Меѓународни кредитори со 4 милијарди евра ќе го помагаат откажувањето од јаглен

РЕК Битола

На самиот за климатски промени во Дубаи се очекува да се најави планот со кој Северна Македонија ќе добие позајмици и кредити вредни 4 милијарди евра со кој ќе треба да се откаже од користење на јаглен и да се префрли на обновлива енергија. Владата не ги соопшти деталите, ниту со колку пари ќе учествува. Енергетски експерти велат дека овој план значи многу пари за малку струја.

Меѓународните кредитори го поддржуваат планот за откажување на Северна Македонија од јаглен, тежок 4 милијарди евра. Планот е да се затворат двете централи на јаглен во земјата и да се заменат со 1,7 гигавати обновлива енергија, јавува новинската агенција Ројтерс.

Во Северна Македонија има две електрани на јаглен – во Битола и во Осломеј, кичевско. Тие имаат инсталирана моќност од околу 800 мегавати.

Новиот план за транзиција, предвидува од обновливи извори да има моќност од 1700 мегавати. Но, тие не можат да работат 24 часа, оти се од ветер, сонце или вода, па затоа се поставува прашањето дали е потребен поголем капацитет за да се компензира.

Дел од енергетските експерти оценуваат дека еден ваков план значи многу пари за малку струја, затоа што нема да ги задоволи потребите на македонските граѓани.

Видете и ова: Струја или храна - што ќе никне на плодните земјишта?

Претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Ројтерс вели дека Договорот треба да биде објавен на Конференцијата за климатски примени во Дубаи, која почнува на крајот на месецот.

„Јагленот во Северна Македонија претставува 40 отсто од изворот на енергија, така што е многу голем, многу е важен. Ова е еден пример за тоа што би сакале да го прикажеме во ЦОП (Конференција на членките на Конвенцијата за климатски промени), да го претставиме овој пристап и што може да даде, како и посветеноста на земјата“, изјави за Ројтерс претседателката на ЕБОР Одил Рено-Басо.

Видете и ова: ЕСМ отвора рудник за јаглен наместо да се затвораат термоелектрани

Северна Македонија увезува околу 30 отсто од потрошувачката на струја, седумдесет отсто си обезбедува сама. Од тие 70 отсто, 40 ѝ се од јаглен, околу 30 од хидропотенцијал и околу 30 од обновливи извори на енергија.

Земјата си постави амбициозни планови за енергетска транзиција од јаглен кон обновливи извори. Но, поради енергетската криза предизвикана од војната во Украина, поради што енергенсите станаа понедостапни и поскапи, се ревидираа првичните планови да се затворат централите на јаглен.

Во меѓувреме течат плановите за трансформацијата и во РЕК Битола и во Осломеј.

За трансформацијата на РЕК Битола од електрана на јаглен во електрана на гас, премиерот Димитар Ковачевски на 3 ноември изјави дека на високо ниво се контактира со еден од најголемите американски гиганти за производство и инсталирање на постројки за производство на електрична енергија од гас.

За таа цел, потенцираше тој, годинава беше комплетирано поврзувањето на Битола со гасоводната мрежа до објектот во Жидилово, а до крајот на 2023 најави дека ќе почне и изградбата на гасоводот со Грција.

Дополнителна електрична енергија, според најавите, ќе се црпи и од старите наоѓалишта на јаглен во РЕК Битола на кои ќе се инсталираат фотоволтаични централи.

Осломеј има инсталирана моќност од 125 MW. Осломеј, пак, се трансформира во фотонапонска електрана.

Владата не одговара со колку пари ќе учествува

Од Владата до објавувањето на овој текст не одговорија на прашањата за повеќе детали, ниту со колку пари ќе учествува земјава во овој план.

Од Министерството за економија велат дека изработуваат Инвестициската платформа за енергетска транзиција која е во завршна фаза. Овој план ги обработува предлозите на Владата, ги идентификува потенцијалните области за инвестиции и техничка помош на Мултилатералните банки и го вклучува потенцијалот за мобилизирање на дополнително кофинансирање од билатерални, мултилатерални и приватни извори, наведува Министерството.

Според Министерствот, Инвестицискиот план претставува деловен план што го развива и поднесува Владата во соработка со мултилатералните банки кои се партнери на Климатскиот инвестициски фонд, во овој случај. Тоа се Европска банка за обнова и развој ЕБОР, Групацијата Светска Банка – СБ (Меѓународната банка за обнова и развој (МБОР) и Меѓународната Финансиска корпорација (ИФЦ)).

„Инвестицискиот план е структурирана во три дела: Проекти во потенцијална пренамена на електраните кои работат на јаглен со дополнителни инвестиции во обновливи извори на енергија, Економска регенерација на Пелагониски и Југозападен регион и Енергетска ефикасност, чиста топлина и програма за децентрализирано производство“, велат од Министерството за економија.

Според претседателот на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија, професор Константин Димитров идејата да се замени јагленот со 1,7 гигавати обновлива енергија е играчка, односно тоа се многу пари за малку струја, затоа што тоа нема да ги задоволи македонските потреби за струја.

„Затоа што Македонија има потреба од 7 500 гигават часови годишно. Потрошувачката со јаглен, РЕК Битола треба секој блок да прави по 1200 до 1300 гигавати годишно, три блока се, што значи РЕК Битола треба да прави до 6 илјади до 6 500 гивават саати годишно. Остатокот до 30 проценти треба да дојде од хидро, и полека влегуваат обновливи извори, нешто е грешка во ситуацијава“ вели Димитров.

Тој објаснува дека ако со планот од обновлива енергија се планира производство на 1700 гигават часови, пак е тоа само околу 20 проценти од вкупната годишна потрошувачка на енергија, што значи дека нема да го реши проблемот со снабдување на енергија.

„Нас ни треба извор што ќе работи и ноќе и дење и лето и зима. Обновлив извор работи кога има сонце и кога дува ветер. Единствено е само хидроенергија, ама Чебрен е занемарлив како енергетика, затоа што тој е водостопански објект, тој обезбедува вода за напојување на Пелагонија, вода за после 20 години за пиење, и така ќе се гради најмалку 10 години, затоа што доаѓаат сушни периоди, ќе имаме врнежи од дожд за 25 проценти помалку од сега, а и сега чувствуваме недостиг на вода. Освен ако се реши Пелагонија да ја претвориме во поле со колектори па да не садиме ништо таму, “ објаснува тој.

Колку струја се произведува од обновливи извори во земјите од Југоисточна Европа 2017 -2021

Со усвојувањето на Енергетската стратегија во февруари 2020 година, Северна Македонија стана прва земја на Западен Балкан која наведе конкретни датуми за напуштање на јагленот и затворање на термоелектраните.

Со усвојувањето и на другите стратешки политики, тоа во најдоброто сценарио треба да се случи пред 2030 година. Според стратегијата за развој на енергетиката во следните 20 години треба да поттикне значително зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во бруто потрошувачката на финалната енергија, односно од 35 до 45 отсто, според поставените цели.

Додека се коваат планови за откажување од јаглен, ЕСМ си планира нов рудник

Во меѓувреме владината компанија за производство на електрична енергија – Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) планира да отвори нов рудник за јаглен во Пелагонија на површина од 7,8 километри квадратни, што е по големина скоро колку постојниот коп во Суводол, битолско.

Намерата е јагленот да се ископува од наоѓалиштето Живојно во наредните 14 години на површински коп за снабдување на РЕК Битола, а пресметките на ЕСМ покажуваат дека се очекува оттаму да се извадат 23,6 милиони тони јаглен.

Намерата за отворање на нов рудник во Пелагонија доаѓа во време на намалени резерви на јаглен во рудниците Суводол и Брод-Гнеотино од каде се копа јаглен за РЕК Битола, но истовремено и кога државата усвои бројни стратегии и меѓународни документи за декарбонизација на енергетскиот сектор.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова неодамна во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека плановите за отворање на новиот рудник во наоѓалиштето Живојно дошле поради енергетската криза, која државата ја чинело многу пари за увоз на струја и за набавка на јаглен од Косово за потребите на РЕК Битола и другите термо електрани во државата.

Според Шукова, опцијата за отворање на рудникот се уште стои, но посочува дека државата паралелено е насочена и кон производство на струја од обновливи извори на енергија.

Видете и ова: Самит за клима - Можно ли е земјите од Балканот да воведат данок на CO2

Од еколошката организација Еко свест велат дека отворањето на уште еден рудник на јаглен е игнорирање на меѓународните обврски и ветувања и на домашните стратегии и планови.

„Тоа е комплетно несериозно“, додаваат од организацијата.

Оттаму велат дека во моментов за државата се достапни повеќе фондови за енергетска транзиција и обезбедување на економски раст на регионите со јаглен по затворање на термоелектраните и дека тие можат да се искористат за исполнување на амбициозните цели на државата.

И покрај стратешките заложби Северна Македонија постепено да го напушта јагленот и да произведува енергија од ветер и сонце, податоците покажуваат дека земјава во моментов е на второ место меѓу државите од Западен Балкан по користење на јаглен за производство на струја.

Зависноста од јаглен на енергетскиот сектор продолжува, додека термоелектраните во државата не ги исполнуваат стандардите за животна средина. Граѓаните на Битола и Кичево живеат во екстремно загадување, кое ги чини стотици загубени животи годишно, како што покажуваат бројни истражувања и анализи. Од друга страна, замјата е претпоследна на листата кога станува збор користење на обновливи извори во производството на струја.

Неодамнешните истражувања на невладината организација „ЦЕЕ Бенквоч“ покажуваат дека електраната Битола е меѓу најопасните во регионот според здравствените влијанија што ги предизвикува и дека ако се намалат нејзините емисии ќе се избегнат речиси 300 смртни случаи годишно во Северна Македонија.