Платформата на Државна лотарија останува единствена опција за онлајн коцкање

Мегавин и Државна лотарија (илустрација)

Згаснуваат четири платформи за интернет игри на среќа кои биле основани во време на претходната владејачка гарнитура СДСМ-ДУИ. Сега државата планира да преземе мерки за да го елиминира пристапот до преку 2.000 онлајн платформи регистрирани во странство каде македонските граѓани се коцкаат.

Во иднина, веб - страницата „Мегавин.мк“, кој е во 100 процентна сопственост на АД Државна лотарија ќе биде единствената легална платформа за приредување на онлајн игри на среќа во Северна Македонија. Останатите четири кои во моментот функционираат, ќе мора да прекинат со работа.

Вчерашните владини одлуки ја задолжија Државната лотарија да ги започне сите неопходни постапки за престанок на друштвата за интернет игри на среќа во кои фигурира како доминантен сопственик со 51 насто од сопственоста.

Станува збор за укинување на содружништвото во фирмите Државна лотарија Моцарт, Државна лотарија Везув и Државна лотарија 777 Битс, каде 49 насто од сопственоста во овие компании беше со српски, црногорски и бугарски капитал, како и платформата 2win.mk.

Според информации од Државната лотарија, на четирите онлајн платформи за коцкање кои во следниот период треба да се укинат се регистрирале околу 80.000 Македонци. Најголемиот дел од нив, од 50.000 – 60.000 отпаѓаат на платформата 2win.mk.

Според информациите на РСЕ, временски период од еден месец би бил доволен за граѓаните да ги добијат односно повлечат депозитите назад кои ги имаат на платформите, пред тие да згаснат и да се избришат од интернет просторот.

Видете и ова: Меџити: Владата донесе одлука да го запре онлајн коцкањето

Со последните заклучоци на Влада, беше утврдено дека и онлајн платформата 2win.mk, која ја организира Државна видеолотарија - Казинос Австрија е обврзана да го запре приредувањето на игри на среќа со оглед на фактот што ДВЛМ Казинос Австрија тоа право го имале до 2017 година согласно договорот за заедничко вложување. Со тоа, се наведува дека компанијата нема законска можност да продолжи да приредува интернет игри на среќа преку 2win.mk без лиценца која ја издава Владата.

Овие одлуки се донесени согласно автентичното толкување на член на 7 од Законот за игри на среќа по барање на коалицијата „Вреди“, а кое Собранието го усвои на 14 август 2024 година.

Тоа значи дека овие друштва го немале правото за приредување на онлајн игрите на среќа, а со тоа ни лиценцата за приредување на таков вид игри.

Видете и ова: Коцката е фрлена за онлајн фирмите на Државна лотарија

Укината и Државната видеолотарија НОВО ВЛТ

Со уште една одлука, петта по ред, која пак се однесува на видеолотариските игри, Владата ја задолжи Државната лотарија да отпочне процес на укинување на Државната видеолотарија НОВО ВЛТ ДОО Скопје, со образложение дека правото за електронските игри на среќа незаконито било пренесено кон ова друштво во 2022 година со одлука на Влада.

Сите овие пет компании, и за онлајн коцкање и видеолотаријара беа формирани со одлуки на седници на влада, на кои потпис ставиле поранешниот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и поранешниот премиер Димитар Ковачевски.

Останува да се види дали владините одлуки за незаконско формирање на овие компании ќе повлече и кривична одговорност за оние кои ги аминувале.

Продолжува онлајн коцкањето на 2.000 странски платформи

Со укинувањето на четирите компании и платформи за онлајн игри на среќа, се поставува прашањето – доколку државата го легализира пазарот на игри на среќа и го сведе на само еден единствен приредувач – „Мегавин.мк“ на Државна лотарија, како ќе го спречи одливот на пари надвор од државата за коцкање на незаконски платформи регистрирани во странство кои воопшто немаат ни лиценци и кои мерки ќе се преземат за оневозможување на пристап на граѓаните до нив.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски за РСЕ вели дека на минатата седница, Владата дала задолжение да се формира координативно тело за да се изнајде начин како да се банираат овие страници во Северна Македонија. Координативното тело е формирано денеска, 25 септември, а во него учествуваат Државната лотарија, Министерството за дигитална трансформација, Агенцијата за електронски комуникации и МАРНЕТ - мрежа на регистрирани македонски домени.

„Целта е да најдеме начин како да ги банираме страниците. За да не може нашите граѓани од тука да имаат пристап. Тоа може и нема докрај да го реши проблемот, бидејќи некои може да пристапуваат преку лажен ВПН, но тоа е она што државата во моментов може да го реши. Ем да не дозволуваме регистрација на домени во Македонија, ем во исто време да ги банираме домените што доаѓаат. Клучни ќе бидат телекомуникациските оператори дали ќе се согласат, бидејќи тие го регулираат пристапот на граѓаните до интернет“, вели Андоновски за РСЕ.

Неофицијалните податоци од Државна лотарија говорат дека Македонците играат на преку 2.000 сајтови каде имаат депозити за учество на игрите на среќа.

Државна лотарија еднострано го раскина договорот за закуп

Освен укинувањето на платформите за онлајн коцкање Владата почна со расчистување на другите сомнителни договори склучувани од претходното раководство на Државна лотарија.

Пред два дена, на 23 септември, Државната лотарија испратила допис до компанијата „Хеј ДООЕЛ“ во сопственост на Асмир Јахоски дека еднострано го раскинува договорот за закуп на нови деловни простории каде требаше да се пресели акционерското друштво.

Во известувањето во кое имаше увид РСЕ, Државната лотарија навела дека новото раководство на акционерското друштво утврдило голем број неправилности во врска со склучениот договор за закуп на поранешниот ресторан за свадби во Визбегово тежок 2,6 милиони евра.

Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евра

Државната лотарија наредила неколку причини за таквиот чекор - дека објектот е на непристапна локација без јавен превоз за вработените, дека во договорот не е вклучено дворно место, кое претставувало посебен услов во јавниот повик и неможноста за паркирање на 50 патнички или товарни возила.

„Со склучување на договор за закуп каде предмет на закуп е површина од 2.426 квадратни метри, очигледно постоела намера да се изигра јавниот повик бидејќи дополнително свесно сте пристапиле кон склучување на договор за послуга на 17 мај 2024 година каде дополнителни 502 квадратни метри кои се дел од истиот недвижен имот опфатен од договорот за закуп“, ги давате на користење на закупецот за истиот период на важење како и договорот за закуп и тоа без надомест. Значи свесно сте знаеле дека објектот не ги исполнува условите од јавниот повик, при што сакајќи да се изигра јавниот повик сте направиле два договори“, пишува во дописот до компанијата „Хеј ДООЕЛ“.

Видете и ова: Лотарија го раскинува договорот за закуп на поранешниот ресторан за свадби

Во известувањето се опфатени и аспектите од истражувањата во низа на РСЕ кои и го отворија сомнежот за коруптивна зделка со политичка заднина.

А тоа е дека објектот во кој претходно беше сместен поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ не е адекватен за деловно административен центар на Државната лотарија, а за адаптација и реновирање на внатрешниот простор би се потрошиле дополнителни 1,8 милиони евра, сума за која новото раководство на акционерското друштво смета дека би предизвикало ненадоместлива штета.

Зградата на поранешниот ресторан Фестина која сега го изнајмува Државна лотарија

Ако се земе во предвид дека договорот за закуп е на 10 години, тоа значи дека Државната лотарија би плаќала и дополнителни 15.ооо евра месечно и за адаптација на просторот, а по истекот на договорот за закуп, Државна лотарија би немала никаква вредност и корист од тоа.

Друг момент е и висината на месечниот закуп од речиси 22.000 евра без пресметан ДДВ. Според Државната лотарија, закупнината по метар квадратен е превисока и надвор од пазарната цена ако се земат во предвид објектите кои се наоѓаат во околината.

РСЕ веќе пишуваше дека од склучувањето на договорот на 5 јули 2023 година до крајот на август, односно за период од 13 месеци, Државната лотарија и исплатила на „Хеј ДООЕЛ“ на Асмир Јахоски, кој е газда на фирмата „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски над 300.000 евра за закуп на објектот.

Премиерот Христијан Мицкоски, на 18 септември изјави дека договорот за закуп е „основа за покренување на кривична постапка и кривична одговорност за надлежните“.

Видете и ова: Мицкоски: Договорот меѓу „Хеј ДООЕЛ“ и Државна лотарија е основа за покренување кривична постапка

Ако во евентуална постапка на институциите се утврди дека има елементи на кривично дело, предмет по кој веќе постапуваат Обвинителството и Управата за финансиска полиција, тогаш и досега исплатените над 300. 000 евра, фирмата „Хеј ДООЕЛ“ на Асмир Јахоски ќе мора да ги врати назад на сметка на Државната лотарија.

Акционерското друштво ќе му плаќа закупнина до 31 октомври 2024 година. До тогаш, друштвото ќе бара чаре каде да ги смести милиони платените терминали набавени од претходниот директор Перпарим Бајрами, кои во моментов се наоѓаат во објектот во Визбегово.

Државната лотарија во иднина ќе остане во актуелните простории, сместени во зградата на МРТ и нема да бара нов деловен простор.