Наспроти острите критики на Европската комисија за брзото усвојување на измените на Кривичниот законик, вклучително обвинувањата за злоупотреба на европското знаме и загриженоста дека измените ќе влијаат врз случаи за корупција на високо ниво, ставот на македонскиот премиер Димитар Ковачевски е дека ревидираниот закон беспрекорно е усогласен со регулативите на земјите членки на Европската унија (ЕУ).
Европската комисија вчера соопшти дека измените на Кривичниот законик биле донесени без комуникација со нив, ниту пак со домашните чинители. Но денеска премиерот ги бранеше постапките на неговата Влада и тврди дека секојдневно одржуваат комуникација со ЕУ, додека земјата го води скрининг процесот.
„Измените се направени во согласност со законодавства коишто важат во Европската унија. Ако го погледнете германското законодавство, тогаш членот којшто кај нас се коментираше дека сега дел од него нема, е баш таков и во германското законодавство. Ако ги видите висините на казните и на пример ги споредите со Словенија, тогаш ќе видите дека се на исто ниво. Тоа што ние претходно имавме закон во којшто казните беа од некое комунистичко време, бидејќи беа направени од еден, јас би нарекол Дарт Вејдер на македонското судство тоа не значи дека не треба да се промени“, изјави Ковачевски на 13 септември.
Собранието на 6 септември ги донесе измените на Кривичниот законик по брза постапка со европско знаменце, кои ги предложи Владата на Ковачевски. Со измените за неколку години се намалија затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност и овластувања на функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи.
ЕК - Забелешките ќе влезат во извештаите за напредокот
Реакцијата на Европската комисија дојде по неколку дена, на 12 септември, кога изрази загриженост и наведе дека се донесени забрзано и со злоупотреба на европското знаменце, но и дека директно ќе влијаат врз повеќе случаи за корупција на високо ниво и нивно застарување.
Овие забелешки на Европската унија секако треба многу да нѐ загрижат, бидејќи е нотирано дека земјата направила нешто нешто спротивно на духот на европските интеграции, но и поради тоа што експлицитно е кажано дека злоупотребено европското знаменце, вели Димитар Николовски - извршен директор на Центарот за европски стратегии „Евротинк“.
Тој објаснува дека овие забелешки ќе влезат во извештајот за напредокот на Северна Македонија во ЕУ за следната година, бидејќи за оваа година е веќе завршен, каде ќе биде нотирано ова негативно искуство.
„Тоа ќе значи една лоша оценка во овој дел. Некои од целокупните измени се дел од европското законодавство, меѓутоа не се оние спорни делови за кои се крена јавноста. Тоа на некој начин е злоупотреба и мешање на тоа што навистина требало да биде донесено и она што е веќе донесено од некои други интереси, а сѐ уште не знаеме кои се тие интереси“, вели Николовски за Радио Слободна Европа.
На собраниската седница претставникот на Владата, кажа дека измените на Кривичниот законик од вкупно 38 члена во измените и дополнувања, 35 се во согласност со директивите на ЕУ, но членот 353 кој се однесува на злоупотреба на службената положба, не е меѓу тие членови.
Видете и ова: Законски измени под превез на ЕУ за спас од затворВо реакцијата на Европската комисија е наведено дека ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените на Кривичниот законик се усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија, а кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста ќе влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво.
„Жалиме поради недостатокот на сеопфатни консултации со домашните чинители и со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ“, се вели во ставот на Европската комисија.
ВМРО-ДПМНЕ - Со Која ЕУ се консултирал Ковачевски?
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, веќе се изјасни дека е против овие измени, наведувајќи дека со нив власта сака да спаси свои функционери од кривично гонење. Опозицијата денеска праша „со која ЕУ се консултирал Ковачевски“ за измените на Кривичниот законик.
„Наместо владеење на правото, со Ковачевски имаме владеење на криминалот, неказнивоста на владините функционери е императив на неговата работа, а реформи не само што нема на повидок, туку Македонија назадува“, наведе ВМРО-ДПМНЕ на 13 септември.
Но, и покрај критиките на опозицијата, која обезбеди кворум на собраниската седница на која се изгласаа овие законски измени, постои опасност од застарување на дела во голем број судски случаи започнати во времето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), вклучително против функционери од ВМРО-ДПМНЕ, како што наведоа и граѓанските организации.
Во оваа насока вицепремиерот Артан Груби на 6 септември изјави дека Измените во Кривичниот законик „се ексклузивно барање на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште од 2018 година.
Видете и ова: Груби-Мицкоски на лидерските средби бараше измени во Кривичниот законикОд Коалицијата за правично судење велат дека станува збор за опасност од застарување на предметите, меѓу другите, во кои се инволвирани поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистерката за култура, Елизабета Канческа – Милеска, градоналачникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски и многу други.
На барањето за коментар на овие реакции и на забелешките на Европската комисија, премиерот Ковачевски денеска праша: „кои судски случаи ќе застарат?“, посочувајќи дека во земјава постоеле судски случаи кои во судовите се водат цела деценија и не биле разрешени.
„Еве јас ќе ви кажам еден случај. Бивша директорка којашто била дел од обвиненија во една компанија, кога почнал случајот таа имала 55 години и тогаш ѝ бил одземен пасошот. Сега таа има 65 години, пензионирана е, фирмата не постои и судскиот случај не е решен, а таа се уште е без пасош. Значи како се води случајот, таа веројатно ќе го заврши својот живот без пасош, без судска разрешница и нема никогаш да може да излезе од државата. Ете такви судски случаи имаме. Така да кажете ми што е тоа што ќе застари“, вели Ковачевски кој деновиве исто така изјави дека измените на Кривичниот законик не се амнестија.
Опасност од застарување на бројни судски случаи
Анализата на Коалицијата сите за правично судење покажува дека измените на Кривичниот законик неспорно ќе има опасност од настапување на апсолутна застареност на предметите:
„Титаник“ за изборни нерегуларности; „Таргет/Тврдина“ - предметот за прислушувањето и уништувањето на опремата за таа намена; „ТНТ“ за уривањето на објектот „Космос“; „Титаник 2“ – за изборни нерегуларности во Струмица во 2013 година.
Потоа, „Трезор“- набавка на опрема за МВР; Талир“, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ, „Талир 2“ за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ; „Шпански скали“, предмет за продавање на државно земјиште во центарот на Скопје и „Траекторија“ за криминал со изградбата на кинеските автопати.
Исто така, „Топлик“ за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште; „Тарифа“ – незаконска набавка на софтвер за АД ЕЛЕМ; „Тендери“- градежни работи за Музејот на ВМРО и еден предмет за Стевчо Јакимовски.
Видете и ова: Владејачкото мнозинство ги изгласа измените на Кривичниот законикКакви се измените на Кривичниот законик?
Повеќе делови од предложените измените на Кривичниот законик главно се однесуваат на измени на членови кои ги засегаат функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи, иако во истиот се предлагаат и измени на членови кои се однесуваат на загрозување на животната средина.
Се предлага измена на делови од Членот 353 кои ќе значат затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета.
Во стариот закон овој член предвидуваше казна од најмалку три години затвор, но исто така во него немаше горна граница, со што сега со отвора можност делото побрзо да застари.
Со новиот закон исто така се предлага бришење на Ставот 5 од Членот 353 од стариот закон, во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.
Во новиот закон се предвидува нов став кој гласи „прибавената имотна корист се одзема“.
Членот 353-в од Кривичниот законик ја покрива темата за несовесно работење во службата. Со новиот закон се предлага менување на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета.
Досега казната за ова дело беше најмалку три години затвор, а со новите измени се предвидува намалување за ова дело од шест месеци до пет години затвор.
Пониски казни ќе има и за делото злосторничко здружување. Досега беше за ова дело казната од една до десет години затвор, а со новите измени се предлагаат од една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела.
Дополнително, припадниците на ваквите злосторнички здруженија наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години би добивале најмногу до две години затвор.