Беше летен ден кога Маида отишла во полиција во едно гратче во Босна и Херцеговина да го пријави нејзиниот сопруг кој и се заканувал дека ќе ги убие неа и децата.
Речиси шест илјади километри подалеку и неколку степени Целзиусови повеќе, Марзие почнува да сфаќа дека нема да може да се врати на училиште. Преку границата во Иран, протестите продолжуваат откако Махса Амини почина во полициски притвор поради наводно кршење на правилата за носење на хиџаб.
„Каде и да погледнеме, правата на жените се на удар, но никаде ова не е повидливо како во Авганистан“, вели Хедер Бар, заменик-директор за женски права во организацијата Хјуман рајтс воч (ХРВ).
Откако се вратија на власт во август 2021 година, Талибанците наметнаа десетици правила кои ги ограничуваат правата на жените на слобода, работа и студирање.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според податоците на УНЕСКО, најмалку 1,4 милиони девојчиња во Авганистан немаат средно образование. Марзие е една од нив.
„Сакав да станам докторка и да и служам на мојата земја“, изјави Марзие, тинејџерка од Авганистан, за Радио Азади, авганистанскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Одев на училиште девет години, но сето тоа беше залудно. Сега седам дома“, раскажува младата девојка.
Денеска на жените во Авганистан им е забрането да одат на училиште над шесто одделение, мора да носат хиџаб и им е забрането да посетуваат некои паркови.
Ниту една земја не ги призна Талибанците, меѓутоа, се поголем број земји соработуваат со нивната влада за трговски, безбедносни и имиграциски прашања.
„Ако светот може да погледне што Талибанците им прават на жените и девојките, да ги крене рамениците и да продолжи да соработува со нив во други области, тоа покажува колку малку значат правата на жените и девојките за светските лидери“, истакнува Бар.
„Право на избор“
Во соседен Иран, на жените им се забранети многу области на студирање, спортски настани, како и добивање пасоши или патување надвор од земјата без согласност на нивните сопрузи.
Жените кои го прекршуваат исламскиот кодекс на облекување се соочуваат со парични казни и затворски казни до десет години.
Но, и покрај властите, се поголем број Иранки одбиваат да носат задолжителен хиџаб.
Хиџабот е симбол на угнетувањето на жените во Иран, вели 20-годишна жена од оваа земја за Радио Фарда.
„Ова парче ткаенина претставува право што ни е одземено. Тоа е слободата да бирам што сакам да носам“, објаснува таа.
Прашањето за задолжителниот хиџаб беше во центарот на протестите што избувнаа во Иран во 2022 година по смртта на Махса Амини, млада жена уапсена за наводно кршење на законот за хиџаб.
Две години по смртта на Махса Амини, телото на ОН со мисија во Иран вели дека континуираното негирање на пристапот на жените до човековите права служи како „остар потсетник дека, без одговорност, преовладува неказнивоста“.
Во меѓувреме, стотици жени во Иран се убиваат секоја година од машки членови на семејството, вклучително сопрузи, татковци и браќа, во име на зачувување на таканаречената „чест“ на семејството.
Според податоците на њујоршката организација „Стоп за фемицидот во Иран“, над 150 жени биле жртви на фемицид во оваа земја во 2023 година.
Случаи на родово насилство се забележани и во Авганистан. Фондацијата „Авганистански сведок“ наведува дека за три години откако Талибанците се вратија на власт, во земјата се регистрирани најмалку 332 случаи на фемицид.
Видете и ова: Стравот на жртвата го „чува“ насилникот подалеку од затворОсвен фемицидот и бројните ограничувања под кои живеат жените во Авганистан, детските бракови се уште една опасност со која се соочуваат.
Во интервју за Радио Азади во септември, Шазија, која живее во провинцијата Мајдан Вардаг во Авганистан, објаснува како се омажила кога имала 12 години.
„Мајка ми почина во тој период, а јас пораснав во домот на мојот сопруг. Свекрвата ме одгледа. Официјално се омажив кога имав 14 години, а првото дете го родив на 15 години“, раскажува Шазија.
Таа е една од многуте девојки кои се принудени на брак. Според Организацијата на ОН за жените, откако Талибанците ја презедоа власта пред три години, детските бракови се зголемиле за 25 проценти.
Проблемите остануваат
Но, родовото насилство е присутно и во земјите каде што жените немаат ограничувања за движење, облекување, право на работа и образование.
Според проценките на Обединетите Нации, во 2023 година на секои десет минути ќе биде убиена жена од некој што го познава.
Скоро секоја трета жена барем еднаш во животот доживува насилство, покажуваат податоците на организацијата.
Во Косово, во последните 14 години, најмалку 58 жени биле убиени во случаи на родово насилство.
Меѓу нив била и 20-годишната Ерона, која била убиена од нејзиниот поранешен сопруг. Тие беа разведени речиси една година, но нејзиниот поранешен партнер имаше право да го види нивниот син.
На последната средба таа била убиена, а како главен осомничен бил уапсен нејзиниот поранешен сопруг. Нејзината мајка, Милихатја, верува дека Ерона трпела насилство за време на нејзиниот брак.
„Ќе дојдеше дома и ќе речеше дека никогаш нема да се врати кај него, но нешто ќе се случеше и потоа повторно ќе се вратеше кај него“, објаснува нејзината мајка за косовскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Жртва на семејно насилство може да добие до 5.000 евра од државатаПодатоците на косовската полиција покажуваат дека во 2023 година биле пријавени 2460 случаи на семејно насилство.
„Насилството врз жените останува една од главните пречки за светот да постигне родова еднаквост. И секоја земја има обврска според меѓународното право да ја поддржи родовата еднаквост“, објаснува Хедер Бар од ХРВ.
„Ниту една земја во светот не постигна родова еднаквост“, заклучува Бар.
Системите за заштита треба да бидат подобри, се согласува Маида, која на крајот успеала да го пријави сопругот и да се разведе.
„Дојде и ме фати за врат. Децата го видоа ова и почнаа да плачат. Јас им реков дека сум добро, а потоа ми удри шлаканица“, изјави Маида за Балканскиот сервис на РСЕ.
На крајот, нејзиниот сопруг добил забрана за приближување, таа го започнала процесот на развод, но вели дека самиот систем на заштита може да биде подобар.
„Доби само забрана за задржување, што значи дека, можеше да дојде во секое време од денот и да прави што ќе му текне“, раскажува таа.
Експертите велат дека родовото насилство може да се спречи и дека решавањето на проблемот често се сведува на политичка волја.
„Ова не се мистериозни нерешливи проблеми, тие само бараат владите да бидат вистински посветени на заштитата на правата на жените и девојките и да воспостават ресурси, системи и експертиза потребни за решавање на проблемот“, заклучува Бар.