Нема празници за вработувања во администрација, нови огласи за над 500 луѓе

Документи и вработени во администрација.

Повеќе од 500 административци се бараат на огласите распишани во последните денови од минатата и во првите од годинава, покажуваат податоците на Агенцијата за администрација. Опозицијата обвинува за предизборен поткуп, власта, пак, вели дека има реална потреба од нов кадар во јавната администрација.

На почетокот на годината најголем работодавец е Владата, која во два огласи бара 69 административци, потоа следува Дирекцијата за спасување, која преку два огласа бара 49 службеници, Министерството за образование вработува 40 службеници, Центарот за управување со кризи има оглас за 28.

Огласи за вработување има и во Агенцијата за вработување, во Државната изборна комисија (ДИК), во Регулаторната за енергетика (РКЕ) и во други агенции и дирекции. Платите се движат од околу 22 илјади, колку што е минималната до највисоката во РКЕ, каде платата е околу 56 илјади денари.

Годината само што почна, а веќе се распишани огласи за вработување на повеќе од 300 административци.

На огласите, распишани во последната недела од минатата година, пак, се бараа повеќе од 200 административци. Огласи имало објавено и во саботата, на 30 декември.

Платите зависат од работната позиција, па се нудат работни места и за минимална плата, а во некои институции платите достигнуваат и од неколку десетици илјади денари.

Од Министерството за финансии велат дека дел од актуелните огласи за вработување административци се за луѓе кои работеле на определено време, за кои веќе се плаќаат пари и придонеси и тие треба да добијат договор за неопределено, но мора да се распишан огласи.

Видете и ова: Прво избори, па закон да ги стопира партиските вработувања во администрацијата

Административци со години чекаат вработување на неопределено

Мила три години работи како административен работник во град во внатрешноста на Северна Македонија, но досега работела со договор на определено време. Претходниот договор и завршил со крајот на годината, а додека чека да заврши новиот оглас, оди на работа, работи, но користи туѓ лог на компјутерот и како што вели, незаконски е присутна во институцијата.

„За секој нов оглас, иако е за работното место на кое веќе работам, повторно ми требаат документи како за прво вработување – државјанство, потврда за неосудуваност, лекарско уверение.... Сето тоа чини пари, па некаде околу 2000 денари ми треба за да поднесам документи, а јас овој месец иако одам на работа нема да земам плата“, вели таа.

Сега се надева дека овој пат ќе биде вработена на неопределено.

„Да знам на што сум, вака само не држат во место, кога ќе дојде овој период од годината ми е многу тешко. Ако не заврши сè до крај на јануари, ќе дојде техничка влада, па ќе треба да чекам до лето, а тогаш може ќе дојде нова власт и ќе ни рече – претходните власти ви ветувале вработување, не ние“, додава Мила.

Опозицијата бара власта да запре со предизборни вработувања

Од опозициската партија, ВМРО – ДПМНЕ, во неколку наврати реагираа дека власта прави „предизборен поткуп“. Од партијата порачуваат – „Власта за запре со предизборни вработувања, а институциите да си распишат огласи по изборите.

„Власта ги полни институциите со партиски кадри како да нема утре“, реагираа од партијата.

Според властите, пак, ова не е предизборно вработување, туку реална потреба од нов кадар во јавната администрација. Секој ден администрацијата има потреба од нови вработувања, изјави неодамна министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.

„Има луѓе кои заминуваат од јавен во приватен сектор имаме и пензионирање, така да тие потреби секогаш се такви“, вели Азир Алиу министер за информатичко општество и администрација.

Бурни реакции за масовните огласи

Во декември, откако лидерите на парламентарните партии се договорија за датум за одржување на парламентарни и претседателски избори, внимание во јавноста привлекоа огласите за вработување на повеќе од 500 луѓе во државната енергетска компанија ЕСМ. Од компанијата рекоа дека им недостасуваат стручњаци, оти од почетокот на 2020 година до крајот на 2023 година бројот на вработени се намалил за 1.190. Од нив најголемиот број биле луѓе што работеле во производствениот процес, па и на огласите бараат токму стручен кадар, а само мал број работници за во администрација. Оваа компанија во државна сопственост, пак, според извештаите на Министерството за финансии е со најголема загуба од акционерските друштва и јавни претпријатија. Во третиот квартал од 2023 компанијата бележи минус од над шест милиони евра.

Видете и ова: Балансерот за дрвосечачи во Малешевијата меѓу егзистенцијалното и етничкото прашање


Бурни реакции во јавноста предизвикаа и последните неколку огласи за вработувања по „етнички клуч“ во „Национални шуми“ кое сега вработува 355 луѓе, пред се Албанци и тоа во општини каде оваа етничка заедница според пописот во 2021 година има минорна бројност.

Директорот на Национални шуми, Валентин Груевски за РСЕ изјави дека огласите се според Балансерот за правична застапеност на етничките заедници во јавниот сектор. Тој вели дека „Национални шуми“ од 2019 година има вработено на неопределено време само тројца луѓе. Во тој временски период, пак, од јавното претпријатие си заминале над 700 вработени по разни основи - пензионирање, заминување во странство или смрт.

Груевски негира дека ова мириса на предизборни вработувања, како што обвинува опозициската партија, бидејќи, како што вели и досега барале вработувања, но, никогаш не добиле согласност од Министерството за финансии.

„Ние мораме да добиеме согласност. Таква согласност сме добивале само за вработување на определено време. Во овој момент имаме 450 луѓе кои до 31.12.2023 година беа вработени на определено време. На нив им завршија договорите. Мислам дека најголем дел од нив ќе се пријават на конкурсот и ќе бидат примени“, вели Груевски.

Според податоците од регистарот на вработени во јавниот сектор минатата година биле активни 1.354 институции во кои се вработени вкупно 129.374 административци.

Предизборното вработување во јавниот сектор е редовна појава која е често критикувана во извештаите на Европската комисија. Претседателските и парламентарните избори ќе се одржат во април и мај догодина, што значи дека активни огласи и конкурси за вработување во јавната администрација може да се објавуваат уште малку. Кога ќе се формира техничка влада на 27 јануари многу активности ќе треба да запрат, меѓу нив и вработувањето во државни јасли.

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, вели дека со новите закони за администрацијата кои допрва треба да се донесат, ќе се воспостави ред при вработувањето во државните институции.

Графички приказ за нова поедноставена постапка за процес на вработување во јавниот сектор

Од годинава, пак, на сила е нов закон, според кој на институциите нема да им треба потпис на министерот за финансии за вработувања во јавен сектор. Секој буџетски корисник ќе треба да си направи годишен план за вработување. Тој план ќе треба да биде одобрен од надлежна институција, на пример министерство, совет на општина, а за државно претпријатие загубар ќе одлучува Владата. Огласите, што во моментов се објавена на Агенцијата за администрација, пак, се според Годишниот план на институциите но за 2023.