Обилни врнежи наврнаа во текот на ноќта од 4 до 5 август во словенечките провинции Горењска и Корушка, поради што има нови поплави во тие области. Водостоите на реките на југот на Словенија, кои на места се излеаа, е во пораст, а многу патишта сѐ уште се затворени.
Областа на Чрна во Корушка сѐ уште е отсечена од светот бидејќи многу мостови и патишта се оштетени, струјата и водата се исклучени, нема телефонски врски, па војската и пожарникарите сѐ уште се ангажирани.
„Целиот регион се уште е загрозен од поплави и зголемен број одрони, но дождот вечерта на 4 август таму беше со помал интензитет“, изјави регионалниот командант за цивилна заштита Алан Матијевиќ.
Во многу места во регионот нема вода за пиење бидејќи се оштетени водоводните цевки, па приоритет на пожарникарите ќе биде испорака на цистерни со вода за пиење, пренесува новинската агенција Индекс.
Бранот поплави се движеше низводно по реките Савиња, Камнишка Бистрица и Градашчица, а во поголема мера ја поплави Пољанска Сора во долниот тек, соопшти на 5 август Словенечката управа за заштита и спасување. Сава се излива и во поголем волумен.
Горниот тек на Драва е стабилен, додека водостојот во долниот тек забавува. Протокот на Мура во Горња Радгона во наредните часови ќе се стабилизира на околу 1 400 кубни метри во секунда.
Видете и ова: Во Словенија се очекува ново излевање на реки, црвен аларм во делови од ХрватскаВодостојот на реките кои во петокот поплавија големи површини се намалува, но поради врнежите тоа се одвива побавно, а на места има и помали зголемувања. Сличен тренд на опаѓање на водостојот се очекува и на 5 август.
Посетителите на бањата Чатеж беа евакуирани во текот на ноќта. Според прогнозите и Крка ќе расте и ќе се излее. Дирекцијата за заштита и спасување од четврток навечер до сабота регистрирала вкупно 3 701 инцидент, од кои најголем дел, 1 130 се случиле во главниот град Љубљана.
Пожарникарите од единицата 574 главно ја црпеа водата од поплавените згради, ги отстрануваа остатоците од под мостовите, ги спасуваа потопените возила и ги евакуираа луѓето на неколку локации. Ангажирани беа и други надлежни служби. Бројни патишта во провинциите Приморска, Горењска, Корушка и Штаерска во централна Словенија сѐ уште се затворени.
Според податоците на словенечката агенција за животна средина, на 5 август врнежите постепено ќе се намалуваат.
Словенечката полиција за словенечката новинска агенција СТА изјави дека еден Словенец загинал кај Камник, додека двајца Холанѓани ги загубиле животите во планините во областа Крањ. Сѐ уште се утврдуваат точните околности на смртта, информираат од полицијата.
Нуклеарната централа Кршко вечерта на 4 август прогласи вонредна состојба поради големиот проток и високиот водостој на реката Сава. Станува збор за вонредна состојба со најниско ниво на опасност во согласност со Националниот план за заштита и спасување во случај на нуклеарна или радиолошка несреќа, пренесува Н1.
Во текот на ноќта евидентирани се бројни интервенции низ државата, дежурни екипи и надлежни служби се на терен и продолжуваат со отстранување на настанатите последици и помагање на населението, јавија словенечките медиуми.
Министерот за одбрана Марјан Шарец на прес-конференција синоќа најави дека Словенија ќе побара меѓународна помош, а еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич во наредните денови ќе ја разгледа состојбата во земјата.
Денеска ќе заседава Советот за национална безбедност, а потоа и Владата.
Според предвидувањата на премиерот Роберт Голоб, ќе биде прифатен предлогот за измена на законот за отстранување на последиците од елементарни непогоди, кој првично беше планиран по одморите.
Неколку места во земјата се уште се отсечени. Меѓу нив е и општина Межица. Како што напишаа во соопштение, за нив тоа е катастрофа каква што не паметат.
„Во моментов сите граѓани се безбедни. Сепак, ситуацијата се уште се менува од минута во минута. Цел ден беа активирани сите надлежни служби во општината кои се обидуваа да ја решат или ублажат штетата. Ни помагаат од словенечката Армија и пожарникари од Мурска Собота. Состојбата во нуклеарната централа Кршко е стабилна и под контрола, откако од електраната констатирале дека забележале „ненормален настан“ поради големиот проток и високиот водостој на реката Сава“, изјави Томаж Немец од Дирекцијата за нуклеарна безбедност.
Најмалку три жртви загинаа како последица на невремето и големите поплави што ја зафатија Словенија ноќта меѓу 3 и 4 август.
Црвен аларм во делови од Хрватска, Србија на готовс
Поради состојбата во соседните земји, во Хрватска се очекува значително зголемување на водостоите на реките Мура, Драва и Сава.
Видете и ова: Најмалку три жртви од невремето во Словенија, предупредувања и за Италија, Хрватска и Босна и ХерцеговинаХрватскиот хидрометеоролошки завод доцна синоќа издаде црвено предупредување за Риека и Госпиќ. Портокалово е за Карловац, Загреб и Сплит, а жолто за Осиек, Кварнер и Далмација. Најавен е град и силен ветер.
Сите оперативни сили и учесници во системот за цивилна заштита се во состојба на готовност. Силно невреме со обилни врнежи од дожд веќе ја зафати областа Кварнер, јавија хрватските медиуми.
На подрачјето на Кварнер, според првите информации, има паднати дрвја и оштетен имот. Во Мали Лошињ 25 пожарникари засега се распоредени на 36 интервенции.
Граѓаните пријавија уништување електрични столбови, делови од куќи, оџаци, а потопен е и брод.
Ситуацијата не се смирува ниту во загребската област. Дождот не престанува да врне, што дополнително влијае на водостојот на Сава, кој на секој час се зголемува за шест сантиметри. Сава почна да се излева во западниот дел на Загреб, поточно кај Јанкомир, а загрозени се и најниските делови на општина Брдовец, чии жители ноќеска први добија порака од Системот за рано предупредување и управување со кризи.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека состојбата со водостоите е сериозна.
„Според сите сателитски и радарски снимки, бранот што следи ќе го зафати поголемиот дел од Хрватска, веројатно не секаде со ист интензитет, но в сабота се очекуваат грмежи и најверојатно ќе врне пороен дожд во текот на ноќта. Ваквото покачување на нивото на реката го имаме како последица на она што се случува во Словенија, така што е сериозна ситуација“, изјави Божиновиќ.
Во Босна и Херцеговина е вклучен метеоролошки аларм.
Во Србија, Министерството за внатрешни работи соопшти дека ги презема сите неопходни мерки за спречување на последиците од обилните врнежи, како и за заштита на населението и имотот.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека интензивно го следи развојот на временските непогоди кои ги погодија земјите од регионот.
Наредбата за преземање превентивни и оперативни мерки е испратена до градоначалниците, претседателите на општините, како и раководителите на административните области, се со цел да се спречат и отстранат последиците од временските непогоди и да се заштитат животите на луѓето, материјалните и културните добра.
Невреме од големи размери се очекува и во Италија. Во Милано, наредено е да се затворат парковите, зелените површини и гробиштата, а според Ла Стампа, стопирана е работата на пазарите на улиците каде што има дрвја.