Ниту една институција во државата не е соодветна да третира пациенти со тешки оштетувања како што има 19 - годишниот Леонид Индов, велат лекари и директори на институции за рехабилитација со кои разговараше Радио Слободна Европа. Осумнаесетгодишниот Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција што предизвика сериозна повреда на рбетниот мозок.
Новиот робот за рехабилитација, таканаречен „локомат“, што пред Нова Година го доби Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Козле(поранешен Завод за рехабилитација) уште не е целосно во функција, а и да е - прашање на стручна проценка е дали воопшто Леонид ќе може да го користи.
Овој робот се смета за еден од најсовремените апарати за рехабилитација и е голема надеж за пациенти кои поради повреда не можат да се движат.
„Фондот за здравствено осигурување треба да оформи цена по која пациентите ќе го користат апаратот. Ние доставивме се што беше побарано од нас“, изјави д-р Велика Лабачевска, в.д директорка на Клиниката за физикална медицина и рехабилитација за Радио Слободна Европа.
Од Фондот одговорија дека „процедурата за дефинирање на референтна цена за здравствените услуги со роботска рехабилитацијае во тек“.
Заменик министерката за здравство Маја Манолева пред два дена изјави дека родителите на Леонид не побарале рехабилитација во земјава, но и дека на државните клиники има современи услови и апарати за лекување.
„Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, од којашто јас дојдов на позицијата заменик министер, во последниве 4-5 месеци веќе работи со најнова, најсовремена апаратура за роботска рехабилитација којашто им овозможува на тешките неподвижни пациенти да го вратат процесот на одење“ изјави Манолева на 21 февруари при посетата на Здравствениот дом во Тетово.
Според индикациите што ги изготвиле стручните лица од Клиниката за физикална медицина, роботот не е препорачлив за пациенти со декубит(рани на телото), со трахеостома, со респиратор, со контрактури на екстремитетите...Нашите извори велат дека овој апарат дури и нема дел каде пациент може да ја стави раката, односно дека е наменет главно за рехабилитација на способноста за одење.
За работа со роботот се обучени шестмина терапевти од клиниката. По две стручни лица заедно оценуваат кој пациент е погоден да се стави на роботот. Засега, пробано е со пациенти кои лежат во клиниката за рехабилитација, и тоа со малкумина од нив. Изворите на Радио Слободна Европа велат дека за пациенти кои доаѓаат од надвор(не лежат во Заводот) роботот досега не бил користен.
Апаратот чини 940.000 евра, а го набави Министерството за здравство.
Од цел список центри за рехабилитација, четири се бањи
Радио Слободна Европа го доби списокот од Фондот за здравствено осигурување(ФЗОМ) за институциите со кои ФЗОМ има склучен договор за медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување на товар на државата.
На списокот се 11 институции, од кои четири се бањи („Катланово“, „Цар Самоил“, „Негорски бањи“ и Дебарски бањи“), два се заводи за рехабилитација на говор (Во Скопје и во Битола), а една е Детската клиника за респираторни заболувања.
Од останатите четири институции (Завод за кардиоваскуларни заболувања - Охрид, болница за респираторни заболувања во Отешево, Клиниката за физикална медицина во Козле (поранешен Завод за рехабилитација) и болницата за трауматологија „Св.Еразмо“ во Охрид , за најстручни што можат да третираат пациенти кои не се движат се сметаат Заводот во Козле и „Свети Еразмо“.
Видете и ова: Лекари се вработуваат или партиски или етнички, но секако со врски„Во Скопје има најмалку пет-шест млади луѓе како Леонид кои лежат в кревет поради повреда на р'бет или со тешки последици од мозочен удар. За да се каже дали пациентот е за кај нас, мора прво да го видиме и да се направи стручна проценка. Ние сме третирале слични случаи, некои станувале..не располагаме со говорни терапевти, а не се применуваат ни некои од методите што ги набројува центарот од Виена во случајот на Леонид - велат нашите извори од Клиниката за физикална медицина.
Д-р Јордан Смически, директор на „Свети Еразмо“ - Охрид, вели дека ниту имаат простор, ниту имаат кадар за рехабилитација. Болницата се реконструира веќе седум години, целиот кат што бил за физикална терапија сега се користи за други намени.
„Во поранешна Југославија бевме први, имавме невидени успесо во рехабилитацијата. Но, сега немаме никакви услови за вакви пациенти. Имаме двајца физиотерапевти, од кои едниот е пред пензија. Имаме пациенти во државата како Леонид, и за нив треба да се направи посебен центар“, изјави Смически за Радио Слободна Европа.
Лекарите со кои разговараше Радио Слободна Европа се согласни дека Центар за кома и Центар за квадриплегија се места соодветни за лекување на луѓе со повреди како Леонид Индов. Такви центри нема во Северна Македонија.
Две барања, двете се одбиени
Леонид Индов е ученик во математичко-информатичката гимназија во Скопје и сега требаше да биде четврта година. Има повеќе интернационални успеси, а добил и прво место на меѓународен натпревар НАСА за развој на апликации.
РСЕ објави дека во слична состојба како Леонид е и 19-годишниот Јани Илиев од Неготино, кој со помош на донации веќе 14 месеци е на рехабилитација во Грција. И покрај тоа што Клиниката за физикална медицина во 2022 година дала предлог Јани да биде испратен во странство, ФЗО го одбил барањето затоа што во правилниците и законите според кои работи Фондот специјализираната медицинска рехабилитација во странство, како продолжено болничко лекување, не може да биде на товар на државата.
Според податоците што го добивме од ФЗОМ, од 2022 година досега, две лица поднеле барање во ФЗОМ за специјализирана рехабилитација во странство. Двете барања се одбиени.
„Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор. Според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко
лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување“, соопштија од ФЗОМ.
Откако јавноста се мобилизира да собира донации за Леонид да го продолжи лекувањето во Виена, од ФЗОМ рекоа дека одлуката на првостепената комисија не е конечна и дека треба да се изјасни и вторестепената лекарска комисија. За да се сменат правилата и рехабилитацијата во странство да ја покрива државата, од ФЗО рекоа дека се потребни законски измени, но и нов начин на финансирање на здравствениот систем.
Леонид Индов беше испратен во Виена на 6 февруари со хелихоптер за медицински транспорт од хелихоптерската единица на МВР. На настанот присуствуваа заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Боцмајлиев, Сашо Тасевски, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), како и Христијан Костов, директорот на ГОБ „8-ми септември“.