Како мала заливска држава, Катар има односи со страните во конфликтот во Газа, што го направи клучен посредник во напорните преговори меѓу Израел и Хамас. Удел секако имаа и Сoединетите Држави, како и Египет, но се покажа дека Катар е клучниот посредник, пишуваат светските медиуми.
Дури и пред последниот конфликт меѓу Израел и Хамас, малата и богата Заливска држава изгради репутација на дипломатски посредник, особено во преговорите за заложници, што беше намерен гамбит на Катар кој негува прагматични односи со клучните играчи во регионот на Блискиот Исток.
Катар е главен сојузник на Соединетите Држави, на нејзина територија има американска воена база од клучно значење за акциите во Сирија и Ирак, но Катар одржува врски и со исламистичките групи вклучувајќи го Хамас, чиј политички огранок има канцеларија во Доха.
Одлуката на Катар да ризикува
Дипломатската улога на Катар во војната во Газа, вклучително и помагањето за привремен прекин на огнот и договор за ослободување на заложниците, кој стапи на сила во петокот, 24 ноември, ја зацврстува ултра богатата муслиманска држава како претпочитан соговорник на Вашингтон со екстремистичките групи и државите на мирот во Блискиот Исток, се повеќе и во светот, пишува Волстрит журнал.
Катар почна да ја обликува оваа исклучително комплицирана улога пред 30 години, кога малата монархија се обиде да се зајакне покрај своите поголеми соседи во решавањето на регионалните спорови, притоа добивајќи ја довербата на Соединетите Држави и другите западни влади. Покрај тоа што две децении беше домаќин на американска воена база, Катар купи оружје во вредност од милијарди долари од САД и европските земји.
Пристапот на Катар носи големи ризици, бидејќи неговата подготвеност да разговара со екстремистичките групи ја отвора вратата за обвинувања од соседите и другите дека поддржува тероризам, што тој ги негира.
Видете и ова: Во очекување на четиридневниот прекин на огнот, Израел продолжува со воените операции во Појасот ГазаИзминатите седум недели макотрпно посредување, започнато од Катар неколку часа по прекуграничниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, повторно ги открија тие тензии, пишува Волстит Џурнал. Некои американски пратеници и поранешни високи функционери го критикуваа Катар како клучен поддржувач на Хамас, дури и кога администрацијата на претседателот Џо Бајден притискаше да помогне во ослободувањето на стотици киднапирани цивили и војници, вклучително и неколку американски државјани.
Катар отвори канали за комуникација со Хамас пред повеќе од една деценија, според катарските власти, на барање на САД. Тој подоцна и дозволи на екстремистичката група да отвори канцеларија во Доха и обезбеди стотици милиони долари помош за Газа. Многу Израелци се сомневаат во односите на Катар со милитантите на Хамас и стравуваат дека тоа би можело да ги спречи напорите за уништување на екстремистичката група.
Катарските власти велат дека со текот на годините се навикнале да ги доведуваат во прашање нивните мотиви и лојалност, но и погласно да ја бранат својата позиција.
„Политичкото раководство на Катар е подготвено да го преземе ризикот да одржува контакти со партиите што ги избегнува Западот. Само со преземање големи ризици може да се постигне голема добивка,“ изјави во неодамнешното интервју Мајед Ал Ансари, портпарол на Министерството за надворешни работи и висок советник на премиерот на земјата.
Дипломатски пристап на „мека моќ“
Со текот на годините, малата земја богата со енергија користеше добро распространета мрежа на дипломатски односи, вклучувајќи ги и оние со милитантите на Хамас и Талибанците, но и со американските ривали како Русија, за да преговара за чувствителни прашања за време на меѓународните конфликти, пишува Вашингтон пост.
Последното ослободување на заложниците што ги држеше радикалната група Хамас, меѓу кои имаше и Американки, беше трет пат во изминатите два месеци кога катарското посредување е клучно во преговорите меѓу ривалските страни. Имено, во септември Катар посредуваше за ослободување на пет Американци од Иран, а на почетокот на ноември имаше централна улога во напорите за ослободување на украинските деца кои ги држеше Русија.
Дипломатските напади се дел од пакетот иницијативи за „мека моќ“ што Катар ги искористи за да ја зајакне својата глобална позиција и да се разликува од регионалните ривали. Посредувањето, особено кога е во корист на Соединетите Држави, се користи и како заштита од некои од критиките што Катар ги доби за поддршка на групи кои западните земји ги сметаат за терористички ентитети.
Катар, кој со години одржува односи со авганистанското тврдокорно талибанско движење, одигра клучна улога во 2021 година помагајќи им на САД да ги евакуираат своите граѓани и сојузници за време на хаотичното повлекување на САД од Авганистан.
„Ако Катар ги прекине врските со Талибанците, ќе има вакуум“, изјави Мохамед бин Абдулрахман бин Џасим Ал Тани, министер за надворешни работи на Катар, додавајќи дека „прашањето е кој ќе го пополни тој вакуум?“.
Предностите на Катар како посредник
Западот поинтензивно го користи влијанието на заливската држава со која управува емирот Тамим бин Хамад Ал Тани во заложничките кризи. Иако во последниве години Египет традиционално беше посредник меѓу Израел и палестинските групи, а Турција под претседателот Реџеп Таип Ердоган не ја криеше желбата да се вклучи, сепак фокусот беше на Катар, кој помогна да се вратат заложниците, пренесува Франс 24.
Зад сцената, тој разви комуникација со Израел и Хамас, а катарските амбасадори се сретнаа со семејствата на заложниците ширум светот.
Според Израел, 240 луѓе, Израелци, странци и двојни државјани, биле киднапирани од Хамас, (која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација) на 7 октомври кога го изврши најсмртоносниот напад врз Израел во неговата 75-годишна историја.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тоа потсетува на позицијата на Катар, кој е домаќин на канцеларијата на политичкиот огранок на Хамас повеќе од 10 години, но е дом и на најголемата американска воена база во регионот.
Сепак, како што рече Хасни Абиди, директор на Центарот за проучување на арапскиот свет и Медитеранот лоциран во Женева, „Катар има предност што ја немаат другите кандидати за преговори, тој беше домаќин на политичкото раководство на Хамас“ за изминатите десет години. Оваа канцеларија е единствениот ентитет овластен да преговара во име на Хамас и бригадите Езедин ал-Касам, вооруженото крило на палестинското исламистичко движење“, рече Абиди, како што пренесува Франс 24.
Катарските пари му помогнаа на Хамас да ги плати платите на своите државни службеници, додека таткото и претходникот на сегашниот емир Хамад Бин Калифа Ал Тани дури ја посети Газа во 2012 година.
Но, позицијата не е без потенцијални стапици за заливската држава. Две недели по конфликтот во Газа, САД го предупредија својот сојузник дека повеќе не може да разговара со Хамас „како ништо да не се случило“.
Додека претходно, соседите на Катар, предводени од Саудиска Арабија, воведоа тригодишна дипломатска и економска блокада на малиот емират во 2017 година, барајќи од него да ги прекине врските со Хамас и родителското движење на палестинските милитанти, Муслиманското братство, како и да ги прекине врските со Иран.
Доверлив партнер во заложнички кризи
Кога администрацијата на претседателот Барак Обама во 2014 година почна да ги разгледува своите насоки за управување со заложнички кризи, политиката за концесии или откупи остана непроменета, но прегледот завршен следната година појасни дека преговорите не се забранети, а Катар подоцна стана главен играч во таквите дискусии. Оттогаш, оние кои се вклучени во напорите за заложничката криза, и внатре и надвор од (американската) влада, почнаа да ја опишуваат улогата на заливската земја како незаменлива, пишува Њујоркер.
Видете и ова: Примирјето во Газа е продолжено за два дена, објавија Катар и ХамасКристофер О'Лири, кој служеше како директор за враќање на заложниците за американската влада од март 2021 до септември 2023 година, рече:
„Катарците се исклучителни посредници, многу мотивирани и многу подготвени да помогнат во решавањето на конфликтот“.
О'Лири, кој сега работи во Soufan Group, безбедносна консултантска фирма вклучена во многу напори за враќање на заложниците, помина голем дел од својата кариера како агент на ФБИ фокусирајќи се на антитероризмот, се присетува на периодот по 11 септември и на војната во Ирак кога владините претставници беа загрижени за потенцијалната катарска поддршка за Ал Каеда во Ирак што произлегува од влијателни личности во Катар.
Истрагите на Соединетите Држави беа неубедливи, според Њујоркер, истакнувајќи дека Катар никогаш не бил санкциониран во тие процеси.
Катар стана толку важен за управување со заложнички кризи, рече О'Лири, што претходно оваа година беше вклучен во симулација на глобална заложничка криза предводена од САД, заедно со претставници на клучните европски сојузници на САД и разузнавачката алијанса „Пет очи“.