Без телефони на училиште - Пехчево е веќе во ЕУ

Илустрација

Ако има иницијатива за ограничување на пристапот до мобилни телефони во училиштата Министерството за образование за РСЕ одговори дека е подготвено да ја спроведе. Аргументи „за“ и „против“ на учениците и педагозите. Ова правило веќе се спроведува во основно училиште во Пехчево, додека е новитет во некои европски земји

Веќе седма година основците во училиштето „Ванчо Китанов“ во Пехчево на училиште одат без мобилен телефон. Долго пред ваква пракса да применат училиштата во некои од земјите на Европската Унија (ЕУ).

„Имаше снимање на видеа на девојчиња, па споделување преку социјалните мрежи, модифицирање на фотографии… По ова, и родителите и наставниците едногласно го прифатија предлогот да не се носат телефони“, вели Добрила Јовевска, директорка на училиштето.

На почетокот, некои ученици негодувале, други мислеле дека е шега.

„Им ги земавме телефоните на три девојчиња и им ги вративме на 10 јуни. Видоа дека одлуката е сериозна и така прифатија веќе да не ги носат на училиште. Мислам дека во некои од другите училишта почнаа да го следат нашиот пример, но имаше реакции од родителите“, се сеќава Јовевска.

Таа тврди дека откако телефоните ги оставаат дома, учениците повеќе се дружат и имаат подобра концентрација, а со тоа и подобар успех.

Видете и ова: Генерација Алфа - дигитални махери, но и лесна цел за манипулации

Ако некој ученик има потреба да се јави на родител, го користи службениот телефон на училиштето во Пехчево.

Но, ова е потешко изводливо во поголеми градови, смета Дејан, татко на основец од Скопје.

„Се согласувам дека на часови децата не треба да имаат пристап до телефони. Најдобро е да ги остават на соодветно место, а потоа да ги земат. Сепак, во Скопје не е толку безбедно движењето низ сообраќајот и слично, па родителите би требало да знаат каде се децата“, вели скопјанецот Дејан за РСЕ.

Ваквото сценарио е незамисливо и за Јана и Драган, средношколци од скопските гимназии со кои разговаравме. Ако има ограничувања ќе мора да се почитуваат, ама претходно сигурно ќе има бунт, велат тие.

„Никој нема да сака, би имало незадоволство. Посебно ако не може да се користат на голем одмор. Може би се навикнале по некое време и така повеќе би комуницирале меѓу себе во живо“, изјави Јана.

Драган, пак, признава дека кога муабетот на голем одмор ќе се „потроши“, сите веднаш се фаќаат за мобилниот.

„Ако имаме тема на муабет зборуваме, ако не, тогаш сме на телефон. Но, тешко е воопшто да замислиме ден на училиште без мобилен, бидејќи сме зависни од него и ни се наоѓа кога имаме некоја потреба, како помош за училиште и слично“, додава средношколецот.

И во пракса е јасно дека младите се 24/7 на телефоните, посочува професорката Тамара Ќупева од Институтот за македонска литература. Таа истражува во областа на образованието и комуникациите, а 26 години предавала во скопската гимназија „Орце Николов“.

„Оние што директно работат во настава сведочат, а и сите сме свесни како наставници, дека ние не можеме да ги придобиеме веќе учениците токму заради тоа што таа нивна поврзаност е речиси 24/7. Тие се онлајн присутни, активни во текот на целото деноноќие“, вели Ќупева.

Во некои училишта, учениците ги оставаат телефоните во посебни прегради или кутии пред почетокот на часот, а ги земаат кога ќе ѕвони за крај.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Случувањата во Србија го вклучија домашниот аларм

Македонските училишта сами го организираат редот и правилата во однос на користењето на мобилните телефони во училишната средина. Но, ако има потреба од некаква инцијатијатива во овој дел, може да се спроведе, велат од Министерството за образование и наука (МОН),

„Наставниците се тие кои ја реализираат наставата и точно знаат кога и во која мера може да се применат одредени информатичко – комуникациски уреди заради полесно совладување на наставната материја или остварување на некоја од целите во програмата. Секако, МОН е во постојана комуникација со училиштата и доколку се изрази потреба од одредени иницијативи и активности во овој дел, заедно ќе ги дефинираме и спроведеме“, стои во изјавата на МОН.

Како е низ Европа?

На ниво на ЕУ нема универзални правила за користење на телефоните во на училиште.

Во Грција, на пример, учениците треба да ги чуваат своите мобилни во ранците, а користењето е забрането дури и на одморите. За непочитување на правилото се добива суспензија од еден ден.

Телефоните може да се користат во училниците во Холандија само ако се неопходни за содржината на наставата, на пример, кога се изучуваат социјални вештини, ако им се потребни на учениците поради медицински причини или за лицата со посебни потреби.

Државниот училиштен совет на Шпанија, пак, во јануари едногласно одобри забрана за употреба на мобилните телефони во основните училишта и го ограничи нивното користење во средните.

Како е на Балканот?

Во текот на 2023 година, некои образовни институции во Србија ја забранија употребата на паметни телефони и други дигитални уреди на училиште.

Српското Министерството за образование им даде слобода на училиштата да ги регулираат правилата за користење на мобилни телефони, според потребите и проценките. По ова, Институтот за унапредување на образованието донесе насоки според кои училиштата може да ја регулираат таа област.

И Министерството за образование во Црна Гора смета дека користењето на дигиталните уреди училиштата треба да го уредат со својот куќен ред.

За поголема социјализација меѓу учениците и спречување на малолетничкиот криминал, неколку училишта во Босна и Херцеговина забранија внесување мобилни телефони во училниците. Сепак, и покрај парламентарната иницијатива за проширување на оваа пракса, таа сè уште не е имплементирана во повеќето образовни институции низ земјата.

„Треба и ние да размислуваме за мерки“

Не може и не треба да бидеме исклучок од развиените земји и апсолутно треба да се размислува за применливи мерки кои ќе ги опфатат сите македонски училишта, смета професорката Ќупева.

„Мерките не можат да бидат ригидни во смисла на строги ултимативни забрани. Зборот забрана е најсензибилното прашање кога се децата во фокусот. Но, треба да се направат некакви промени, особено кај помалите одделенија, за да се научат дека треба да функционираат во работната средина, фокусирани на она што се работи. Кај поголемите исто така, но на начин и со мерки што ќе бидат применливи“, вели Ќупева.

Сепак, секоја одлука и промена во политиките која е поврзана со однесувањето на училиште, треба да се носи заедно и во ко-релација со учениците, децидна е професорката.

„МОН би можел со Сојузот на средношколци да разговара на оваа тема и заеднички да размислуваат кој од предвидените начини на однесување би бил усогласен со сите оние заложби за квалитет на образование. Учениците се одлични соработници и мислам дека и тие со своите идеи ќе придонесат навистина да се направи квалитетно решение“, смета Ќупева.

Претседателка на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, откако го доби вториот мандат во јули, вети дека ќе се справи со зависноста од социјалните мрежи и онлајн-насилството, повикувајќи се на распространетата загриженост од негативното влијание врз менталното здравје и благосостојбата.

„Сè повеќе гледаме извештаи за она што некои го нарекуваат криза на менталното здравје. Ќе го спроведеме првото европско истражување за влијанието на социјалните медиуми врз благосостојбата на младите. Им го должиме тоа“, рече фон дер Лајен.

Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) препорача забрана за мобилни телефони во училиштата во јули 2023 година. УНЕСКО се повика на резултати од студија која покажала дека паметните телефони „го одвлекуваат вниманието на учениците и имаат негативен ефект врз процесот на учење“. Според студијата, ова особено се однесува на децата кои имаат потешкотии во учењето.