Неодамна беа изгласани законски измени со кои треба да им се реши статусот на таканаречните луѓе фантоми, односно луѓе без документи. Центарот за социјални работи е една од институциите кои работат на тоа да се олесни тој процес. Колку луѓе досега добија документи?
Според евиденцијата на Меѓуопштинскиот Центар за социјална работа на Град Скопје, досега се евидентирани три случаи на лица без никакви документи таканаречени фантоми. Само едно лице се јавило и побарало информација да добие помош, но потоа не се пријавило воопшто во Центарот. За другите две лица веќе е постапено, обезбедени се потребните документи и одобрена им е парична помош која во моментов не може да им се исплати бидејќи не поседуваат сметки на кои ќе им бидат исплатени средствата. Истите немаат ни здравствена заштита, бидејќи немаат матични броеви и не може да бидат внесени во системот на здравство.
Центарот за социјална работа(ЦРС) има евидентирано и 22 деца без никакви документи и за истите се грижи подолг период. Всушност ЦСР е старател на тие деца и се сместени во згрижувачки семејства со сите обезбедени услови така што згрижувачките семејства добиваат парични средства за нивна грижа. Проблемот се појавува при евиденцијата и при понатамошна помош од причини што овие лица не поседуваат никакви документи и не можат да користат услуги од институциите како што се здравствената заштита, парична помош, вработување, образование и други поволности. Во моментов Здружението на млади правници на Македонија успешно работи на обезбедување на документи за одреден број на лица и многу скоро тие ќе добијат лични документи и ќе можат да ги остваруваат своите права.
Институцијата со која раководите има широки надлежности од социјална заштита – социјална помош, детска заштита, еднократна помош, помош за луѓе со попречености, деца без родител итн. Имате ли бројка колку луѓе земаат некаква социјална помош?
Центарот за социјална работа на Град Скопје е најголем центар за пружање на услуги од социјалната сфера на граѓаните на град Скопје и околните општини од Скопскиот плански регион.
Вкупната бројка на корисници на разни услуги и поддршка од Центарот на крајот од првото полугодие од 2023 година изнесува 54.736 лица од разни категории. Најголем број на лица кои користат помош од нашава институција се лицата кои користат туѓа нега и тоа е бројка од 10.917 лица. Голема е бројката и на лица кои примаат гарантирана минимална помош, па лицата кои примаат образовен додаток, лицата кои добиваат додаток за трето дете , детски додаток, мобилност ( глувост и слепило) и други категории на граѓани кои добиваат помош и поддршка од нашава институција. Минатата, 2022 година, околу 65 – 66 илјади граѓани ги користеле нашите услуги.
Особено за време на ковид- пандемијата граѓани се жалеа дека тешко им се решаваат предметите. Вие на позицијата се нешто повеќе од 3 месеци, затекнавте ли папки со нерешени предмети? Како е сега?
Да имаше и такви случаи, но брзо интервенирав тоа да се разреши и најголемиот дел се веќе решени, но има еден многу, многу мал дел кои треба да се дополнат со одредени документи и истите да бидат во најскоро време решени. За време на пандемијата не можеле да стигнат граѓаните до документи, знаете дека ние сме врзани и со Комисиите, на пример за туѓа нега или за мобилност, не зависи сè од нас. По завршување на летниве одмори се надевам дека лицата кои имаат вакви предмети ќе ги дополнат со потребните документи и кон крајот на оваа година веќе ќе бидат постојани корисници.
Дали треба подобро да соработувате со институциите, за да не губат граѓаните време?
Да и на овој дел работам откако сум дошол, зошто увидов дека немаше добра комуникација меѓу институциите. Дадов многу труд на ова. Имав состанок со министерот за внатрешни работи и имаме добра соработка, во делот на пример за семејно насилство. Ние имаме интервентен тим и заедно излегуваме со полицијата кога има пријави за семејно насилство. Имаше недоразбирања за тоа кој треба да излезе, кога да излезе, но тоа откако сум дојден е надминато. Имаме и добра соработка со Министерство за здравство и со нив сме врзани и работиме на тоа да смениме некои работи, наодите од Здравство да не ги земаме ние, да ги земат странките за да не се губи време, за да не дојде до тоа да поминат месеци, а наодот е со важност од шест месеци. Ние ги земаме наодите кога ќе не викнат од Министерство, тогаш. Со министерот за правда исто така сме во тек, со нашето Министерство за труд исто така сме во комуникација секој ден. Врзани сме сите институции, горе-долу ги надминав сите проблеми, за да имаме добра соработка, зошто сите сме надлежни и ако сакаме еднаш за секогаш да ги решиме проблемите и со луѓето фантоми околу матичната евиденција и кога излегуваме на терен и со наодите во Министерство за здравство, мора да соработуваме. Тоа е за добро на граѓаните и да ги завршиме работите побрзо. Јас кога дојдов наидов на предмет нерешен повеќе од една година.
Имате ли доволно вработени кои ќе одговорат на сите предизвици? Каков профил на вработени ви недостига?
Во моментов во Центарот за социјална работа недостасуваат повеќе од 100 вработени, особено стручни соработници кои со текот на годините го напуштиле центарот. Кога дојдов јас, околу 5-6 вработени си дале отказ, во ова време да си дадеш отказ, значи дека „им се стемнило“ од институцијата и од работата што ја работат тука. Многу обемна работа има. Со моето доаѓање на раководно место во ЦСР веќе обезбедив согласности за вработување на 56 стручни лица кои до крајот на 2023 година ќе бидат пополнети. Но, нема пак да ја постигнам бројката, ќе ми фалат уште половина. Повеќе недостасуваат педагози, психолози, социјални работници.
Со оваа бројка на вработени се појавуваат потешкотии во работењето, бидејќи поголемиот број на вработени имаат дури и над 60, 70 предмети по кои постапуваа, но последниве два месеци веќе се почитуваат сите законски рокови за решавање на комплетираните предмети. Со моето доаѓање во Центарот јас ја отворив мојата канцеларија и канцелариите на мојот тим за секаква поддршка за граѓаните кои имаат потреба од услугите на ЦСР. Во секое време граѓаните можат да се обратат, да бидат примени од мене или од некој од мојот тим, секако кога сме слободни и кога сме тука.
Би дошле ли да работат, со оглед на платите?
И во овој дел се трудам многу. Веќе се изработи Колективен договор кој досега го немаше, немаше активен синдикат. Сега има активен синдикат кој изработи колективен договор, во тек се преговори за негово потпишување и многу скоро ќе биде потпишан за да можат вработените да ги остварат своите права. Во него е влезено и зголемувањето на платите, зошто навистина на оваа обемна работа што ја работат вработените, жалам и за платите што ги имаат и за условите, а каква одговорност имаат.
Кога сме кај условите. Кога се зборува за подрачните единици на Центарот за социјално, можеби првата асоцијација е старите бараки во кои се сместени. Граѓани доаѓаат по помош и стравуваат да не им падне кровот врз глава. Се презема ли нешто по тоа прашање?
Условите за работа во повеќето од подрачните единици на Центарот за социјална работа се катастрофални и не се соодветни за работа. Веднаш по мојот избор за директор направив посета на подрачните едници и констатирав дека подрачните едници за Општините Кисела Вода, Центар-Аеродром, Службата за пречки во менталниот и физички развој, службата за Општина Карпош и службата за општина Гази Баба со околните општини работат во многу лоши услови. Презедов иницијатива за обезбедување на адекватни услови за работа на овие служби, наидов на огромно разбирање кај министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и веднаш обезбедивме простор за работа за Службата за пречки, Службата за општините Центар-Аеродром и Општината Кисела Вода. Службата за пречки веќе е преселена во нови простории, деновиве се преселува службата за Центар-Аеродром а во соработка со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и МТСП, следниов месец ќе се пресели во нови простории Службата за Општина Кисела Вода.
Во преговори сме со градоначалничката на Град Скопје и градоначалникот на Општина Карпош за обезбедување на простор за Службите за општините Гази Баба и Карпош. До крајот на годинава и овие две служби ќе работат во нови адекватни простории. Цел труд го вложив вработените да имаат добри услови, да бидат задоволни, да ги мотивирам за услугата да биде подобра и граѓаните да бидат задоволни.