Уставните измени се внатрешно прашање, но без вметнувањето на Бугарите во Уставот Северна Македонија ќе застане на патот кон Европската Унија, а ќе остане и изолирана. Би било штета, Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка. Оваа порака заедно ја пренесоа на сите политички лидери во Скопје и побараа националните интереси да ги стават над партиските, министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Влаховски во име на на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.
Тројцата министри и пред и по средбите во Скопје кажаа дека е реткост тројца министри да дојдат во посета на земја од Западен Балкан, и дека тоа треба да се разбере како силна порака дека нема веќе време за губење.
„Рани предвремени парламентарни избори би биле контрапродуктивни“, изјави министерот за надворешни и европски работи на Словачка, Мирослав Влаховски на заедничката прес-конференција со неговите колеги од Австрија и Чешка. На прашањето дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ е против донесувањето на уставните измени, Влаховски порача дека ова е единствена можност за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија, кој тешко може да се повтори.
Видете и ова: Државните над партиските интереси, порака од ЕУ до власта и опозицијата„Ова би го пренел и на сите и на опозицијата, мора да го искористите овој момент. Ние не дојдовме со решение кое ќе значи дека во овие 12 часа ќе го решиме проблемот. Ние имаме порака за охрабрување, да направите исчекор. Но, не можеме да го направиме тоа за вас. Задачата е пред вас. Нема да има нов договор и сега дебатата мора да продолжи. Ние многу јасно кажуваме што можеме, а што не можеме да направиме и за ова ќе известиме назад во Брисел“, рече Влаховски.
Министерот за надворешни работи на Чешка, Липавски кажа дека ги слушнале коментарите и грижите и на власта и на опозицијата.
„На нашиот пат, ние ќе направиме се’ што можеме за да спречиме дополнителни барања во однос на отворените билатерални прашања. Ги повикувам сите пратеници да ја надминат партиската политика и да размислуваат за иднината на државата“, повика Липавски.
Европските министри не сакаа да споделуваат детали од средбите, освен дека се задоволни од тоа како поминале во нивната целокупна денешна посета во државата.
Мицкоски: Ја прекинуваме официјалната комуникација со власта
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, велат дека на одржаната средба со министрите од земјите членки на ЕУ, порачале дека уставни измени под бугарски диктат нема да поддржат. Како што соопштуваат, партијата го повторила ставот дека земјата треба суштински да се фокусира на реформи. Пред средбата Мицкоски изјави дека ќе биде навреден ако разговара со нив само за уставните измени, а не и за реформите што треба да ги наорави државата.
„Во врска со намерата на власта, без вклучување на опозицијата во ниеден дел од преговорите, да протурка низ Собранието уставни промени под ултиматум од бугарска страна, претставниците едногласно го повторија заедничкиот став дека уставни измени под диктат нема да бидат поддржани и дека државата итно треба да се фокусира на завршување на вистински реформи на системот кои ќе значат вистинска европеизација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ по средбата на нивниот лидер Христијан Мицкоски со тројцата ЕУ шефови на дипломатии.
Видете и ова: Османи: Ќе работиме со пратениците за уставните измени, ВМРО ДПМНЕ потфрлиАлександар Шаленберг, министерот за надворешни работи на Австрија, посочи дека Северна Македонија е важна за ЕУ, бидејќи покажала голем капацитет за реформи, големо чувство на одговорност, и е земја која работела напорно за да опстои на патот кон ЕУ.
„Поминаа 18 години и разбираме фактот дека оваа земја не напредува толку брзо колку што сакате и тоа креира фрустрации и тоа е разбирливо. Разговаравме со сите од политичкиот спектар во земјава. И со сите со кои разговаравме покажаа дека се проевропски за патот кон ЕУ. Сите се свесни за одговорноста дека ова е моментот во развојот на патот кон ЕУ и од наша позиција и сметавме дека имаме добри состаноци. Ќе ги известиме нашите партнери во ЕУ“, рече Шаленберг.
Тие имаа средби и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со нивнот домаќин, министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Видете и ова: Коп: Нема да има ново вето, уставните измени се гаранција за почеток на преговоритеВметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за формално почнување на преговорите на земјата за членство во Европската Унија по завршувањето на скринингот, односно за отворање на кластерите.
За донесување на уставни измени во Собранието е потребно двотретинско мнозинство во 120- члениот Парламент кое актуелното владејачко мнозинство сега го нема. Предлогот за дополнување на Преамбулата се уште е во Владата и според најавите наскоро ќе биде доставен до Собрание.
За прв пат клучот за да ги отворање на кластерите и поглавјата од преговорите се во македонски раце, но проблемот сега е во домашниот отпор за дополнување на Уставот со етнички заедници, изјави утрово министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со неговите тројца колеги од Вишеградската група.
„Луѓето во земјава со право се фрустрираат затоа што ова е уште еден обид за менување на Уставот, по само пет години од уставните измени за менување на името на државата, затоа граѓаните имаат чувство дека целта постојано се движи. Опозицијата ја користи таа фрустрација на граѓаните и сака да ја претвори таа фрустрација во политички поени за нив. Но, тоа не е правично во однос на геостратешката ситуација“, изјави Османи.
Австрискипт министер Шаленберг од Скопје тој испрати порака и до Софија.
„Надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки“ изјави Шаленберг.