Со 76 гласа „За“, шест против и без воздржани, новиот парламентарен состав го избра Африм Гаши од Алтернатива за нов претседател на Собранието. Тоа беше всушност и последната точка на денешниот дневен ред на конститутивната седница, на која им беа верификувани мандатите на новите народни избраници.
Гаши ја положи свечената заклетва пред пратениците и порача дека без разлика на тоа што доаѓа од партија која е дел од новото парламентарно мнозинство, тој како собраниски спикер ќе се залага сите да имаат исти права во Собранието.
„Иако сум тука со политичка, верска и етничка припадност, а и заедно со Вреди, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, ќе бидам дел од владиното мнозинство, јас како претседател на Собранието ќе дадам се од себе ниту еден пратеник да се чувствува незастапен или не дај боже дискриминирам. Како претседател на Собранието ќе се погрижам нашето општество уште повеќе да напредува во делот на почитување на слободата на изразување“, изјави Гаши.
Видете и ова: Почна конститутивната седница на новиот парламентарен составВо текот на дебатата која и претходеше пратениците од Левица го критикуваа предлогот Гаши да биде избран за собраниски спикер, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека пратениците од Левица се однесувале како во „реално шоу“.
Верификувани мандатите на новите народни претставници
Пред изборот на Гаши, што беше четврта точка од дневниот ред, денешната конститутивна седница на Парламентот започна со утврдување на дневниот ред и избор на Верификационата комисија.
По ова беше дадена пауза, а по паузата и заседавањето на верификационата комисија, пратениците го усвоија нејзиниот извештај и ги верификуваа мандатите на сите избрани пратеници.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по верификацијата на мандатите, од говорницата истакна дека тој, до изборот на нова влада ќе ја извршува премиерската функција, а нема да учествува во работата на Парламентот.
Видете и ова: Мицкоски: Успешно консолидиравме 61 пратеникПратениците, потоа ја избраа и Комисијата за избор и наименувања, а потоа следуваше дебатата и гласањето по кое Собранието го доби и новиот претседател - Африм Гаши.
Со денешната седница претседаваше најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику.
Конститутивната седница завршена два дена пред рокот
На дневниот ред на седницата имаше вкупно четири точки - избор на Верификациска комисија, Верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието.
Според Деловникот за работа, конститутивната седница според Деловникот трае најмногу три дена, а Собранието се конституира со избор на претседател на Собранието.
Бидејќи пратениците денеска го избраа Гаши за претседател, тоа значи дека новиот собраниски состав е конституиран два дена пред рокот.
Собранието ќе брои 120 пратеници, но на седницата присуствува само 117, бидејќи нивните мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и им се издадени уверенија. За два мандата за кои се прегласуваше минатата среда сè уште течат жалбените постапки.
Видете и ова: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најголеми трошаџии за реклами во изборната кампањаНа друга седница пак, ќе бидат избрани потпретседатели на Собранието, а бројот на потпретседателите го утврдува Собранието по предлог од претседателот на Собранието.
Потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието. Еден од потпретседателите се избира од редот на пратениците кои припаѓаат на најголемата опозициска партија. Најмалку еден од потпретседателите се избира од помалку застапениот пол.