Кредитите поскапуваат, но тешко без нив

Зграда на Народна банка на Република Северна Македонија и станови во изградба.

За една година повеќе од двојно е зголемена референтната каматна стапка. Каматите растат за да се заузда инфлацијата. По рекордната висина лани, инфлацијата годинава се стабилзира, а тоа може да биде добар знак. Но и покрај високите камати, граѓаните се задолжуваат.

Парите стануваат сè поскапи, особено ако ги зајмите од банка. Од лани референтната каматна стапка на кредитите е зголемена за повеќе од двојно. Лани во септември била 3 проценти, а сега е 6,50.

Највисока каматна стапка од 15, 21 отсто е забележана во декември 2002-ра, најниско ниво во последните дваесет години, каматите достигнуваат во март 2021, кога каматата паѓа на 1,25 проценти. На тоа ниво се задржува една година. Од април почнува да расте. Оттогаш ова е 14 зголемување што го прави Народната Банка.

Од Народна банка за Радио Слободна Европа велат дека идните промени во каматната стапка ќе зависат од неколку клучни показатели.

„Прво, ова се однесува на динамиката на инфлацијата, којашто значајно успорува и исклучително е важно да се види понатамошно намалување на инфлациските притисоци, на потрајна основа“, велат од Народна банка.

Втор показател се поместувањата на девизниот пазар.

„На овој сегмент движењата засега се стабилни, и во голема мерка условени од значајно намалените притисоци врз трговскиот дефицит, солидните дознаки и приливите од странски директни инвестиции“, се вели во одговорот.

Трет показател се промените во поставеноста на Европската Централна банка (ЕЦБ) и со оглед на нашата врзаност за курсот на еврото, исто така влијаат на носењето на нашите монетарни одлуки, додаваат од Народна банка.

Инфлацијата лани во октомври го достигна максимумот од 19,8 проценти, додека, пак, последните податоци, кои се однесуваат на август покажуваат дека таа сега изнесува 8,20 отсто.

Стабилна инфлалција добар знак за каматите

Народна банка ги следи трендовите на Европската централна банка, па што се случува тука зависи од тоа што се случува на европско тло, вели поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпевски.

„Но најтешкото во соборувањето на инфлацијата е поминато. Сега зависи и зимата, дали нешто ќе се случува на планот на енергенсите во Европа, а со тоа и во Македонија“, вели Трпевски.

Тоа што инфлација се стабилизира, може да биде и добар знак за каматите, вели поранешниот гувернер, но напоменува дека работите „ нè зависат само од нас“.

Основните каматни стапки се сигнал како ќе се движат каматите за граѓаните и фирмите и во комерцијалните банки.

Без кредити тешко

Тоа што каматите растат, не ги спречува граѓаните да позајмуваат, оти, како што велат, со кредите е тешко, но без нив уште потешко.

„Немав друг избор, морав да земам кредит. Ме загрижуваат високите каматни стапки, но нека биде што ќе биде“, вели младиот скопјанец, Јован Ангелов.

Пензионерката Пепи Филчева за Радио Слободна Европа вели дека таа нема кредит, но тие им се многу потребни на младите.

„Па сега за младите тешко е, им требаат кредити за станови за уредување, па оние што се со ниски примања со мали дечиња сигурно си земаат и кредити. За летување исто така, инаку конкретно јас немам кредити“, вели таа.

„Особено е тешко, кога ќе поминат првите години, кога каматната стапка е фиксна. Тоа што го репрограмирав кредитот за стан ми заштеди 10 илјади евра“, вели Александар од Скопје.

Видете и ова: Ако каматите многу пораснат, граѓаните тешко ќе ги плаќаат кредитите

Граѓаните на банките им должат 3,7 милијарди евра. Најмногу се задолжиле за потрошувачки кредити, а потоа следат станбените.

Народна банка пред една недела соопшти дека просечната каматна стапка на вкупните кредити во август изнесувала 5,49 проценти. За една година каматната стапка е зголемена за 1,15 процентни поени.

Лани во август каматата на вкупните кредити изнесувала 4,34 проценти, по една година, пак, изнесуваат 5,49 отсто. Каматите за стопанството пораснале повеќе од оние за граѓаните.

Ако штедите во банка ќе добиете “трошки“

Доколку пак штедат, граѓаните и компаниите имаат далеку пониска камата. Па така каматата за штедните влогови на граѓаните е 1,50 процент , а за компаниите 2,08. За новите штедачи работата малку се променила, сега каматата за домаќинствата е повисока и изнесува 2,32, а за компаниите е 1.81.

Податоците покажуваа дека во првиот квартал од годината имало стагнација во кредитирањето, но во вториот работите се „подобриле“, па има раст.

Видете и ова: Провизиите на банките на едно место - Дали конкуренцијата ќе ги турне?

Пред три недели, Европската централна банка ја зголеми основната каматна стапка, која сега изнесува рекордни четири отсто. Претседателката на Банката, Кристин Лагард, рече дека не може да прогнозира кои ќе бидат следните чекори, оти Еврозоната минува низ многу бавен раст. ЕЦБ вели дека растот на каматите ќе помогне во справувањето со инфлацијата. Неколку денови подоцна управниот член на ЕЦБ, Франсоа Вилерој де Гало, рече дека „инфлацијата е болест, а каматните стапки се лек кој почнува а делува“. Тој во интервју за француската телевизија БФМ, а пренесува Ројтерс, вели дека 4 отсто е добро ниво и дека треба да се задржи оваа референтна стапка доволно долго.