„Не е тука“.
Ваков одговор доби екипата на Радио Слободна Европа кога на 5 декември на адресата во Битола, каде се наоѓа фирмата „Марковски компани“, го побара сопственикот Борче Марковски.
Седиштетo на фирмата е во стан во центарот на Битола во кој не пречекаа двајца вработени. И покрај инсистирањето да се видиме со него сепак ни беше речено да оставиме само наш телефонски број.
До објавувањето на сторијата повик од Марковски не добивме.
„Марковски компани“ во последните пет години од државата има добиено најскапи тендери според цената на услугите и тоа често со непосредно спогодување.
Фирмата редовно, во изминативе десетина години добивала работа од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и подружницата „Рударско енергетскиот комбинат - Битола“ (РЕК – Битола) и за пет години склучиле 66 договори кои чинат 141 милион евра, а фирмите подизведувачи го поврзуваат со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
За „сомнителни“ тендери за прв пат почнаа истраги и државното Обвинителство и Финансиската полиција.
Сопственикот Борче Марковски од 2016 година е и почесен конзул на Белорусија поради „добрите економски релации со оваа земја“.
Неговата фирма во Белорусија била претставена како соработник на државни компании кои пак се поврзуваат со претседателот Александар Лукашенко и се под санкции на САД, а во одреден период и на ЕУ.
Марковски има фирма и во Србија, и таму редовно добива тендери од „Србија шуми“.
Ликот на Марковски не може да го видите во медиумите и недостапен е за новинарите.
Патот на Борче Марковски до почесен белоруски конзул
На 22 Април 2015 година белоруската новинска агенција известува за посетата во Белград на високи претставници на белорускиот државен петрохемиски концерн „Белнефтехим“ . Разговорите се одржувале под покровителство на Белоруската амбасада во Србија, а биле предводени од тогашниот заменик претседател на концернот Виталиј Павлов.
Меѓу другото во соопштението се вели дека ексклузивен застапник за производите на фабриката за гуми „Белшина“ за Србија, ќе биде „Марковски компани“ од Северна Македонија.
„Компанијата ќе продолжи со испораката на белоруски гуми за земјоделска опрема во Србија“, е напишано во агенциската вест.
Речиси една година подоцна Борче Марковски, сопственикот на „Марковски компани “ станува почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во говорот на свеченоста Владимир Чушев, амбасадор на Белорусија во Србија, истакнал дека неговата земја е заинтересирана за развивање на корисни односи со Северна Македонија. Приоритети се проширувањето на трговската и економската соработка и развој на меѓурегионалните врски.
По ова, на 9 ноември истата година Марковски се среќава со министерот за надворешни работи на Република Белорусија, Владимир Макеи.
Марковски ја посетил и најголемата државна рафинерија „Нафтан“ во Новополотск. На адреса на фирмата „Марковски компани“ тогаш самата „Нафтан“ известила дека се испратени серија од 20 тони пакувани масла.
„Почесниот конзул на Република Северна Македонија Борче Марковски при посетата на ОАД Нафтан го потврди високиот квалитет на маслата Нафтан. Северна Македонија е наш партнер, бидејќи неговата компанија има договор за набавка на пакувани масла за оваа земја на Балканот“ пишува во соопштението од компанијата.
Видете и ова: За пет години, десет фирми добиле тендери во вредност од милијарда евра
Фирмите – соработници на Марковски, блиски на Лукашенко
Фабриката за гуми „Белшина“ и рафинеријата „Нафтан“ се двете фирми за кои јавно се знае дека соработувале со компанијата Марковски од Битола, како што известиле белоруските медиуми, но и самите компании.
За тоа каква била нивната соработка РСЕ побара одговори од Борче Марковски по маил, но одговор не доби.
„Белшина“ е најголемиот производител на гуми со различни димензии, меѓу кои и за товарни возила во Белорусија, додека „Нафтан“ е државна компанија за нафта и нафтени деривати, меѓу кои и масла. Како Марковски станал нивен соработник нема јавно достапни податоци.
РСЕ испрати прашања и до двете компании, но обидите за одговори беа безуспешни.
Од она што е заедничко за двете компании е дека и двете се дел од концернот „Белоруска државна грижа за нафтата и хемијата – „Белнефтехим“.
Надлежен за „Белнефтехим“, е државниот Совет на министри на Белорусија.
Инаку „Белнефтехим“ и дел од неговите компании меѓу кои и „Нафтан“ и „Белшина“ се под санкции на САД уште од 2011 годна.
Санкции од САД и ЕУ
САД реагирале на репресијата по изборите во 2010 година кога победи претседателот Александар Лукашенко, а реакцијата ја поттикнало и затворањето на голем број претседателски кандидати.
Санкциите против Белнефтехим биле привремено суспендирани во 2015 година поради „одреден напредок во сферата на демократијата и човековите права“, како и со цел да се поддржи независноста и суверенитетот на Белорусија.
Но, по претседателските избори во Белорусија во август 2020 година и репресиите, САД ги обновиле санкциите на 3 јуни 2021 година.
Во 2022 година, Канада и Украина, исто така, вовеле санкции за „Белнефтехим“. Во август 2023 година, Европската унија воведе нов пакет санкции против Белорусија, во кои влезе и „Белнефтехим“.
Но, „Белшина“ е една од ретките компании кои ЕУ ги симна од листата на санкции.
Видете и ова: САД објавија нови санкции поврзани со руската инвазија на УкраинаЕвропскиот суд во март 2024 година одлучил дека компанијата е неосновано обвинета за финансирање на режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко и за поддршка на руската војна против Украина.
Сепак новинарска истрага на Белорускиот истражувачки центар открива дека меѓу клиентите на „Белшина“ е и руското Министерство за одбрана.
Од македонското Министерство за надворешни работи и трговија не откриваат против кои белоруски компании Северна Македонија има санкции. Но, велат дека активни се забраната за влез и транзит, ограничувања на увоз и извоз на стоки и услуги, финансиски мерки и други рестрикции кон Белорусија.
„Влада на Република Северна Македонија по инвазијата на Русија врз Украина на 24 февруари 2022 година, одлучи да се придружи кон режимот на рестриктивни мерки на ЕУ против Белорусија, согласно Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, со цел поддршка на демократските стандарди и како реакција на вмешаноста на Белорусија во руската агресија врз Украина“, се вели во одговорот за РСЕ од МНР.
Марковски со фирма во Белград
Врските на Борче Марковски во Србија кои му помогнале да стане белоруски почесен конзул датираат од поодамна. Тој во соседната земја како сто процентен сопственик се јавува во две фирми, откриваат податоците од Централниот регистар на Србија.
Првата фирма е со исто име како и битолската „Марковски компани“ регистрирана е на 2 март 2009 година. Но била активна само 10 месеци бидејќи на 24 декември е избришана. Тогашен управител бил извесен Бранислав Стоилковиќ кој сега според податоците на централниот регистар има градежна работилница близу Белград.
Но Борче Марковски има една активна компанија во Србија каде исто така е единствен сопственик.
„Хаза изградба“ е активна компанија која е основана на ист ден со претходната, но таму сегашен управителка е Гордана Појужина. Во ограничувања на управителката, која инаку е книговодител, стои дека за зделки кои се над 150 илјади евра, потребен е и потпис од основачот Борче Марковски.
Неговата тамошна фирма „Хаза изградба“ е редовен добитник на тендери во Јавното претпријатие “Србија шуми“.
За Марковски 14 тендери од „Србија шуми“
Од 2021 година па се до септември 2024 година фирмата на Борче Марковски има земено 14 тендери. Се работи за изградба или реконструкција на шумски патишта, а вкупната вредност е околу 3 милиони евра.
Во јавното претпријатие од 2010 година директор бил пратеник на Социјалистичката партија на Србија (СПС), Игор Брауновиќ. На функција беше се до 8 август 2024 кога владата го разреши Брауновиќ.
Претходно владејачката СНС го повикуваше Брауновиќ да поднесе оставка бидејќи зборувал против ископувањето литиум.
Брауновиќ претходно во јавноста се појави како директор на компанијата „Србија шуми“ во јакна на која беше испишана буквата „З“, симбол на руската инвазија на Украина. Српските медиуми најчесто ја истакнуваат неговата поранешна роднинска врска со сегашниот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ. Неговата невладина организација „Наша Дрина“ стана позната и по тоа што соработувала во транспортот на споменик на поранешниот српски диктатор Слободан Милошевиќ кој бил поставен во Москва во јуни 2023 година.
Фирмата на Марковски се наоѓа на булевар Михајло Пупин 10Д односно на адреса на трговски центар.
Инаку Марковски има уште една фирма во Северна Македонија, „Фајкон СБ - Битола“ каде содружник му е српски државјанин. Се наоѓа во трговскиот центар Шехерезада во Битола, а во неа 50 проценти од сопствеништвото е на Саша Савковиќ.
Според српските медиуми, тој бил Началник на службата за спречување на криумчарење во Царинската управа на Србија. Во моментов е сопственик на фирма за обезбедување во Србија.
„Марковски компани“ најголем „копач“ на тендери
Марковски е најголем тендераш во Северна Македонија во последните пет години, односно од 2019 до 2023 година според податоците од истражувањето на невладината „Центар за граѓански комуникации“. Прворангирана е од сите 3 800 фирми кои добивале државни тендери, со склучени вкупно 77 договори за јавни набавки.
Според нивното истражување дури 66 тендери се склучени со државното претпријатие ЕСМ со вредност од 141 милион евра или 93 % од вкупната вредност на сите тендери.
Најчесто РЕК Битола ги ангажирала машините на Марковски за ископ на јаглен, била ангажирана неговата помошна механизација, има договори за ремонтни активности и високостручни машински интервенции со работна рака.
„Дури една петтина од вредноста на договорите, односно 30 милиони евра, фирмата Марковски Компани ги добила во нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас за јавна набавка“, се вели во истражувањето на невладината.
Сепак ако се погледнат јавните податоци со историјата на добиени јавни набавки може да се види дека тендери истата фирма од ЕСМ има добиено и во времето на владејачката ВМРО ДПМНЕ уште во 2017 година.
Токму тогашниот пратеник на СДСМ, Васко Ковачевски, а подоцна генерален директор на елктраните обвинувал дека Марковски е човек на тогашниот премиер Никола Груевски и шефот на УБК Сашо Мијалков и дека до април 2017 година од РЕК Битола добил сомнителни тендери во висина од 60 милиони евра. Додека Ковачевски подоцна беше директор на ЕСМ, „Марковски компани“ продолжи да добива милионски тендери.
Истрага за тендер „во четири очи“
Кога Радио Слободна Европа беше во рудникот на РЕК Битола забележа само една машина во сопственост на „Марковски компани“ која беше ангажирана. Коментарите на вработените беа дека се помалку се ангажираат овие машини .
Радио Слободна Европа од извори во истрагата Финансиската полиција, кои сакаа да останат анонимни, открива дека сепак има отворено предистрага за еден тендер. Се работи за договор склучен 10 дена пред новата 2022 година, тежок околу 19 милиони евра.
Договорот е достапен на сајтот на е-набавки, и е за услуга за проширување на изработка на усек, договорена без објавување на оглас, само рамковна спогодба меѓу двете страни.
Од една страна ЕСМ и РЕК Битола, а од друга „Марковски компани“. Свои потписи ставиле ВД директорот на државната фирма Пеце Матевски и Борче Марковски како управител на изведувачот на работите.
Она што првично им било најсомнително на истражителите е оправданоста за економска соработка со преговарање без да се објави тендер. Но, истрагата оди во насока на тоа да се испита потребата од ангажирање на подизведувачи, нешто што, според истите извори, не било предвидено во првичната понуда на РЕК Битола.
Ако се погледне договорот кој е јавно достапен на Бирото за јавни набавки може да се види дека во него е впишано дека договорот е само со Марковски компани а доколку фирмата ангажира подизведувачи, мора да го извести државното претпријатие.
Во истиот договор во делот каде се напишани имињата на сите ангажирани вработени и машини сепак се гледа дека Марковски уште таму впишал надворешни соработници од две струмички фирми. Тоа се фирмите „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“ од Струмица.
Сега истрагата испитува и дали Марковски компани ангажирал и уште една фирма која пак воопшто не фигурира во договорот.
Сомнежите одат и во таа насока дека „Марковски компани“ немал ниту техничка опременост за дел од работите за кои се ангажира, а машините кои биле вклучени во договорот се под сомнеж дека се подоцна увезени. Сепак договор бил потпишан, велат извори од истрагата за РСЕ.
Подизведувачите на „Марковски компани“, фирми блиски на фамилијата Заеви
На почетокот на декември 2024 новото раководство на РЕК Битола, кое дојде со доаѓањето на власт на ВМРО ДПМНЕ објави дека раскинува еден од актуелните договори кои ги има со „Марковски компани“.
„Еднострано се раскинува, поради несовесно и неквалитетно извршување на превземените обврски, рече директорот на Комбинатот, Тони Петрушевски.
Овој договор беше склучен на 13 февруари 2024 година и требаше да важи една година. Марковски компани беше ангажирана повторно за ископ на јаглен и беше во вредност од 43 милиони евра.
Во него било предвидено да работат три фирми подизведувачи, од кои две се истите од претходниот кој е во истрага.
Двете струмички фирми „Сим Инженеринг“ и „Јавор Транс“ од Струмица се речиси редовни подизведувачи во тендерите, а во нив имињата на сопственици и управители и се познати на јавноста.
Фирмите се наоѓаат на иста адреса, во трговскиот центар Глобал на втори кат и во двете како првични сопственици фигурираат татко и син Симеон и Горан Крстеви.
Во „Сим Инженеринг“ управител во моментов е Сашко Брндевски. Во „Јавор Транс“ од 2012 година како управител во фирмата влегува Драги Цикарски.
Инаку Цикарски бил или е сопственик или управител во неколку струмички фирми во кои во одреден период како сопственици се појавува и братот на поранешниот премиер Зоран Заев, Вице Заев.
Цикарски беше и содружник во фирмата која го градеше трговскиот центар Глобал за кој токму Заев како градоначалник беше осомничен за злоупотреба на службената положба. Никогаш не се докажа дали е виновен бидејќи тогашниот Претседател на државата и негов сопартиец Бранко Црвенковски го аболицираше.
Управителот Сашко Брндевски од „Сим Инженеринг“ исто така се наоѓа во фирми од кои во дел како управители или сопственици се појавуваат членови на фамилијата Заеви.
Во раскинатиот договор меѓу „Марковски компани“ и ЕСМ било предвидено подизведувачите да земат 10 проценти од работата односно 4,3 милиони евра.
Поранешното раководство на ЕСМ и РЕК Битола во бегство или во притвор
Поранешниот генерален директор на ЕСМ, Васко Ковачевски е во бегство, дозна јавноста на 10 декември 2024 година, откако обвинителството и полицијата ја спроведоа акцијата „Адитив“. Неговиот наследник Васко Стефанов заврши во притвор поради истрагата во која се осомничени 23 меѓу кои и поранешен директор на РЕК Битола, Пеце Матевски и на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ.
Во истрагата сомнежите се дека се проневерени 6,5 милиони евра државни пари преку местење на тендери и перење пари.
Видете и ова: Истрагата „Адитив“ опфаќа 23 осомничени за криминал „тежок“ 6,5 милиони евра„Во текот на 2023 и 2024 година припадници на оваа група станале и дел од осомничените, а со намера да прибават за себе или за друг имотна корист од поголеми размери или да предизвикаат штета од поголеми размери, осомничените свесно ги повредиле прописите за постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, со договарање со други можни учесници заради изигрување на постапката за доделување на договори за јавна набавка“, се велеше во соопштението на државното обвинителство.
Од таму велат дека обвинителството во Битола веќе работи на уште една истрага која е поврзана со ревизорски извештај за јавна набавка во РЕК Битола.
Белорускиот почесен конзул недостапен за јавност
Во март 2016 година тогашниот министер за надворешни работи Никола Попоски го прочитал писмото со кое Белорусија го назначува Марковски за почесен конзул, му одобрил да ги извршува функциите кои произлегуваат од Виенската конвенција за конзуларни односи.
„Им препорачувам на овластените органи на господин Борче Марковски да му овозможат вршење на неговите функции, да му укажат помош и заштита и да гарантираат уживање на правата и привилегиите во согласност со неговата функција и неговиот статус“, напишал Попоски.
Од тогаш Марковски ужива привилегии велат од МНР, а можат да му бидат одземени и да биде отповикан само ако кои ги прекрши правилата на Виенската конвенција.
„Се обезбедува со специјална лична карта, му се доделуваат права на користење на привилегии во однос на просториите кои претходно се обезбедени од страна на конзулот каде се сместени простории на Почесен конзулат согласно виенските конвенции за дипломатски односи“, се вели во одговорот за РСЕ од МНР.
Седиштето на почесниот конзулат се наоѓа во центарот на Скопје, близу Клинички центар, во стан сопственост на самиот Марковски.
Една табла и едно избледено знаме само укажуваат дека овде има почесен конзулат на Белорусија.
Марковски речиси и да не се појавил во медиумите и покрај постојаните прозивки за „љубовта“ со државното ЕСМ.
РСЕ тропна и на неговата врата. На прашањето дали може да разговара со конзулот доби кус одговор од вработената:
„Марковски не е тука, во Битола е.“
Соработници: Белорускиот сервис и Мирјана Јевтовиќ, Форензички центар на Балканскиот сервис на Радио Слободна Европа