Молкот „соучесник“ во убиства на жените

Илустрација

За фемицидот гласно се зборува, се менуваат закони, се прават кампањи, но бројката на убиства на жени се зголемува. Годинава имало пет фемициди. Судската пракса, за минатите години, покажува дека сторителите добиле најниско пропишани законски казни.Се пријавува само 2 отсто од семејното насилство.

Велешанец два часа со кабел долг 70 сантиметри ја тепал својата сопруга. Во паузите од ќотекот си пиел ракија. Се заканувал дека ќе ја убие и дека таа треба да легне во гроб, таму каде што веќе била нејзината мајка. Можеби и ќе ги реализирал заканите, да не дошла нивната ќерка која пријавила во полиција. Ја тепал жената по глава, раце, нозе, тело. Судот му судел за обид за убиство и го осудил на 10 години затвор, но пресудата паднала на Апелација и повторно било закажано ново судење. Жртвата не покренала кривична пријава против него, а ќерката го искористила правото да не сведочи и не дала исказ. Пресудата паднала на Апелација, оти повредите на жената не биле по виталните органи. Проблемот настанал бидејќи лекарскиот преглед на жртвата бил извршен по еден месец од тепањето, кога веќе повредите заздравувале.

Полицијата која прва излегла на терен, не ѝ укажала на жртвата дека треба веднаш да ја прегледа лекар. Велешанецот наместо за обид за убиство одговарал за нанесување тешки телесни повреди и во второто судење добил казна затвор од три години.

Во Охрид, пак, маж си ја задушил невенчаната сопруга со најлонска ќеса, прицврстена со ластик околу незиниот врат. Ја гледал како се мачи и како и снемува воздух. Судот го осудил за убиство на свиреп или подмолен начин и го казнил со 20 години затвор. Но, тој се жалел и случајот паднал на Апелација. Повторно му се судело, но овојпат за основен облик на убиство, оти судот оценил дека убиството не било сторено на свиреп или подмолен начин, оти умрела брзо, а и имала повреда на главата што укажува дека можеби не била свесна кога починала. Во повторното судење тој бил осуден на 15 години затвор.

Видете и ова: Семејно насилство се пријавува кога модринките ќе излезат на виделина

Ова е само дел од случаите на третирање на фемицид во судската пракса, кои се опфатени во публикацијата „Фемицидот во Северна Македонија - состојба, правна рамка и судска пракса. Во истражувањето се анализирани четири години (од 2018 до 2022) во кои имало 17 постапки за фемицид за 19 кривични дела. Најмногу обвиненија имало во пандемиските 2020 и 2021.

Една од дефинициите вели дека фемицидот претставува убиство на жена затоа што е жена и е најекстремната манифестација на насилство врз жените.

Сторителите ги добиле најниско пропишаните законски казни, а во некои случаи биле и ублажени. Само во еден случај е досудена доживотна затворска казна, но станува збор за човек кој извршил четири убиства, од кои три фемициди.

„Лично сметам дека изречените санкции не соодветствуваат со стореното дело и сметам дека можеби треба да се заостри казнената политика за да доведе до спречување и превенција на тој вид на насилство. Мислам дека казните што се движат околу законскиот минимум, а дел и ублажени, под 10 години затвор, лично сметам дека не соодветствуваат со степенот на неправото“, вели за Радио Слободна Европа, судијката Габриела Гајдова, една од авторките на истражувањето за фемицидот во Северна Македонија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Гајдова - Казните што ги добиле сторителите на фемицид не одговараат на стореното дело

Истражувањето е спроведено како дел од проектот „Родова еднаквост и борба против насилството врз жените и фемицидот во земјите од Западен Балкан“ кој го спроведува центарот АИРЕ, со седиште во Лондон.

Секој може да биде сторител на фемицид, вели Гајдова, оти ги има од сите возрасти. Во речиси половина од случаите сторителот користел ладно оружје, во шест случаи користел огнено, еден е со гушење со ќеса, еден со удари од кабел и две со тепање.

Пет од сторителите биле во брак, пет во вонбрачна заедница, четири разведени и тројца неженети. Најголем дел од нив биле невработени. Како жртви се јавуваат нивните сопруги, сегашни или бивши, а потоа следат мајки, баби, или мајки на сопругата.

„Од сите овие жртви, четири претходно биле изложени на континуирано насилство од страна на сторителот, но само една се одважила да го пријави насилството кај надлежните институции и по пријавувањето била убиена“, вели Гајдова.

Во пет од случаите имало и набљудувачи, од кои во три случаи сведокот бил дете.

На децата не може да им се замери, оти не пријавиле, бидејќи и не знаат каде и како да пријават, но во некои случаи семејното насилство и фемицидот се случувале и пред очи на возрасни луѓе, а тие не пријавиле, вели Гајдова. Причините зошто не пријавуваат, таа ги лоцира во неедуцираноста и на жртвите и на сведоците, но и во недовербата во институциите.

Не пријавуваат за да не го пикаат носот во туѓи работи

Сведоците, пак, кои не пријавуваат случаи на семејно насилство и фемицид, се соучесници, вели за РСЕ, психологот Едлира Дестани.

„Менталитетот е таков, потајно зборуваме наоколу, но не со вистинските луѓе, односно не со надлежните институции. Овој молк ни носи такви штети што доведува до згаснување на животот на жената. Тоа е бидејќи сме учени дека не треба да си го пикаме носот во туѓи работи, да не се мешаме во туѓа куќа, иако сме сведоци на насилство, не сфаќајќи дека молчењето не прави сите виновни“, вели психологот Дестани.

Дека насилството останува во рамките на домот и ретко која жртва се осмелува да пријави покажуваат низа истражувања изминатите години направени од невладините организации.

Невладините кои се занимаваат со оваа проблематика велат дека само два проценти од жените во Македонија кои претрпеле насилство од партнерот го пријавиле во полиција.

Во земјава 60 отсто од жените сметаат дека истото е вообичаена појава, додека 48 проценти сметаат дека насилството е приватна работа, се наведува во минатогодишното истражување „Невидливи убиства“ на Националниот Совет за родова рамноправност.

Видете и ова: Кога институциите ќе потфрлат, домот станува најнебезбедно место за жените

Пет фемициди во 2023

Државата не води посебна, официјална евиденција за бројот на случаи, кои би можеле да се карактеризираат како фемицид, но Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“ избројала дека во периодот од 2001 до 2020 имало 54 такви случаи.

„Во 2021 година од пет убиства при семејно насилство три се фемициди. Во 2022 година за жал бројката се зголемува и од вкупно седум убиства при семејно насилство шест се фемициди. И оваа година само во првиот квартал сме се соочиле со три фемициди, додека од неодамна имаше уште два случаја“, рече министерката за труд Јованка Тренчевска на презентирањето на извештајот за фемицидот во земјава.

Таа вели дека насилството врз жените во земја и понатаму е присутно и покрај гласното говорење, постојаната едукација и унапредените закони.

Последниот случај на фемицид се случи пред две недели, кога кумановец ги уби вонбрачната сопруга и нејзината мајка со нож, а потоа се самоуби. Сведок на настанот бил малолетниот син на сторителот и една од жртвите. Додека татко му ги убивал жените, тој бил затворен во соба, по повиците од детето, соседите повикале полиција.

Видете и ова: Кумановецот што уби две жени, бил двапати осуден за семејно насилство

Од средината на февруари годинава фемицидот во земјава стана посебно кривично дело. Според измените на Кривичниот законик за убиство со умисла на жена или девојче со извршена тортура или тешка телесна повреда предизвикана од омраза судот може да досуди и доживотен затвор. Овие измени на Кривичниот законик беа неопходни да се донесат поради усогласување со Истанбулската конвенција и европските директиви.