Исто така, нема жена ниту на позиција заменик координатор“ вели извршната директорка на Нексус-граѓански концепт, Афродита Муслиу.
Родово базираната дискриминација со која се соочуваат жените на работното место е поттикната од сексизам и од родови стереотипи кои сугерираат дека „репродуктивната улога, грижата за деца и лица на кои им е потребна поддршка и домашната работа“ се во конфликт со работната средина бидејќи од страна на работодавците и менаџерите се доживуваат како бариера за кариерен развој и напредок. Ова го покажува минатогодишното истражување на НВО Реактор на тема „Родово базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија“. Во него е наведено дека бременоста останува ризичен кариерен чекор – жените се честопати принудени да избираат помеѓу имање платена работа, кариера и имањето деца, а оваа одлука понекогаш е условена од нивните работодавци.
„Тие се казнети со пониски работни позиции и бариери при унапредувањето, како и со пониски плати во споредба со мажите само затоа што се жени и имаат репродуктивна улога,“ се вели во истражувањето.
Наодите на студијата укажуваат дека многу мал број на случаи на родово базирана дискриминација врз жените на пазарот на труд се пријавуваат кај надлежните институции и механизмите достапни за превенција и заштита од дискриминација. Институциите одговорни за справување со родово базираната дискриминација на работно место, пак, немаат податоци за нејзината распространетост. Според интервјуираните испитаници, дискриминацијата врз основа на родот не се пријавува поради недостиг од знаење каде да се обратат, поради недоверба во институциите, како и поради долги и скапи процеси за да се докаже дискриминацијата врз жртвите.