Во Северна Македонија за време на предизборието има кинеска дезинформациска пропаганда која добива форма на кампања и продуцира евроскептицизам, а од друга страна им нуди алтернатива на граѓаните во членство на државата во БРИКС и Евроазиска унија.
Ова во изјава за РСЕ го тврди првиот човек на Агенцијата на разузнавање, Еролд Муслиу, не посочувајќи кои „актери“ - политички или медиумски ги става во оваа група.
Агенцијата за разузнавање иако во неколку наврати предупредува на кинеско влијание, никогаш не посочи конкретен политички субјект во Северна Македонија.
Сепак, на овие избори, партијата Левица и нивната кандидатка Билјана Ванковска отворено се залагаа за соработка со Кина, за напуштање на НАТО и ЕУ интеграциите и барање на други алтернативи.
Левица е партија со двајца пратеници во Парламентот и екстремно левичарска идеологија, но во исто време и националистичка.
Во програмата за парламентарните избори, Левица се залага за издигнување на билатералните односи со Народна Република Кина на ниво на стратешко партнерство (соработка во рамки на „Иницијатива 17+1“ и поддршка на иницијативата „Појас и Пат“), со фокус на инфраструктурно поврзување, како и за укинување на визниот режим со Кина.
Во изборните програми на другите политички партии независно дали се работи за претседателските или за парламентарните избори, Кина не се споменува.
На официјалната веб - страница на Левица, и политичката платформа за делување на партијата ја има и на кинески јазик.
Партијата Левица има и свој онлајн медиум. Станува збор за порталот Антропол, кој е регистриран на име Здружение на граѓани - медиумска асоцијација за информирање на граѓаните „Антропол – Скопје“. Основачката структура на невладината ја сочинуваат членови на партијата Левица. Содржински, на Антропол се споделуваат текстови и колумни на автори со наративи за промоција на политиките на НР Кина.
Во 2022 година, Левица испрати и писмо до кинеската Комунистичка партија честитајќи го реизборот на нивниот лидер Кси Џипинг. Една година претходно, членови на Президиумот на Левица и нејзиниот претседател Димитар Апасиев учествуваа виртуелно на светскиот самит на кинеската Комунистичка партија по повод 100 годишнината од основањето.
Иако директорот Еролд Муслиу не посочува кој промовира кинеска пропаганда во Северна Македонија, сепак, оваа политичка партија е единствената која ја нуди алтернативата на Западот.
Во однос на наводите од Агенцијата за разузнавање и дали се препознаваат во нив, од партијата Левица велат дека „ние сме суверена држава и ниту една друга држава нема право да се меша во внатрешните работи и политики на Република Македонија“.
„Што се однесува до нас, Левица не е анти-ЕУ, ниту пак промовира евроскептицизам. Нас ни треба промена на преговарачката рамка и на методологијата за влез во ЕУ, и во отсуство на слух од ЕУ ние имаме полно право за барање на алтернативи кои нема да не потчинуваат“, одговорија од Левица за РСЕ.
Не се забележува директно кинеско влијание на изборите
Според Ана Крстиновска од „Естима“, која е долги години ги анализира кинеските политики, оценува дека во предизборниот период во Северна Македонија не се забележува директно кинеско влијание, иако во Канада или други западноевропски држави се чувствува протежирање на кандидати кои имаат наклонетост кон Кина.
„Кај нас тоа е партијата Левица и нивната претседателска кандидатка, кои со нивните наративи за БРИКС, за мултиполарен свет, директно ги промовираат кинеските позиции и кинеската визија за нов светски поредок. Она што би требало да се провери е дали е тоа резултат на нивната идеолошка определба или наклонетост или поддршка и помош директна или индиректна од различни кинески чинители“, вели Крстиновска.
Од партијата Левица за РСЕ одговараат дека причината за негување на односите со НР Кина и други земји е од идеолошка природа.
„Левица се залага за индивидуален и симултан развој на стратешко партнерство со секоја од земјите постојани членки на Советот за безбедност на ООН, вклучувајќи ја Кина, но и: САД, Русија, Франција и Велика Британија - за да се обезбеди сигурност и стабилност за нашата држава и нашите граѓани. Во програмата се спомнува и развивање на соработката и со останатите земји кои развиваат социјалистичко уредување со сопствени специфики: Виетнам, Боливија, Куба и други. Причината поради која се залагаме за негување на односите со овие земји е идеолошка, додека избегнувањето на издигнување на билатералните односи со НР Кина на ниво на стратешко партнерство е неодговорно и кратковидо“, одговорија од Левица за РСЕ.
Сценарио кое се остварува
На 20 јуни 2023 година, Агенцијата за разузнавање предупреди дека Северна Македонија ќе биде мета на дезинформациска пропаганда за уставните измени и изборите во 2024 година.
Во пресрет на двојните избори, претседателски и парламентарни на 8 мај, директорот на Агенцијата, Еролд Муслиу во изјава за РСЕ вели дека таквото предизборно сценарио се остварува, напоменувајќи дека се нотирани пропагандни наративи во изминатиот период.
Агенцијата за разузнавање препознала хибридна стратегија и селективна употреба на наративи кои побудуваат емотивни реакции, користејќи сензитивни прашања во регионот кои особено добиваат на интензитет при изборните циклуси.
„Во Северна Македонија, во фокус е евроинтегративниот процес кој нужно е поврзан со уставните измени. Целиот процес околу преговорите со Бугарија е проследен со дезинформации токму поради интенција за манипулација на јавноста, создавање конфузија и меѓуетнички и интраетнички поделби. Една од целите на оваа кампања е поткопување на довербата во институциите на системот, особено во безбедносно-разузнавачките служби кои се изложени на интензивни напади преку социјалните мрежи и платформите Јутуб и Тик-Ток“, вели Муслиу за РСЕ.
Видете и ова: Успехот на „меката моќ“ на Кина во МакедонијаУставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата е услов за продолжување на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ и ова е во фокусот на изборната кампања.
Сепак, директорот Муслиу не одговара конкретно на прашањето дали Агенцијата располага со информации за кинеско влијание или можеби и финансирање на политички партии во Северна Македонија.
„Изборната година и овозможува на Кина мешање во избори преку промоција и сеопфатна поддршка на преферирани кандидати и партии со кои веќе има соработка. Иако во многу земји ваквите партии се маргинални, од интерес на Кина е и ширење наративи во рамки на изборни кампањи кои се против западното стратешко сојузништво, а се залагаат за мултиполарен свет и соработка со Кина“, вели Муслиу.
Позитивни наративи за Кина во медиумите
Досегашните анализи на невладината „Естима“ во делот на медиумското претставување покажуваат дека Кина во голема мера се потпира на пропаганда и пласирање на исклучиво позитивни перцепции во едно „розово и нереално“ светло.
„Во нашите медиуми, Кина се претставува како економска суперсила, како земја која е на пат да оствари технолошка доминација во светот. Но, се повеќе имаме и прикажување на кинескиот модел на управување или владеење, како модел кој е во основа на кинескиот технолошки успех, со што автоматски се промовира авторитарниот карактер наспроти демократијата, како режим кој е поповолен да поттикне економски раст, во споредба со демократското управување“, вели Крстиновска.
Видете и ова: Зголеменото кинеско влијание треба да го вклучи црвениот алармНо, од првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу оди дури и чекор понатаму. Муслиу наглсува дека Кина се обидува да го наметне своето влијание во медиумскиот простор преку создавање блиски односи со одредени новинари и медиуми и координирано пласирање на подготвени пропагандни пораки наменети за обликување на јавното мислење во корист на Кина.
Муслиу наведува дека некои медиуми, притоа не откривајќи кои, со цел да обезбедат финансиска одржливост и во трката за профит, несвесно влегуваат во матрицата на хибридно дејствување на држави кои се стратешки ривали на ЕУ и НАТО.
И Амбасадата на Кина во Северна Македонија е прилично активна и на социјалната мрежа Фејсбук. Но, неретко под објавите Фејсбук ги означува дека објавите доаѓаат од „кинеско државни контролирани медиуми“. Во објаснувањето пишува дека „Фејсбук го означува овој издавач бидејќи верува дека може делумно или целосно да биде под уредувачка контрола на државата“.
Слабо и спорно економско присуство на Кина
Претходно, се уште актуелниот шеф на државата, Стево Пендаровски во изјава за РСЕ истакна дека кинеското влијание во Северна Македонија „неспорно го има“ и дека доаѓа преку економските текови.
Пендаровски сепак прави дистинкција за начинот на кој Кина и Русија се присутни во Северна Македонија.
„Руското влијание никогаш не доаѓа преку економијата. Ние, практично, во Македонија немаме руски инвестиции. Никогаш и не сме имале. Меѓутоа, Кина има сосема поинаков пристап. Кина доаѓа преку инвестициите и преку евтините заеми кои ви ги дава. И на тој начин, ако вие сте во некои делови склони кон нечесно однесување, Кинезите можат на таков начин да влезат. До сега доаѓаат исклучиво со економски иницијативи кои на прв поглед воопшто не делуваат како обид за, не знам, разузнавачка пенатрација. Не можам да тврдам такво нешто. Меѓутоа, не сум видел до сега класична или традиционална шпионска школа или пристап од страна на Кинезите. Кај Русите, тоа е традиционален пристап“, вели Пендаровски.
Видете и ова: Пендаровски: Можно е да се зголеми руското влијание пред двојните избориВо споредба со другите земји од Западен Балкан, Северна Македонија има релативно малку кинески инвестиции. Мапирањето на кинеските инвестиции овој регион покажува дека развојната кампања на Кина во инфраструктурни проекти како Иницијативата „Појас и пат“ има висока цена за човековите права, транспарентноста и животната средина со особено силни последици за климата, пишува во неодамнешниот извештај на невладината организација Just Finance International.
Истражувањето се однесува на мапирање на кинеските инвестиции и судските процеси поврзани со нив во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Албанија. Според извештајот во соседните земји се забележани над 100 случаи во десетци инвестиции, за кои како што се вели во извештајот, ја доведуваат во прашање законитоста и етиката на кинеските инвестиции на Западен Балкан.
Во Северна Македонија се евидентирани два кинески инфраструктурни проектa и тоа изградбата на автопатите Кичево - Охрид и Миладиновци- Штип. Како изведувач на градежните работи е наведена кинеската фирма „Синохидро“.
Невладината организација пишува за судската постапка во случајот „Траекторија“, кој се однесуваше на постапката за избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.
Овој предмет го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство во кое ги обвини поранешните власти за корупција односно наплатени провизии од кинеската фирма. Но, со измените на кривичниот законик, делото застаре и нема да бидат кривично гонети обвинетите за злоупотреба на службена должност и мито.
Борба против дезинформации
Во борбата против руските и кинеските наративи, Северна Македонија не е сама. На 12 мај 2023, Северна Македонија беше првата земја со која САД потпишаа Меморандум за разбирање и соработка во борба против дезинформациите кои доаѓаат од Русија, Кина или трети земји.
А само еден месец порано, во април, Кина и Соединетите Американски Држави се „судрија“ на македонско тло. Причина за тоа беа меѓусебните обвинувања за ширење на дезинформации и пропаганда во земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Северна Македонија.
Видете и ова: САД и Северна Македонија потпишаа меморандум за соработка против манипулација со дезинформацииСпецијалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман при Стејт департментот, Џејмс Рубин истакна дека „регионот на Западен Балкан е под силно влијание на манипулации и лаги од руски и кинески структури“.
Реагираше кинеската амбасада во Северна Македонија, оценувајќи дека САД се „најголем дистрибутер на дезинформации“ и повикаа американските политичари да престанат да ја оцрнуваат и клеветат Кина и воедно да ги нарушуваат пријателските односи со Северна Македонија.
Во тој временски период за прв пат на јавна сцена директорот на државната Агенција за разузнавање истакна дека во Северна Македонија покрај руско, има и кинеско влијание и посочи дека државата ќе биде мета на дезинформации и пропаганда за време на двојните претседателски и парламентарни избори.