Редиците од станбени згради во белградското предградие Раковица, изградени во 70-тите години, се протегаат до недоглед.
Таму, на шестиот кат од зградата на улицата Никола Мараковиќ, е регистрирана фирмата „Коминвекс“.
Станува збор за компанијата која од почетокот на инвазијата на Украина до август 2023 година, за помалку од година и пол, во Русија извезла стока вредна повеќе од 140 милиони долари, покажуваат податоците до кои дојде Радио Слободна Европа (РСЕ).
Третина од извезените производи, односно стоки вредни повеќе од 50 милиони долари, според царинските ознаки, се електронски компоненти кои се под санкции на Европската Унија бидејќи можат да се користат во воената индустрија.
Бројките говорат за голема трговска фирма, но на зградата каде што е регистрирана нема табла. Никој не одговара ниту на домофонот, ниту на ѕвончето надвор од вратата од станот број 36.
Според истражувањето на РСЕ, „Коминвекс“ е една од десетиците компании регистрирани во Србија кои извезуваат производи во Русија од почетокот на војната во февруари 2022 година.
Врз основа на податоците од меѓународните трговски бази на податоци, РСЕ анализираше повеќе од 14 000 пратки кои пристигнале во Русија во овој период.
Овие бази на податоци покажуваат дека производите во вредност од најмалку 71,1 милиони долари се испорачани преку српски компании, иако се работи за стока која е ставена на листата на високоризични производи и на санкциите наметнати од Европската Унија и Соединетите Држави против Русија.
Од почетокот на војната во Украина, Србија не се согласи на ниту една одлука за санкции против Русија.
Повеќемесечната истрага на РСЕ открива како во таков вакуум, без законски ограничувања, некои српски компании заработиле милиони.
Најмодерна западна стока преку српски фирми во Русија
Како што покажа истражувањето на РСЕ, најсовремените технолошки производи стигнале до купувачите во Русија преку српски документи.
Во некои случаи, се работело за стока на најголемите американски производители на микроелектронски компјутерски делови како што се „INTEL“ или „AMD“.
Некои српски компании се јавуваат и како извозници на делови за воздухопловната индустрија во Русија. Станува збор за стоки кои се под строги санкции од почетокот на агресијата врз Украина.
Механизмите и маршрутите низ кои патуваат пратките се различни.
Податоците на РСЕ укажуваат и дека дел од стоката произведена на Запад преку документи на српските компании се реизвезувала во Русија од земјите од источна Азија.
Поради оваа практика, стоката чиј увоз е спречен со санкциите на ЕУ и САД може да стигне до Русија.
Од друга страна, во Русија, приматели на стоката биле компании кои се под санкции, дури и на списокот на американската Канцеларија за контрола на странски средства (OFAC) за учество во синџирот на снабдување на руската воена индустрија.
Србија не ги прекршува сопствените правила бидејќи, иако е кандидат за членство, не се согласила со одлуките за санкциите на ЕУ.
Сепак, земја која не ги почитува одлуките за санкции може да биде казнета дури и со забрана за увоз на модерна технологија произведена на Запад, се наведува во одлуката на ЕУ за 11-тиот пакет санкции, која беше усвоена во јуни 2023 година.
Во Русија извезени десетици илјади различни производи
„Никој не може да ги заобиколи санкциите наметнати од ЕУ кон Руската Федерација преку територијата на Србија. Србија реагира и ги санкционира таквите обиди“, му рече српскиот претседател Александар Вучиќ на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји на 2 декември 2022 година.
Токму во тој период, во последните месеци од 2022 година, бизнисот не само што се зголемил, туку биле воспоставени и правци и механизми преку кои пристигнувале различни стоки во Русија, покажува истражувањето на РСЕ.
Зголемен е извозот на стоки кои според царинските ознаки сега подлежат на санкции од САД и ЕУ.
Царинската документација на комерцијалните бази на податоци за меѓународна трговија „Import Genius“ и „Sinoimex“ не ги идентификува точните ознаки на електронските компоненти и не е можно да се утврди што се случува со стоката откако ќе пристигне во Русија.
Сепак, таа стока е под санкции бидејќи различни видови на електронска опрема се идентификувани во руските воени системи пронајдени на боиштата во Украина.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во изјавата по средбата со еврокомесарот не прецизираше какви контроли спроведува државата за да спречи заобиколување на санкциите.
До објавувањето на овој текст, Владата на Србија и Министерството за внатрешна и надворешна трговија не одговорија на прашањата на РСЕ за начинот на кој се врши контролата, ниту дали некој е казнет за евентуално заобиколување на санкциите.
Српската Царина која располага со податоци за извезена или увезена стока, во јавноста не доставува документација за извозот на поединечни фирми, со образложение дека тоа е поради заштита на деловните тајни на компанијата.
Меѓутоа, со анализа на податоците од базите на податоци „ImportGenius“ и „Sinoimex“, РСЕ утврди дека од почетокот на инвазијата на Украина, илјадници различни производи извезени од српски компании биле царинени во Русија.
Во оваа трговија најчесто биле вклучени фирми непознати за јавноста.
Од продажба на делови за трактори до извоз на електроника
Една од компаниите кои ги зголемиле приходите е компанијата „Коминвекс“, која работи од станбена зграда во белградска Раковица.
Компанијата „Коминвекс“ е основана во 2005 година. Нејзината дејност до минатата година била трговија на големо со делови и опрема за моторни возила. Веб-страницата на компанијата сè уште нуди продажба на анласери и алтернатори за товарни и комерцијални возила.
„Посебно нагласуваме дека нашата програма за трактори е доста препознатлива на домашниот пазар“, се наведува на веб-страницата на компанијата.
Според истражувањето на РСЕ, бизнисот со трактори не произведувал загуби.
Податоците од финансиските извештаи на компанијата, кои беа објавени на веб-страницата на Агенцијата за деловни регистри на Србија, покажуваат добивка од 67 долари во 2018 година. Во текот на 2021 година, добивката беше околу 1 600 долари.
Сè се менува во 2022 година. Тогаш, веднаш по плаќањето на сите обврски и даноци, „Коминвекс“ има нето добивка од 1,5 милиони долари, односно илјада пати повеќе за само една година.
Податоците од Агенцијата за деловни регистри покажуваат дека приходите од продажба на стоки се зголемени речиси илјада пати.
„Коминвекс“ ја променила својата дејност во ноември 2022 година и се регистрира за трговија на големо со електронски и телекомуникациски делови и опрема.
Според податоците на Агенцијата, во 2022 година имало еден вработен. Сопственик и директор на компанијата од нејзиното основање е Марко Сворчан.
Според јавно достапните податоци, од април 2022 година до мај 2023 година, Сворчан бил директор во две фирми кои биле основани на истата адреса каде што била регистрирана и „Коминвекс“.
Сопствениците на тие две компании Орион и Меркур биле двајца руски државјани. Како сопственик на едната била заведена Марија Захарова, а на другата Олег Груден.
И двете компании немале речиси никаков промет, а во мај 2023 година биле продадени.
Марко Сворчан, кој и денеска ја води компанијата „Коминвекс“, одговори на повикот на РСЕ, но одби да даде какво било објаснување за неговиот бизнис. Повеќе детали РСЕ пронајде во меѓународните трговски бази на податоци „ImportGenius“ и „Sinoimex“.
Податоците од овие бази на податоци покажуваат дека од март 2022 година до средината на 2023 година, „Коминвекс“ извезувал во Русија, меѓу другото, и микрочипови со сложени електронски компоненти, процесори, дигитални кабелски комуникациски системи, мобилни телефони, диоди што емитуваат светлина, кертриџи, печатачи...
Многу од овие производи се под строги санкции на САД и ЕУ бидејќи микрочипови, печатени кола и друга софистицирана опрема се вградуваат во модерното оружје на Русија.
РСЕ анализираше повеќе од 6 000 трансакции што „Коминвекс“ како извозник ги имал со Русија од крајот на март 2022 година до крајот на јули 2023 година.
Анализата покажа дека „Коминвекс“ извезла стока во вредност од 143,9 милиони долари, а дури 54,3 милиони долари била стока за таканаречена двојна намена и според царинските ознаки се под санкции на ЕУ.
Руските компании кои се под американски санкции се меѓу купувачите на стоки
Најголеми пратки на овие производи во Русија добиле две компании „Битериа“ и „Велестор“, покажуваат податоците од базата на податоци "Sinoimex".
„Квалитетот на производот го гарантира и самата компанија и производителот“, се наведува на веб-страницата на компанијата „Битериа“.
Руската компанија „Битериа“ е на листата на санкции на САД од 14 септември 2023 година, кога на долгата листа на ОФАК беа додадени 100 други бизниси и поединци.
Канцеларијата за контрола на странски средства на американското Министерство за финансии изјави дека мерките се преземени за „да ја ослабат способноста на Русија да води војна против Украина, таргетирајќи ги руските воени синџири за снабдување и лишувајќи ги од опремата, технологијата и услугите што ѝ се потребни“.
Компанијата „Битериа“ од Москва работи веќе шест години. Нејзиниот приход во 2022 година бил 136 милиони долари, се наведува на веб-страницата „Шпарка“, база на податоци за деловните претпријатија во Русија.
Втората компанија во која најчесто оделе таканаречените стоки за двојна употреба, „Велестор“ работи две години, а седиштето и е во Санкт Петербург.
Ниту една од руските компании не одговори на прашањата на РСЕ за тоа како стапиле во бизнис со компании од Србија.
Како американските производи стигнуваат до руски клиенти?
Истражувањето на РСЕ покажа дека во голем број случаи српската компанија „Коминвекс“ и испорачувала на Русија електронски компоненти на американски производители, меѓу кои "INTEL", "AMD" и "HP".
Компанијата „ИНТЕЛ“ е еден од најголемите светски производители на полупроводници, кои се користат за производство на чипови, а во неколку наврати најави дека води сметка производите под санкции да не стигнат до купувачите во Русија.
Од 15-те највредни пратки на стока под санкции, каде што примател била руската компанија „Битериа“, дури 13 биле производи на „ИНТЕЛ“.
Преку царинските податоци од базата на податоци „ImportGenius“, каде што може да се види каде е испратена стоката во Русија, РСЕ ги истражуваше рутите по кои стоката завршила во таа земја.
Податоците на царината покажуваат дека „Коминвекс“ е извозник на стоки во Русија, а земјите од кои се испорачуваат производите во најголем број случаи се Малезија, Виетнам и Кина.
Овие три земји не воведоа санкции кон Русија, а „ИНТЕЛ“ има свои фабрики и во Малезија и во Виетнам. Во голем број случаи транспортот и логистиката ги врши „ATC Group“, карго авиокомпанија која на својот профил на LinkedIn наведува дека е „лидер во транспортот на стоки во Русија“.
Компанијата „ИНТЕЛ“ за РСЕ изјави дека „не ја поддржува, ниту толерира“ употребата на нејзините производи „за кршење на човековите права“.
„Кога ќе дознаеме дека постои загриженост дека производите на INTEL се користат од деловен партнер за злоупотреба на човековите права, ќе ја ограничиме или прекинеме деловната соработка со трета страна“, се вели во писмената реакција на компанијата до РСЕ.
Максимилијан Хес, соработник на Меѓународниот институт за стратешки студии со седиште во Филаделфија, кој истражува начини за заобиколување на санкциите, за РСЕ изјави дека податоците за продажбата на американски стоки во Русија покажуваат неуспеси на повеќе нивоа.
„И производителите и извозниците во, да речеме, Малезија имаат обврска да обезбедат нивната стока да не се најде во земјите под санкции. Тоа е обврска и на купувачите, кои во овој случај се српски компании. Ова е јасно кршење на американските санкции “, изјави Хес за РСЕ.
Тој додаде дека не може да се каже дека „одговорноста е само на српските компании и институции“, но дека постои можност американската администрација да ги препознае „како оние кои редовно се занимаваат со такви активности“ и да ги санкционира.
ЕУ, САД и Јапонија санкционираа 45 видови на стоки кои сочинуваат повеќе видови предмети за двојна намена и напредна технологија.
Во август 2022 година, Royal United Services Institute, британска организација, објави публикација за тоа како оваа опрема се користела во конкретни случаи на производство на различно оружје.
Така, во рускиот дрон Орлан-10 се пронајдени и производите на американските компании „Микрочип технологија“, „Тексас индустри“, „Аналог уреди“...
„Коминвекс“ не е единствената компанија од Србија за која во базата на „Синоимекс“ може да се најдат податоци за трговијата со Русија по почетокот на инвазијата на Украина.
РСЕ идентификуваше друга фирма која извезува стоки под санкции во Русија и беше еден од добавувачите на руската „Битери“, фирма на листата на ОФАК.
Станува збор за фирмата „Соха инфо“ од Нови Бановац, гратче на околу 30 километри од Белград. Фирмата е лоцирана во населба на семејни куќи и на истата адреса каде веќе пет години е регистриран фитнес клуб.
Според царинските податоци на базата на податоци „Синоимекс“, „Соха инфо“ од октомври 2022 година до крајот на јули 2023 година, во Русија извезла стока во вредност од 18 милиони долари.
Меѓу овие пратки има и електроника која според царинските ознаки е ставена на листата на „висок ризик“ и подлежи на санкции, а се работи за производи вредни 6,3 милиони долари. А во случајот со оваа компанија, стоката одела преку Виетнам, Кина и Малезија.
Освен „Битериа“, руски компании извозници во Русија се „ProTechMarket“ од Москва и „Imkotreid“ од Санкт Петербург. И двете фирми се регистрирани за трговија со електроника, а работат само три години.
Српската компанија „Соха инфо“ е основана по почетокот на инвазијата во јуни 2022 година, а според финансиските извештаи од Агенцијата за деловни регистри за за само шест месеци остварила промет од продажба на стоки во износ од 6,1 милиони долари.
Сопственик е Драган Драгаш од Бановац, кој е и претставник на фитнес клубот на истата адреса. Драгаш одговори на повикот на РСЕ и рече дека нема да зборува за неговиот бизнис со руски компании бидејќи „не сака некој да му ја открие шемата“.
На прашањето за каква шема станува збор, тој кусо рече: „некаква трговија, целата стока е нормална, не подлежи на санкции“ и го заврши разговорот.
Трговијата со овошје и зеленчук како параван за заобиколување на санкциите
Пред два месеца српската јавност дозна дека има проблематичен извоз на стоки под санкции што го врши друга српска компанија, фирмата „Goodforwarding“ од Белград.
Истражувањето на РСЕ покажа дека компанијата „Goodforwarding“ од Белград годинава и во 2022 година извезувала во Русија статични конвертори кои ја претвораат наизменичната струја во еднонасочна струја, електронски интегрирани кола и фотосензитивни полупроводнички уреди.
Тоа се производи идентификувани од службите на Европската Комисија како стоки за двојна намена и производи со напредна технологија што се користат во руските воени системи на фронтот во Украина.
Компанијата „GoodForwarding“ е регистрирана во јуни 2022 година на адреса во трговски центар во Нов Белград.
Рускиот државјанин Алексеј Московкин од Омск во Русија е наведен како директор и сопственик на компанијата во официјалниот регистар на Србија.
За него речиси и да нема јавно достапни информации. РСЕ не можеше да го најде неговиот контакт ниту според местото на живеење што може да се види во пасошот што го користел при регистрирањето на компанијата.
РСЕ стапи во контакт со компанијата пред два месеци преку е-поштата која е регистрирана во Агеницијата за деловни регистри, а на меилот одговори лице кое се претстави како Хуан Переиро Родригез.
Тој негираше дека „GoodForwarding“ се занимава со извоз на стоки за двојна намена во Русија.
„GoodForwarding е отворен за увоз на банани во Руската Федерација. За жал, банката не и дозволи на компанијата да врши плаќања во долари и евра, така што компанијата не можеше да врши никаква активност. Некој ги користи податоците на компанијата за увоз на стоки кои се санкционирани“, се вели во писмениот одговор на лице кое се претстави како Родригез.
На прашањето на РСЕ каква функција има во компанијата, Родригез се претстави како „акционер“.
РСЕ се обиде повторно да стапи во контакт со него за дополнително појаснување, но тој не одговори на мејловите.
Иако тврди дека нема промет, меѓународната трговска база „Синоимекс“ покажува дека во периодот од формирањето до средината на 2023 година, компанијата оцаринила 119 различни пратки во Русија, а вредноста на стоката била близу 300 илјади долари.
За сите пратки, краен корисник во Русија е компанијата „Петерснаб“.
„Петерснаб“ е регистрирана во јануари 2022 година, а седиштето на компанијата е во Санкт Петербург, покажуваат податоците од базата на податоци „Спарк“ за работењето на компанијата во Русија.
Авионски делови од куќа во белградската населба Ѕвездара
Иако вниманието на ЕУ и САД во последните месеци беше насочено кон електрониката што може да се користи во воената индустрија, извозот на авионски делови во Русија е исто така потенцијален ризик за прекршување на санкциите.
Санкциите за воздухопловната индустрија се едни од првите што ЕУ и САД и ги воведоа на Русија по почетокот на агресијата против Украина.
Во февруари 2022 година, ЕУ прво го одби пристапот до европските аеродроми за руските превозници од секаков тип и им забрани да летаат над воздушниот простор на Унијата.
Дел од овој вид санкции е и забраната за извоз на производи и технологија од воздухопловната и вселенската индустрија во Русија.
Овие санкции значат дека руските авиокомпании не можат да купуваат авиони, резервни делови или опрема за нивната флота, ниту да ги вршат потребните поправки или технички прегледи.
Три четвртини од руската флота на комерцијални авиони се произведуваат во ЕУ, САД или Канада, а санкциите имаат за цел да приземјат значителен дел од руската цивилна флота, дури и за домашни летови.
Сепак, според анализите на РСЕ, авионската опрема и делови се извезуваат преку компанијата „Спрокуре“ од Белград.
Оваа компанија е основана во август 2022 година, шест месеци по инвазијата на Украина. Регистрираната дејност во Агенцијата за деловни регистри е „посредување во продажба на разни производи“.
Како директор и сопственик е заведена српската државјанка Зинета Мехмеди.
На веб-страницата на „Спрокуре“ се наведува дека тие се меѓународен дистрибутер на делови за воздушната индустрија, со планови да бидат компанија за управување со поправки и транспорт со логистички и шпедициски услуги.
„Нашиот тим има десетици години искуство во индустријата“, пишува на веб-страницата и нуди „многу брза испорака на стоки“.
„Спрокуре“ немала вработени во 2022 година.
Фирмата е регистрирана во белградската населба Звездара, а на таа адреса има и станбена куќа. Ролетните се спуштени, а во дворот може да се види помошен објект кој не одговара на големината на магацинот за делови од авионот.
Сепак, финансиските извештаи покажуваат дека само во првите пет месеци од работењето во 2022 година, фирмата имала 1,7 милиони долари приход од продажба.
Според податоците од базата на „Синоимекс“, компанијата во текот на 2022 година во Русија извезла стока во вредност од околу еден милион долари, а до средината на 2023 година нешто повеќе од 230 илјади евра.
Од извезените производи на листата, речиси сите се користат во воздухопловната индустрија.
Сопственикот на компанијата не одговори на прашањата на РСЕ за бизнисот, кои беа испратени по е-пошта од регистарот Агенцијата за деловни регистри.
На повикот на фиксниот телефонски број регистриран во компанијата, одговори лице кое кажа дека ќе ги пренесe прашањата на РСЕ на сопственичката на компанијата, Зинети Мехмеди.
Одговорите не пристигнаа до објавувањето на овој текст.
Компанијата извезуваше нафта за мотори на патнички авиони, гуми што се користат за овие авиони, уреди за звучна или визуелна сигнализација, акумулатори, батерии.
Деловите за Боинг и Ербас стигнаа до Русија
Според описот на производот, најмногу се работело за делови за модели на авиони „Ербас“ и „Боинг“.
Најголемо количество стока „Спрокуре“ извезе во руската компанија „Крас Логистик“.
„Крас логистик“ е регистриран во Москва во 2012 година, покажуваат податоците од базата на податоци „Спарк“.
Регистрирани се за услуги за поддршка на транспортот и на нивната веб-страница може да се види дека нудат копнен, воден и воздушен транспорт.
Во ноември 2022 година, оваа компанија доби финансиска поддршка од Министерството за економски развој на Русија, според официјалниот документ достапен во регистарот „Спарк“.
Освен со компанијата „Крас Логистик“, српската компанија „Спрокуре“ остварила најголем промет со руските нискобуџетни авиокомпании „Победа“ и „Смартавија“.
Од овие компании, само „Смартавија“ одговори на прашањата на РСЕ.
„Авиокомпанијата „Смартавија“ нема деловни односи со компании во Србија, а досега немаме летови за Србија“, кратко изјавија од компанијата.
Според меѓународните трговски регистри, „Спрокуре“ испорачала 90 отсто од стоката за рускиот пазар од САД, во вредност од дури 900 илјади долари.
Другите делови дошле од Франција, Германија и Холандија, покажуваат податоците од базите на податоци „Sinoimex“ и „ImportGenius“ за местата од кои е испратена опремата.
Во мај 2023 година, САД санкционираа еден од случаите на обид за трговија, односно извоз на делови за авиони во Русија.
Двајца руски државјани, Олег Патсули и Василиј Беседин, кои живеат на Флорида, беа уапсени и обвинети за кривични дела за кои е предвидена казна затвор до 20 години.
Според соопштението на американското Министерство за трговија, двајцата Руси биле во комуникација со претставници на руските авиокомпании „Смартавија“, „Росија“ и „Победа“ со цел да набават делови и компоненти за авиони од американско потекло.
Според извештаите, ова бил обид да се заобиколат санкциите бидејќи двајца руски државјани тврделе дека крајниот корисник бил клиент во Турција, а не во Русија.
Додека во Америка се покренуваат постапки поради трговија со авионски делови, податоците укажуваат на сомневања дека друга српска компанија би можела да биде вмешана во снабдувањето на руски авиокомпании.
Опрема за руската ескадрила од адреса на белградскиот аеродром
„Авио хем“ е основана во декември 2014 година под оригиналното име „Thoms aviation Adriatic doo Beograd“, а е основана од словенечкиот државјанин Луци Алеш.
Од мај 2020 година, компанијата е регистрирана на адресата на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.
„Авио хем“ е регистрирана за поправка и одржување на авиони и вселенски летала, додека останатите активности на подружниците се чистење на згради и опрема, како и изнајмување и издавање на автомобили и лесни моторни возила, покажуваат податоците на Агенцијата за деловни регистри.
Според официјалните финансиски извештаи, во 2022 година компанијата имала приход од 3,5 милиони долари, што е повеќе во споредба со вкупната заработка што ја оствариле во претходните четири години.
Вредноста на стоките извезени во Русија од ноември 2022 до јули 2023 година изнесува околу 3,1 милиони долари.
Сопственикот на компанијата „Авио хем“ Алеш Лучи одговори на повикот на РСЕ и побара прашањата да му бидат испратени по електронска пошта. Иако повеќепати ветуваше дека ќе одговори, одговорите не стигнаа до објавувањето на текстот.
Делови за авиокомпании кои имаат договори со руски институции
Речиси целиот извоз на компанијата „Авио хем“ завршил, според податоците од базата на Синомикс, кај две поврзани авиокомпании „Сиберија ерлајнс“ и „С7 инженеринг“.
Станува збор за компании блиски до режимот на рускиот претседател Владимир Путин.
Компанијата „Сиберија ерлајнс“ е регистрирана во 1994 година со седиште во Новосибирската област, според податоците на базата на податоци „Спарк“.
Генерален директор е Вадим Анатолиевич Клебанов. И компанијата и извршниот директор се под санкции на Украина.
Во последната година и половина имале повеќе од 100 договори со руски институции.
„С7 инженеринг“ е компанија ќерка на „Сиберија ерлајнс“. Оваа компанија, меѓу другите, има потпишано договори со руската државна институција „Специјален авијациски ескадрон Русија, управа за прашања на претседателот на Руската Федерација“.
Претставниците на овие авиокомпании не одговорија на прашањата на РСЕ.
Заострување на санкциите и посилна контрола
Во јуни 2023 година, Европската Унија усвои нов пакет санкции против Русија, откако беше забележано „зголемување на многу невообичаен проток на трговија низ ЕУ и некои трети земји“, објаснија претставници на Европската Комисија.
Посебен акцент е ставен на спречување на заобиколување на правилата на ЕУ.
Специјалниот пратеник на Европската Унија за спроведување санкции, Дејвид О'Саливен, на 23 октомври годинава изјави дека ЕУ зазеде попроактивен став кога станува збор за проверките за избегнување санкции, но дека процесот ќе продолжи.
„Во последно време, нашата цел е да ги идентификуваме лошите играчи во трети земји (кои немаат воведено санкции). Сè уште преземаме мали чекори, но нашата цел е да работиме на идентификување на компании кои активно работат на заобиколување на санкциите, со цел објавување списоци за нив“, рече О'Саливен на тркалезната маса на Атлантскиот совет.
РСЕ испрати писмо до Бирото за индустрија и безбедност на американското Министерство за трговија, кое ја контролира трговијата со американски производи, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор на прашањето како американските стоки сè уште пристигнуваат во Русија.
Заострувањето на санкциите ги промени брендовите и рутите
Истражувањето на РСЕ покажа дека по заострувањето на санкциите, особено во САД на почетокот на 2023 година, стоката и рутата преку која пристигнуваат во Русија не останале целосно исти.
РСЕ истражуваше какви промени се случиле врз основа на повеќе од шест илјади трансакции на српската компанија „Коминвекс“.
Меѓу пратките на „Коминвекс“ испорачани на руската компанија „Битериа“ од март 2023 година, транспортирани се и производите на израелско-американската компанија „Чек поинт“, покажува царинската база на податоци.
Технолошката компанија на својата веб-страница вели дека е водечки снабдувач на решенија за сајбер безбедност за корпоративни бизниси и влади ширум светот.
Меѓународната канцеларија е во Тел Авив, Израел, додека главната канцеларија е во Сан Карлос, Калифорнија.
Меѓу 25-те пратки во Русија, според царинската етикета, имало електронски модули за сервери и компјутери, како и додатоци за телекомуникациска опрема кои неодамна беа ставени под санкции на ЕУ и САД.
Оваа стока не била директно извезена ниту од Израел, ниту од САД, туку во Русија била испорачана од Тајван, покажуваат податоците на базата на податоци „Синоимекс“.
Тајван е една од ретките земји во Југоисточна Азија која воведе санкции кон Русија.
Како што соопшти Министерството за економија на Тајван за РСЕ, оваа земја „имплементирала голем број мерки за контрола на извозот кои се усогласени со оние што ги применуваат САД, ЕУ и други слично ориентирани сојузници“.
Државата, велат, постојано ја проширува листата на високотехнолошки стоки за кои извозниците мора да аплицираат за извозна дозвола. Министерството продолжува да соработува со индустриите „за да се спречат можните прекршувања на правилата“, се вели во писмената реакција за РСЕ.
Од друга страна, од компанијата „Чек поинт“ за РСЕ велат дека „е невозможно нешто незаконски да се случува“.
Тие наведуваат и дека вршат строги контроли „за да нема сомнеж дека санкциите се целосно почитувани“.
„Пред да обработи каква било деловна трансакција, „Чек поинт“ темелно го проверува секој ентитет заинтересиран да прави бизнис со нас“, се наведува во одговорот на компанијата.
Во продолжение, РСЕ достави податоци кои ги евидентираат базите на податоци за меѓународната трговија, по што „Чек поинт“ објави дека спровеле „детална внатрешна истрага“ и дека немаат партнер или дистрибутер во Србија под името „Коминвекс“.
Според нивните тврдења, овие трансакции не се совпаѓаат со нивната трговска документација.
„Собравме официјални писма од рускиот дистрибутер и од Коминвекс, кои гарантираат дека целиот бизнис се одвива во целосна согласност со политиките и правилата на Чек поинт“, велат од компанијата.
Институциите во Србија без одговори
До објавувањето на овој текст, претставниците на институциите во Србија не одговорија на прашањата на РСЕ како ќе реагира државата.
„Србија не е и нема да биде платформа за заобиколување на санкциите наметнати од Европската Унија против Русија“, соопштија од кабинетот на српската премиерка Ана Брнабиќ на 10 мај по посетата на претставникот на ЕУ за спроведување на санкциите, Дејвид О'Саливан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ по разговорите изјави дека Србија „како кредибилен партнер, нема да остави простор да се користи за незаконски дејствија, кои ќе им овозможат на трети земји да го избегнат режимот на рестриктивни мерки на ЕУ“.
Но, реакцијата на државата изостана и откако САД на 20 јули ја ставија српската компанија „МЦИ Трејдинг“ од Белград на листата на санкции поради нејзината технолошка поддршка на руската инвазија на Украина.
„Сега кога се идентификувани, овие компании треба да одговараат“, рече Максимилијан Хес од Меѓународниот институт за стратешки студии во Филаделфија, коментирајќи го истражувањето на РСЕ.
„Извозот на таа технологија во Русија е забранет бидејќи се користи за производство на руско оружје, а потоа и за напади врз невини украински граѓани. Учеството во ова е директна поддршка за руската агресија. Србија има одговорност да обезбеди нејзините компании да се усогласат со меѓународни санкции, да се смислат регулативи и да се спречат вакви работи“, рече Хес.
Тој додаде дека очекува реакција од Соединетите Држави.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија се соочува со остри критики од Западот поради нејзиното одбивање да се приклучи на санкциите против Русија како земја кандидат за членство во ЕУ.
Соработка на текстот: Јелена Јанковиќ, Наталија Јовановиќ и Ива Мартиновиќ