Касаноф ја потврди американската поддршка за Северна Македонија

Средба на Премиерот Христијан Мицкоски со Александeр Касаноф, заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан, Скопје, 5.12.2024

Заменик-помошник државниот секретар на САД за Западен Балкан, Александeр Касаноф при првата посета на Скопје порача дека американската поддршка за борбата против корупцијата е нешто што САД многу сериозно го сфаќа и дека верува во искреноста на Владата која тврди дека тоа е основна заложба.

Како продуктивни и опсежни ги оцени разговорите кои новиот американски заменик-помошник државен секретар за Западен Балкан, европски и евроазиски прашања, Александeр Касаноф ги имаше на 5 декември со македонскиот премиер Христијан Мицкоски при неговата прва посета на Скопје.

Сржта на денешните разговори била поддршката на Соединетите Држави кон евроинтеграциите на Северна Македонија, како и реформите и придобивките од членството во Европската Унија, посочи Касаноф кој во јули годинава беше назначен за наследник на Габриел Ескобар.

Касеноф изјави дека САД како тридецениски партнери со земјава, ги препознава предизвиците со кои се соочи Северна Македонија при пристапувањето во НАТО, како и оние со кои сега се соочува во евроинтегративниот процес.

Видете и ова: Ескобар: Корупцијата е најголем проблем на Западен Балкан, вклучително и во Северна Македонија

Земјава пред да стане членка на НАТО го смени името во Северна Македонија со Преспанскиот договор. За да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на Уставот на Северна Македонија за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата.

Касеноф вели дека искрено верува во заложбите на новата македонска влада во одржувањето на евроинтегративниот пат како приоритет.

„Апсолутно, да, ја гледаме искреноста, и не само во она што Владата го кажува, туку и она што Владата го прави. Тоа е посветеноста на европските интеграции и реформите што се неопходни за неа, и тоа е нешто што САД го поддржува и ќе продолжиме да го поддржуваме“, изјави Касеноф.

Според него, клучни сегменти во кои се неопходни реформи севладеење на право и справувањето со корупцијата. Тој подвлече дека САД сериозно ја сфаќа борбата против корупцијата и дека прашањето за црната листа за санцкии не може да го коментира, но тоа е приоритет на кои што работи американската администрација.

„Премиерот Мицкоски добро ја сфаќа моќта на корупцијата, која ја поткопува довербата и за него борбата против корупцијата е од клучна важност, а и ние го цените тоа. Како сојузници во НАТО, нашето партнерство никогаш не било посилно. Му честитам на премиерот за исполнувањето на 2 проценти од БДП за одбраната, како и тековната поддршка за Украина“ изјави тој.

Видете и ова: Ескобар: Дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија да остане врз основа на факти

Премиерот Мицкоски истакна дека евроинтеграциите се врвен приоритет на државата и дека новата влада со која тој раководи ќе стори се за да се подобри животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните.

„Во меѓувреме, треба да завршиме многу домашни задачи, како што е борбата со криминалот и корупција, за нешто за кое јас 6 месеци зборувам, нешто за кое граѓаните нас на обвинуваат како влада, зошто сме немоќни да испорачаме одговорност, зошто некои луѓе не понесоа одговорност, а знаме сите што направиле. Во делот на економските реформи тука постигнуваме резултати, во делот на подобрување на стандардот на граѓаните, сето тоа е домашна задача“, изјави Мицкоски.

Касaноф истакна дека иднината на Северна Македонија е светла и САД ќе продолжат со поддршката за исполнување на основните цели како просперитетна демократија, целосно интегрирана во ЕУ.

Ова е прва посета на Касаноф во Скопје, кој на оваа позиција дојде во јули годинава на местото на Ескобар, чиј мандат на оваа функција истече во мај годинава.

Касаноф претходно беше извршен асистент на поранешната потсекретарка за политички прашања Викторија Нуланд и вршител на должноста потсекретар за политички прашања Џон Бас. Служел во Ирска, Туркменистан, Чиле и Украина.