Ќе претседава ли Северна Македонија уште една година со ОБСЕ?

ОБСЕ

Три сценарија се во игра за иднината на ОБСЕ во 2024. Едното од нив е Северна Македонија втора година по ред да биде претседавач бидејќи Русија стави вето на единствениот кандидат - Естонија. Меѓутоа, за тоа калкулации треба да направи Владата, но треба и консензус со останатите 56 членки.

4 декември 2020 година. Датум што официјално Скопје си го запиша како дипломатски успех бидејќи за првпат ја доби кандидатурата во 2023 година да претседава со Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ). Три четвртини од мандатот поминаа, а на помалку од три месеци од истекот организацијата се наоѓа во незавидна позиција – Северна Македонија нема кому да го предаде претседателството за следната година.

Дополнително земјава се подготвува да биде домаќин и на годишниот министерски состанок што треба да се одржи за месец и пол во Скопје и е соочена со предизвикот на едно место да ги собере шефовите на дипломатиите од земјите членки – од американскиот државен секретар Ентони Блинкен до рускиот министер Сергеј Лавров.

Видете и ова: Османи во Виена ќе ги претстави приоритетите на Северна Македонија за претседавањето со ОБСЕ

Единствената земја која уште пред две години поднесе кандидатура да го презеде претседателство од Северна Македонија за 2024 година е Естонија. Но, во ОБСЕ одлуките се носат со консензус од сите 57 земји-членки, кој во случајот го нема. Русија досега три пати стави вето на западниот сосед и некогаш дел од Советскиот сојуз, да ја преземе улогата претседавач. Руската Федерација за сојузник во блокадата ја има и Белорусија.

Досега ОБСЕ никогаш не била во ваква ситуација, а неколку министри за надворешни работи изминатиот период предупредија дека ова би можело да значи и колапс за организацијата.

Три сценарија – и Северна Македонија би можела да продолжи со претседавањето

За да се излезе од кризата во игра се три сценарија, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, актуелен претседавач со ОБСЕ. За било кое од нив потребен е консензус од сите 57 членки.

Првото е да се предомисли Русија, а со тоа и Белорусија, па Естонија како единствен кандидат да го преземе претседавањето од Северна Македонија во новата година. Но, за ова останува малку време ако се има предвид дека руската страна и пред неполн месец ја потврдила блокадата пред Османи.

„Јас на 26 септември свикав вонреден состанок на ОБСЕ на кој присуствуваа над 40-тина министри за да ги покренам овие прашања. И таму уште еднаш Руската Федерација кажа јасно и гласно дека нема да ја поддржи Естонија“, одговори Османи на прашање на Радио Слободна Европа.

Втора опција, пак, е да се најде трета земја – прифатлива и за Западот и за Русија. Македонскиот шеф на дипломатијата вели дека затоа формирале т.н. група пријатели на претседавачот кој заедно со него прават консултација за да се најде алтернатива.

„Сте забележале дека последниот период патувам кон тој дел, кон централна Азија, меѓутоа и во останатите држави бидејќи барам алтернативно решение – алтернативен претседавач за ОБСЕ за 2024 година. Патувам, нудам, ги прашувам дали се заинтересирани. Дали би добиле консензус бидејќи ако една држава добива поддршка од Руската Федерација, не добива поддршка од останатите, а ми требаат 57 за консензус“, вели Османи.

Видете и ова: Македонија од 1 јануари влегува во тројката на претседавачи со ОБСЕ

Кои земји биле и сè уште се во игра, министерот не спомена. Виенскиот дневен весник „Ди прес“ (Die Presse), пак, пишуваше дека Австрија е расположена да излезе во пресрет и да претседава со ОБСЕ в година. Во јавноста се споменуваа и неколку други земји.

Во случај да се изјалови сценариото за алтернативен претседавач, третото можно сценарио предвидува Северна Македонија втора година да продолжи со претседавањето, но и за тоа ќе треба сите преостанати 56 членки да дадат зелено светло.

За земјава да ја презеде оваа обврска, ќе треба да се согласи и Владата. Оттаму, не добивме официјален одговор дали ќе прифати, но познато е оти ова прашање досега официјално не се нашло на владина седница.

Милошоски: Ако не се најде нов претседавач тоа би било двоен пораз

Поранешниот министер за надворешни работи од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски смета дека опстојувањето на ОБСЕ има голема смисла бидејќи претставува дипломатско-политичка точка во која се сретнуваат две држави важни за сигурноста и безбедноста на Европа – Русија и САД. Според него, во организација доволни земји кои би можеле да се регрутираат за иден претседавач, за да се излезе од ситуацијата.

„На пример, како Турција или некои други кои имаат задржана комуникација и со членките на ЕУ и Вашингтон, но ги нема прекинато каналите на комуникација и со Москва“, вели Милошоски за Радио Слободна Европа.

Кон сценариото Северна Македонија да остане претседавач и во 2024 година, тој гледа како кон “двоен пораз“ и нагласува дека со причина мисијата на претседавање е ограничена на една година. Ако не постои консензус за следен претседавач, вели тој, и актуелниот вршител на должност претседавач значи дека претседава со организација која ја губи својата суштина на соработка и меѓусебна комуникација

„Затоа, ако не се изнајде нов претседавач, тоа ќе биде двоен пораз. Прво за ОБСЕ што нема да имаат консензус и да се договорат околу заеднички претседавач и второ ќе биде финансиски товар за Македонија која ќе претседава со организација во која најглавните актери немаат комуникација, а тоа е претседавање без очекувани резултати“, посочува поранешниот шеф на дипломатијата.

Видете и ова: Војната во Украина - врвен приоритет за македонското претседавање со ОБСЕ

Додека се бара алтернативен претседавач, единствениот официјален кандидат, Естонија, досега неколку пати порача дека нема да се откаже и да се потчини.

Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна во досегашните јавни настапи посочуваше дека не му е јасна зошто Русија ја блокира неговата држава, како и оти Москва досега попречи и други меѓународни организации за да создаде вакуум на моќ за себе.

„Ситуацијата е тешка. Сепак, верувам дека ќе најдеме решение за барем организацијата да продолжи да функционира на начин што ќе се спречи да подлегнеме на тероризирачкото угнетување од страна на Русија“, рече Цахна во интервју за естонската државна телевизија ЕРР во мај годинава.

Пека Хависто, поранешен министер за надворешни работи на Финска која ќе биде претседавач во 2025, по блокадите од Русија, предупреди дека немањето претседавач може да значи и колапс.

„Ако нема претседавач во 2024 година и нема консензус за ова прашање, тогаш следната година ќе биде година на уништување на ОБСЕ како организација“, рече Хависто во интервју за финската телевизија Yle.

Предизвици на меѓународна сцена, афери на домашна

Цахна, како и наследничката на Хависто, Елина Вантонен, треба да бидат меѓу 70-тината високи гости што на 30 ноември и 1 декември треба да дојдат на министерскиот состанок во Скопје, што традиционално го организира земјата претседавач со ОБСЕ.

Неговото организирање од една страна ќе биде најголемиот политичко-безбедносен предизвик за земјава, а од друга и најскапиот настан што досега е организиран. Иако Министерството за надворешни работи од Владата бараше осум, доби пет милиони евра од државниот буџет за претседавањето со ОБСЕ. Најголем дел од овие пари ќе се потрошат за министерскиот состанок.

Само за овој настан, првичниот план беше да се изгради нов времен објект, но потоа плановите се сменија и надлежните се одлучија за адаптација на спортската сала „Борис Трајковски“. Изборот на фирмата што ја доби задачата за организацијата, пак, не помина незабележан ниту од јавноста ниту од Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Тендерот тежок 1,8 милиони евра го доби градежна фирма од Желино, „Еуровиа“, која е донатор на ДУИ. МНР и Османи ги отфрлија сомнежите за политичко влијание и местење на тендерот со оправдување дека оваа компанија дала најниска цена.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ивановска - Не верувам дека Османи не знаел кој е донатор на ДУИ

Случајот пред околу еден месец го разгледува и Антикорупциската комисија, а претседателката Билјана Ивановска во интервју за РСЕ рече ја добиле документацијата од Министерството за надворешни работи и се работи на предметот.

Негодувања во домашната јавноста поврзани со претседавањето со ОБСЕ се јавија уште на самиот старт на мандатот на земјава. Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагираше затоа што МНР планираше да потроши околу 100 000 евра за промотивни активности поврзани со претседавањето, за што беше склучен договор со приватна маркетинг компанија. Ова, реагираа тогаш од ЗНМ, е во спротивност со владина одлука за ставање мораториум на владините реклами во приватните медиуми.

МНР и тогаш се бранеше дека не е прекршен закон како и оти не станува збор за реклами и платени спотови, но сепак, поради реакциите во јавноста одлучи да ја прекине кампањата.

Претседавањето со ОБСЕ годинава е прво за Северна Македонија, која е членка на организацијата од 12 октомври 1995 година. Првата теренска мисија на ОБСЕ во Скопје беше воспоставена 1992 година со главна цел спречување на прелевањето конфликти од регионот.