Пред десетина дена, на крајот на март, Весна првпат добила пари од финансиската поддршка што Министерство за образование и наука (МОН) треба да ја исплаќа за ученици во основно и средно образование – и тоа само за јануари.
МОН ѝ исплатило 2.400 денари, по 1.200 денари за двете деца, кои се прво и трето одделение во скопското основно училиште „Гоце Делчев“. За останатите месеци, не добила ни денар.
„Веќе во тек беа апликациите за април кога јас добив пари за јануари. Тоа е доцнење од два – три месеци. Веќе се откажав, не ни очекував, зошто досега никој не ме извести ниту дали сме добиле финаниска поддршка ниту дали сме одбиени. Како родители немаме никаква информација, а поднесуваме куп документи, секој месец“, вели Весна за Радио Слободна Европа(РСЕ).
Никој не ги известува дали добиле помош
Со оваа мерка, како што најави поранешниот премиер Димитар Ковачевски, требаше да бидат опфатени повеќе од 105.000 ученици (75.000 основци и 30.000 средношколци), за период од шест месеци, од декември 2023 до мај 2024 година.
Првиот оглас за финансиска помош за учениците беше распишан во декември лани и е дел од владиниот пакет антикризни мерки. Родителите требаше да поднесуваат барања за секој месец одново и парите да им се исплаќаат на месечна основа.
„Со оваа сума, барем ужина ќе купувавме. Но, не можеш да се надеваш на тие пари, никогаш не знаеш дали и кога ќе ги исплатат. Во вибер-групата на одделението, во која сме сите родители, читам дека на некои им е исплатено за два, за три месеци, на некој ниту за еден месец. Никој не е информиран ни дали добил помош или е одбиен“, вели Елена Н., мајка на ученик во ООУ „Свети Кирил и Методиј“ во скопската општина Центар.
Видете и ова: МОН ги поедностави процедурите за аплицирање за помош за ученици и студентиНа оваа финансиска помош имаат право семејства на ученици чии вкупни примања не надминуваат 50.000 денари месечно. Пополнуваат пријава, изјава, доставуваат потврда за приходи, копија од трансакциска сметка и други документи во зависност од тоа дали родителот е невработен, пензионер, е починат или е разведен.
Иако родители се жалат дека уште не ги добиле парите од претходните месеци, МОН на 5 април го објави и четвртиот јавен повик за финансиска поддршка на основци и средношколци.
Од МОН велат дека пари има.
Во буџетот на МОН обезбедени се 843 милиони денари за финансиска помош за ученици и студенти. Од таму тврдат дека како училиштата доставуваат податоци до министерството, така се подготвуваат налози за плаќање.
„Се соочуваме со предизвик што често се доставуваат неточни податоци, трансакциски сметки на родители кои се погрешни или затворени и тоа ја закочува исплатата. Тековно со училиштата ги надминуваме овие проблеми и сите што ги исполнуваат условите, ќе добијат средства“, ни одговорија од Министерството за образование.
Граѓаните чекаат и клима-уреди од Министерството за економија
Граѓаните уште чекаат одговор и дали добиле ваучери за клима-уреди, по огласот што на 31 јануари го распиша Министерството за економија. Станува збор за финансиска поддршка со која државата треба да додели ваучери за купување високоефикасни инвертер клима уреди, преку два огласи - едниот за домаќинства, другиот за ранливи потрошувачи.
Станува збор за мерка од Програмата за поттикнување енергетска ефикасност во домаќинствата.
Видете и ова: Следната недела нов пакет антикризни меркиМинистерството најави дека ваучерот е во вредност 23.000-25.000 денари, и ќе се доделува по принципот „прв дојден-прв услужен“. Барања се поднесуваа до 15 февруари.
„Два дена чекав. Имаше редица до улицата пред министерството, кога се поднесуваа документите“, вели Боби од Виница, кој не сакал да ги прати документите по пошта и дошол во Скопје лично да ги поднесе.
Од Министерството за економија велат дека интересот за ваучери за клима-уредите бил голем, поради што комисиите уште ги обработуваат барањата.
„Комисиите за реализација на постапките за двата огласи работат интензивно на прегледување на доставените барања, со оглед на големиот број пристигнати апликации. Во меѓувреме, Министерството за економија по службена должност, врши проверки и со Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи и ЕЛЕМ Енергетика. Откако ќе биде комплетна проверката, ќе ги објавиме листите на барателите кои го оствариле правото на доделување на потврда-ваучер и ќе се почне за издавање на ваучерите“, одговорија од Министерството за економија.
За огласот за ваучери за инвертери за домаќинства, барања доставиле 14.500 баратели и дополнително уште 4.305 барања за огласот за ранливи потрошувачи. Тоа е два и пол пати повеќе барања за предвидените околу 7.000 ваучери.
Видете и ова: Антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра: Поддршка за учениците, пензионерите и компаниитеМерката за зголемување на ученичкиот и студентскиот стандард е дел од деветиот пакетот антикризни мерки што поранешниот премиер Димитар Ковачевски го објави во декември минатата 2023 година.
Дел од овие мерки беа и ваучери за превоз за студенти, корисници на надоместок заради попреченост, самохрани родители, пензионери со ниски пензии, авансна исплата на субвенции за земјоделци, финансиска поддршка за инсталирање соларни панели во домаќинствата...Пакетот има 26 мерки, со вкупна сума за поддршка од 662 милиони евра, со кои се опфатени 120.000 млади лица, над 74.000 социјално ранливи категории граѓани, над 187.000 пензионери, 40.000 земјоделци, речиси 540.000 корисници на апликацијата Мој ДДВ, 600.000 домаќинства и над 70.000 компании.
Мерките почнаа од 1 декември 2023 година и се предвидени да траат од пет до седум месеци. На новинарско прашање дека мерките се со траење до одржување на изборите (претседателски и парламентарни, на 24 април и 8 мај), Ковачевски тогаш рече рече дека мерките се правени за граѓаните, не се правени за изборите и дел од тие мерки завршуваат пред изборите, а некои продолжуваат и по нивното одржување.