Достапни линкови

Државните над партиските интереси, порака од ЕУ до власта и опозицијата


Министри за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи
Министри за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи

Тројца министри за надворешни работи од Австрија, Чешка и Словачка во Скопје порачаа нема време за чекање за уставни измени, а до Софија испратија порака да размислува стратегиски. Тие денеска имаат средби со политичари од власта и опозицијата.

Да се одложи усвојувањето на уставните амандмани ќе значи да се одложи пристапувањето на Северна Македонија во Европската Унија. Би било штета, Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка. Ова порака ја донесоа во Скопје тројцата министри од Вишеградската група во име на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел.

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за формално почнување на преговорите на земјата за членство во Европската Унија по завршувањето на скринингот, односно за отворање на кластерите.

Во официјална посета на Северна Македонија дојдоа министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Чешка, Јан Липавски и министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Влаховски.

Министрите од Вишеградската група заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, Скопј3 13 јули 2023
Министрите од Вишеградската група заедно со евроамбасадорот Дејвид Гир и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи, Скопј3 13 јули 2023

Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг по средбата со македонскиот колега Бујар Османи истакна дека е реткост тројца министри да дојдат во посета на земја од Западен Балкан, и дека тоа треба да се разбере како силна порака дека нема веќе време за губење.

„Ако не се донесат уставните измени и ако не продолжи да оди по европскиот пат Северна Македонија се соочува си опасноста да биде изолирана. Штом ќе почнат преговорите, тоа е неповратен процес. 18 години земјата чека да дојде до овој момент, сега ви останува само да го искористите овој момент, да се биде политички одговорен, да се имаат националните интереси пред се, а не партиските интереси“, изјави Шаленбег.

За донесување на уставни измени во Собранието е потребно двотретинско мнозинство во 120- члениот Парламент кое актуелното владејачко мнозинство сега го нема. Предлогот за дополнување на Преамбулата се уште е во Владата и според најавите наскоро ќе биде доставен до Собрание. Од опозицијата тврдат дека кај нив ставот за ова прашање е јасен - нема да поддржат уставни измени под бугарски диктат и дека власта е во заблуда ако верува во спротивното.

Мицкоски: Ја прекинуваме официјалната комуникација со власта

За прв пат клучот за да ги отворање на кластерите и поглавјата од преговорите се во македонски раце, но проблемот сега е во домашниот отпор за дополнување на Уставот со етнички заедници, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи по средбата со неговите тројца колеги од Вишеградската група.

„Луѓето во земјава со право се фрустрираат затоа што ова е уште еден обид за менување на Уставот, по само пет години од уставните измени за менување на името на државата, затоа граѓаните имаат чувство дека целта постојано се движи. Опозицијата ја користи таа фрустрација на граѓаните и сака да ја претвори таа фрустрација во политички поени за нив. Но, тоа не е правично во однос на геостратешката ситуација“, изјави Османи.

Според Османи рокот за завршување на процесот со уставните измени зависи од скрининг-процесот, кој треба да заврши во ноември. Тој на прашањето дали очекува ново вето или блокада од Бугарија, изјави дека нема други предуслови, освен веќе постојните патокази и акциски план.

Шаленберг додаде дека тој заедно со неговите колеги од Чешка и Словачка, Јан Липавски и Мирослав Влаховски немаат цел да се мешаат во внатрешните работи на земјата, затоа што решението треба да дојде од внатре.

„Решението нема да дојде од Брисел, од Виена, Прага или Братислава, а ве уверувам дека нема да дојде ни од Софија. Вам ви останува дали ќе одите напред. Треба да се потсетиме на геостратешката состојба, Русија претставува голема безбедносна закана за Западен Балкан која не престанува да работи на негова штета. Северна Македонија и сите земји од регионот треба да влезат во ЕУ, сега е време стратегиски да се размислува“ истакна Шаленберг.

Од Скопје тој испрати порака и до Софија.

„Надминете ги билатералните прашања и исто така почнете да размислувате стратешки“ изјави Шаленберг.

Словачкиот министер во својот говор ги истакна бенефитите од членството во ЕУ. Тој уверува дека е можно земјава да стане членка на Унијата до 2030 година по што ќе почувствува и раст на економија и бруто домашен производ. Според него земјава е подготвена за повторно да биде лидер во евроинтегративниот процес.

„Сакаме да станете примерот што треба да се следи, се надевам дека мисијата ќе ја завршите до 2030 година, и како пред две децении повторно да станете лидер на Балканот во ЕУ интеграциите“, изјави Влаховски.

За да може Македонија да продолжи преговорите со Европската Унија, потребно е по завршувањето на скринингот до ноември годинава да се вметнат Бугарите во Преамбулата со што на Втората меѓувладина конференција ќе се отвори и првиот кластер од преговорите.

Тројцата министри ќе имаат средба и со претседателот на Собранието Талат Џафери како и со лидерите на политичките партии и пратениците во Собранието.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG