Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) утврдува дали фирмата Рецикл-Еко Старт е одговорна за депонирање на стотици тони опасен отпад од преработка на акумулатори на земјиште во селото Орман во скопската Општина Ѓорче Петров, вели за Радио Слободна Европа директорот на ДИЖС Сретен Стојковски.
Сегашните информации на инспекторите покажале дека опасниот отпад бил складиран на парцели во сопственост на жители на село Желино кои немале поврзаност со фирмата, додава Стојковски. Ако се докаже потеклото на отпадот, Инспекторатот може да поднесе кривични пријави за фирмата, додека физичките лица може да се соочат со кривична или со прекршочна пријава.
„Одговорноста може да биде кривична во зависност од големината на субјектот. Ако загадувањето е од големи размери со опасен отпад, може да се отвори кривична постапка. Казните за фирмата можат да бидат максимум до 98.000 евра во зависност од големината на компанијата за дело постапување спротивно на правилата за управување со отпад“, вели Стојковски.
Видете и ова: Откриен опасен отпад кај селото ОрманДржавните инспектори објавија дека 500 до 600 тони опасен отпад од преработка на акумулаторски батерии бил складиран на парцели во Општина Ѓорче Петров во близина на скопското село Орман, на само неколку метри од брегот на реката Лепенец.
Според А-Интегрираната еколошка дозвола на фирмата Рецикл-Еко Старт ДОО експорт-импорт Скопје, тие можат да топат акумулатори како дел од процесот на рециклажа.
Но, сегашните индиции на инспекторите покажале дека отпадот во цврста состојба кој останувал од овој процес, бил складиран на парцелите во сопственост на физичките лица во село Орман. За случајот информации од ДИЖС побарало и Јавното обвинителство, вели Стојковски.
Се обидовме да добиеме коментар од Рецикл-Еко Старт, но телефонските броеви објавени на интернет страницата на фирмата не функционираат.
Додека се собираат докази, државните инспектори, но и во Општина Ѓорче Петров засега немаат информации колку време отпадот бил депониран на локацијата.
Државните инспектори на 18 октомври издале решение сопствениците на земјиштето да го дислоцираат опасниот отпад од катастарските парцели КП 247 КО Орман – с. Орман и КП 248/3 КО Орман – с. Орман на соодветна локација во рок од 30 дена.
Фирмата Рецикл-Еко Старт работи на околу 2,5 километри од катастарската парцела каде што бил оставен отпадот, велат од Државниот инспекторат.
Видете и ова: На Пеленица има околу 40 000 тони контаминирана почва со линданСпоред информациите од А-интегриранта еколошка дозвола објавена од Министерството за животна средина и просторно планирање, инсталацијата работи на плац со површина од 7.896 метри квадрати, каде меѓу другото има погон за топење на оловни суровини, погон за рафинација на олово, погон за сепарација на акумулатори и друго.
Граѓанската организација за заштита на животната средина „О2 Иницијатива“ во реакција за случајот, наведе дека Рецикл-Еко Старт преработува стари акумулаторски батерии и произведува 10.000 тони годишно рафинирано олово и 5.000 тони годишно оловни легури.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојковски за Радио Слободна Европа вели дека инспекторите од општината први го информирале државниот инспекторат дека на локацијата е складиран отпадот.
Тој додава дека денеска инспекторите од општината ќе имаат средби со државните инспектори за расветлување на случајот, но според него поголем проблем ќе биде како и каде понатаму ќе се складира отпадот.
„Проблем е каде ќе се исчисти тој отпад, бидејќи ние во Македонија депонија за таков тип на отпад немаме. Немаме депонија со А-интегрирана дозвола и претпоставувам дека таква депонија треба да се најде некаде во соседството. Еве ме информираа дека во Велес има милиони тони таков отпад којшто стои на отворено претпоставувам од истата причина и тука се усложнува целата работа“, вели Стојковски.
Тој додава доколку се водат истраги за загрозување на општото здравје на луѓето, можеби треба во случајот да се вклучат Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
И директорот на ДИЖС Стојковски потврдува дека овој отпад е сличен на отпадот од топилницата во Велес, каде е складиран околу 3 милиони тони.
Доколку се утврди одговорност на фирмата Рецикл-Еко Старт, вели Стојковски, може да биде задолжена да го врати назад отпадот на своја локација од каде е направен или пак друга опција како што вели е фирмата да направи извоз на отпадот, со оглед дека нема дозвола за трајно складирање на ваков вид отпад.
Видете и ова: Депонијата на ОХИС, најопасна во МакедонијаИ додека се создаваат нови депонии со илјадници тони опасен отпад, земјава со децении не може да ги реши депониите со историски опасен отпад кои се дефинирани како жешки точки.
Иако е започнато е чистење на депонијата со илјадници тони линдан во фабриката Охис во Скопје, се уште стојат депонии со милиони тони индустриски отпад од топилницата за олово и цинк во Велес, депониите на Бучим и Лојане, рудниците за олово и цинк Саса и Тораница, Макстил во Скопје, Злетово во Пробиштип, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј...
Овие резултати беа дадени од повеќегодишно истражување на професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во кое биле вклучени повеќе истражувачи од домашни и меѓународни научни институции.
Според овие резултати, најопасна е депонијата на фабриката Охис во Скопје, каде пред 40 години се депонирани 13 илјади тони токсичен и канцероген пестицид линдан. Тој е оставен на отворено и ги загадува почвите, подземните води и воздухот.