Народна банка ја објави алатката што се чекаше со месеци и преку која граѓаните ќе може да видат која банка колку наплаќа за услугите што ги нуди. Граѓаните на тој начин ќе може да направат споредба и да одлучат каде им е најисплатливо да платат сметки за комуналии, да отворат денарска или девизна сметка, да користат електронско банкарство, или пак за кредити, картички, трајни налози...
„Не проверувам веќе на банкомат, колку пари имам на сметка, оти и за тоа се наплаќа, два-три пати е бесплатно, после и за тоа земаат пари. Се префрлив на електронско банкарство и таму имаа провизии, ама е поевтино отколку на банкомат. И сметките за комуналии си ги плаќам онлајн, поради пониските провизии“, вели педесетгодишната Весна. Таа ги убедила и нејзините родители – пензионери, сметките да им ги плаќа онлајн за да не плаќаат повисоки провизии.
Весна вели дека пред да оди во банка, сега ќе ѕирне и во новата алатка на Народна банка, за да знае, како што вели, на која врата на чукне, без тоа да ја чини многу.
Но, не сите граѓани имаат можност да избираат на која банка ќе ги користат услугите. Во помалите градови во земјата, неретко се случува да има експозитури на една или две банки, а повозрасните граѓани не користат интернет банкарство.
Алатката на Народна банка произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи, кој стапи на сила од почеток на годинава.
Податоците на Народната банка, покажуваат дека лани банките во Северна Македонија имале нето-заработка од над 100 милиони евра, само од провизии и надоместоци.
Алатката на Народна банка нуди податоци за 12-те банки во земјава кои нудат услуги за граѓаните, тринаесеттата банка, пак е Македонска развојна банка, која е државна и не нуди услуги за граѓани.
Од банките, 5 се водат како големи, 3 средни и 5 мали. Околу 80 отсто од приходите од провизии и надоместоци завршиле кај петте најголеми банки, а останатите 20 отсто ги делат останатите. Петте најголеми банки прават 90 отсто од профитот на сите банки.
Скромни и не толку скромни провизии
Преку алатката на Народна банка може да видите дека за услугата „одржување на платежна сметка“, најмалку наплаќа Капитал банка – 30 денари. Тука некаде е и Шпаркасе банка со 32 денари провизија за оваа услуга, и 20 денари за пензионери. Најмногу пари, пак, зема Универзална инвестициона банка, дури 99 денари.
Од поголемите банки, во Комерцијална, услугата одржување на платежна сметка ќе ве чини од 25 до 35 денари, во НЛБ банка за промет до 500 денари не се наплаќа, а за секоја сума над таа се плаќа 40 денари. Стопанска банка Скопје за истата услуга наплаќа за редовни клиенти наплаќа од 30 до 40 денари, а за пензионерите од 20 до 30 денари.
Ако на шалтер плаќате сметки, провизиите може да ве чинат од 20 до 90 денари, во зависност од банката. Доколку сметките ги плаќате преку електронско банкарство, само две од банките тоа го прават без надоместок, останатите земаат по 5, 7, 10 денари од сметка.
Ако онлајн користите услуги поврзани со платежни сметки преку мобилна апликација, дел од банките не ви наплаќаат пари, но има и такви кои и за тоа наплаќаат и до 120 денари ако добивате и СМС известувања.
Ако повлекувате пари од банкомат на банка во која имате сметка за дебитна картична не ви наплаќаат, но ако вадите пари од кредитна картичка може да ви земат и до 300 денари. Доколку пак повлекувате пари од банкомат, но на друга банка, тогаш таа услуга може да ве чини од 100 до 300 денари ако вадите пари од дебитна и 180 до 350 денари ако вадите пари од кредитна картичка.
Ако одите во минус, во најголем дел од банките ќе треба да им платите плус 14 отсто за камата, но има и такви кои за оваа услуга имаат камати за неколку проценти пониски.
Банките наплаќаат и доколку добивате пари од странство на сметка. И тука зависи од банките и од сумата што сте ја добиле.
Пред неколку месеци Радио Слободна Европа на својот профил на Фејсбук иницираше дебата по прашањето „Што мислат граѓаните за наплатата на провизија од страна на банките при онлајн плаќање сметки за струја, вода, парно...“. Едни беа за укинување, или провизите да бидат симболични, додека други ја оправдуваат наплатата. Најголемиот дел се согласуваат дека „секаде во светот со дигитализацијата провизиите паѓаат, а само кај нас растат“.
Банките во 2022 година оствариле рекорден профит по оданочување од над 157 милиони евра, што е за 8,5 милиони евра повеќе од претходната година. Од камати заработиле 287 милиони евра, 32 милиони евра повеќе од 2021, а од провизии и надоместоци над 101 милиони евра, што е за 10 милиони евра повеќе од претходната година. Тие остваруваат приходи и од курсни разлики и по останати основи.
Од друга страна имаат расходи за административно работење, плати, амортизација, осигурувања, оштетувања, даноци и други трошоци. На крај остануваат со 157 милиони евра чист ќар.
Само трите најголеми банки – Стопанска, Комерцијална и НЛБ Тутунска оствариле добивка од 117 милиони евра.
Податоците на Народната банка покажуваат дека во изминатите 5 години, банките го зголемиле профитот за 16 отсто, но приходите од провизии и надоместоци се зголемени за скоро 35 проценти.