Со 140 денари субвенција за студентски оброк, студентски домови кои уште чекаат реновирање, но и застарени образовни програми, македонските студенти се уште се во потрага по подобри услови за студирање и повисок стандард.
Едно од најголемите ветувања кое актуелната власт им го даде на студентите, а беше дел и од нивната предизборна програма уште во 2016 година - Студентски град во Скопје по примерот на многу главни градови, не само што не е исполнето, туку не е ниту на повидок.
Тогаш се ветуваше дека студентите ќе добијат место прилагодено само за нив поради субстандардните услови во актуелните домови, но сето тоа на крај кулминираше со потпис на договор за реконструкција најпрво на два студентски домови - „Кузман Јосифовски Питу“ и „Стив Наумов“.
Договорот за реконструкција на домовите оваа Влада го потпиша дури на крајот на својот мандат, 29 декември 2023 година, откако веќе во првиот месец од новата година во Северна Македонија се формираше техничка влада која ја води државата до изборите оваа пролет.
Видете и ова: Заврши студентскиот протест, Шаќири ќе го разгледа предлогот за календар на активности за МОНТака студентите останаа без студентски град, но не добија ниту помодерни студентски домови. За нив ќе треба да почекаат најмалку 18 месеци, кога е рокот два од вкупно деветте домови да добијат нов изглед.
Додека големите проекти останаа да висат во воздух, политичките партии неодамна дадоа нови ветувања кога се студентите во прашање.
Нов политички манифест со стари ветувања
Па така, подмладоци на шест политички партии заедно со претседатели на шест студентски собранија во Северна Македонија пред три дена ставија потпис на студентскиот Манифест – документ кој треба да го подобри животот на студентите и да ги постави темелите за подобар стандард во високото образование.
Манифестот содржи повеќе точки, но клучни цели на кои се обврзаа во иднина да работат политичарите, но и студентите, вклучуваат бесплатно високо образование, интернационализација и целосна дигитализација во сите високообразовни институции.
Дигитализацијата е процес кој веќе е започнат, но со овој Манифест се бара конечно уписите на семестар, заверката на испити и другите административни обврски, наместо физички на шалтер, да се одвиваат по електронски пат.
Потпис на документот ставија подмладоците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП, ДОМ, Левица и Демократско движење. Студентските собранија пак кои ги поддржаа овие барања се од универзитетите „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје, „Св. Климент Охридски“ - Битола, „Гоце Делчев“ - Штип, „Мајка Тереза“ - Скопје, „Св. Апостол Павле“ - Охрид и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово.
Иако е Манифест сепак искуствата од минатото говорат дека за одредени цели ќе треба да се постават рокови за исполнување, но овие рокови допрва ќе треба да се одредат односно откако ќе завршат изборните процеси во земјава и ќе се формира новата Влада, објаснува за РСЕ Александар Николовски, претседател на студентското собрание при УКИМ.
Видете и ова: Партиите го потпишаа Студентскиот манифест за подобро и поквалитетно високо образованиеОвие заложби и ветувања од страна на партиите дека активно ќе се работи тие да не останат само на хартија доаѓаат во еден предизборен период, но Николовски верува дека ако „студентските собранија доволно притискаат голем дел од напишаното може да се реализира“.
Слични барања имаше и порано, што е исполнето?
Најголемиот дел од овие барања наведени во Манифестот не се ништо ново, всушност претставуваат продолжение на Декларацијата за подобар студентски живот, која во 2020 година ја потпишаа истите политички партии како и сега, со таа разлика што тогаш потпис на тој документ ставија повозрасните политичари.
Клучните барања од оваа Декларација требаше да бидат исполнети токму до 2024 година, но студентите и натаму немаат студентски град, немаат унифициран модел за финансирање на универзитетите, ниту пак имаат одржлив модел за научно-истражувачка дејност, вели за РСЕ Борјан Ефтимов, кој во 2020 година беше на чело на студентското собрание на УКИМ и беше еден од потписниците на оваа Декларација.
Видете и ова: Студентите не ги знаат лидерите на факултетитеЕфтимов вели дека очекувањата тогаш биле доста големи, но четири години подоцна смета дека власта „потфрлила и не ги исполнила очекувањата на студентите“.
„Освен тоа што беше едноставно да се реши, генерално, владата потфрли целосно во областа на високото образование и на ниту еден начин не ги задоволи барањата на студентите. Јас и претходно бев активен, не само како претседател, и можам да кажам дека изминатиот период се изневерија очекувањата и се нанесе ненадоместлива штета на македонските млади кои последните години го формираа својот образовен процес“, вели Ефтимов.
Во Декларацијата за подобар студентски живот се бараше редовна исплата на стипендии, студентски оброк, реконструкција на старите студентски домови, но и подобрување на инфраструктурата на факултетите.
Видете и ова: Лицето и опачината на бесплатното студирањеСтипендиите сега се исплаќаат на почетокот од секој месец, студентите добија студентски оброк од 140 денари шест дена во неделата, но подобрувањето на инфраструктурата на факултетите не се случи - проектите за доизградба на зградите на ДИФ и ФИНКИ и натаму тапкаат во место.
Сепак, Ефтимов смета дека ова не е доволно бидејќи најголемите проекти коишто требало досега да се спроведат не се случиле.
„Несуштинските работи беа исполнети. Најважното беше да се отпочне со процес за реафирмирање на македонскиот образовен процес којшто е катастрофален, македонските универзитети тонат, нема одржлив модел на финансирање, нема одржлив модел за научно-истражувачка дејност и нема одржлив модел за квалитетно високо образование. Така што целосно потфрли во најважното – дали стипендиите почнале да се исплаќаат секој месец, наместо на крајот на годината е ирелевантно, знаете тоа е како да избереме сега две-три точки и да се фалат дека завршиле нешто“, нагласува Ефтимов.
Студентите се разочарани од политичарите
Мислам дека на политичарите воопшто не им е гајле за нас, изјави студентката Илијана Николовска во анкета која РСЕ ја спроведе непосредно пред потпишување на Манифестот.
Анкетата покажа дека разочарувањето од минатото влијае на тоа секое ново ветување од политичарите студентите да го земаат со голема доза на резерва.
„Не се чувствувам згрижено од нашите политичари ниту на локално ниту на државно ниво. Мислам дека има некои работи кои ги остваруваат, но генерално ги преувеличуваат за да добијат повеќе гласови“, истакна студентот Дарко Барбарејски.
И младинскиот активист Бленди Ходаи смета дека најголемиот дел од работите коишто сега им се ветуваат на студентите се ништо друго освен „предизборен политички маркетинг“.
„Знаеме дека поради тоа што имаме избори се ќе се користи во нивен пи-ар. За жал, менталитетот на политичарите е таков што нас не гледаат како гласачко тело, а не како група што има конкретни потреби“, истакнува Ходаи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Сепак, за разлика од овие тврдења, претседателот на студентското Собрание при УКИ, иако и самиот истакна дека дел од ветувањата на политичарите останале неисполнети, тој дел од проблемот го лоцира и во самите студенти.
„Мислам дека студентите досега можеле да бидат многу поактивни во однос на исполнувањето на целите, тоа е мојот став, дека требало да има многу поголема заложба и од нивна страна Доколку повеќе притискале, сметам дек повеќе цели би биле постигнати“, нагласува Николовски.
Манифестот доаѓа на само три недели пред почетокот на предизборната кампања во земјава, партиите традиционално ќе излезат со свои нови програми, а во нив како и пред секои избори ќе се ветуваат нови реформи во образованието, а со самото тоа и повисок стандард и за студентите.