За политичките ветувања за правда, европска иднина и подобар животен стандард, но и за „црната кампања“, кои граѓаните изминатиов месец и половина ги слушаа на телевизија и радио над 500 часа, од државната каса, на партиите ќе им бидат исплатени над 7 милиони евра за двојните избори, покажуваат пресметките од податоците објавени од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Од Државната изборна комисија за радио Слободна Европа велат дека нивните служби се уште ги обработуваат фактурите добиени од медиумите за рекламите, па финалниот извештај не е готов и поради тоа парите не им се исплатени.
Според изброните правила, рокот во кој медиумите ќе ги добијат парите од Државната изборна комисија е 30 дена по датумот на кој се објавени конечните резултати од претседателските и од парламентаните избори.
СДСМ за нијанса повеќе реклами од ВМРО - ДПМНЕ во етер
Како најголеми трошаџии во изборната кампања, според до сега објавените податоци, се покажаа двете најголеми македонски партии СДСМ и ВМРО ДПМНЕ и нивните претседателски кандидати.
За рекламите на претседателскиот кандидат од коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски се предвидени 1,4 милиони евра, додека за неговата противничка која го освои претседателското столче кандидирана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова се предвидени 1,2 милиони евра, покажуваат пресметките од ценовниците во споредба со емитуваните минути во етер.
Видете и ова: Претседателски кандидати - кој колку троши на социјалните мрежи?За нивните против кандидати од албанскиот политички блок, Бујар Османи и Арбен Таравари за ТВ и радио реклами од државниот буџет се очекува да се одвојат по речиси половина милион евра.
И за СДСМ се предвидени повеќе пари за платено политичко рекламирање од ВМРО-ДПМНЕ. Рекламите на СДСМ ќе чинат речиси 750 илјади евра, додека на ВМРО-ДПМНЕ, 700 илјади евра. Во албанскиот политички блок коалициите предводени од ДУИ и Влен имаат право да искористат реклами на државен грб во вредност од околу половина милион евра.
„На сите радиодифузери заедно, очекувано, најмногу време закупија учесниците во изборите кои го користеа времето за рекламирање на двете најголеми политички партии од позицијата и на двете најголеми политички партии од опозицијата кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови“, се вели во извештајот на АВМУ.
Вкупно 172 часа или пресметано во денови, тоа е една недела 24/7 се емитувале политички реклами на македонските медиуми за изборната кампања на коалицијата предводена од СДСМ „Европска иднина“ додека медиумскиот простор наменет за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ изнесува само 9 часа помалку, односно 161.
Од буџетот предвиден за политичко рекламирање „тежок“ 10 милиони евра, за телевизиските реклами се одвоени 6 милиони евра. Од нив најмногу пари ќе легнат на сметката на три телевизии во вредност од 2,5 милиони евра, од кои кај ТВ Сител речиси 900 илјади евра, кај Канал 5 - 827 илјади евра и кај Алсат 794 илјади евра.Националните и локалните радија, според досега објавените податоци на своја сметка ќе прокнижат над 500 илјади евра.
Дополнително во овој буџет на ДИК влегуваат и парите предвидени за изборни реклами на билборди и за он лајн медиумите.
Овие 10 милиони евра, кои од сметката на ДИК делумно ќе се префрлат во македонските медиуми за политичко рекламирање, се предвидени со последните измени на Изборниот законик во 2018 година, кога пратениците одлучија со закон да регулираат, партиските трошоци за предизборна пропаганда да ги плати државата.
Но, тоа не се ни единствени пари кои од државната каса се влеваат во партиите. Според Законот за финансирање на партии пари од државата каса на крајот на година ќе добијат сите партии кои освоиле барем 1% гласови од вкупно излезените гласачи. Но, според истиот закон, овие партии не добиваат исто пари бидејќи оние кои освоиле повеќе гласови на последни избори, пропорционално добиваат и поголем дел од колачот. Така пропишува членот 10 од овој закон.
За „бустање“ на Фејсбук потрошени најмалку 75 илјади евра
Но, во овие пари од Државната изборна комисија за изборна кампања не влегуваат видеата на кои политичари се ракуваат со граѓани и држат говори на митинзи објавени на социјалните мрежи и платени од партиските сметки. Социјалните мрежи се полни со кратки видеа со политички пораки, од кои дел се спонзорирани, најчесто платени од партиските сметки на коалицијата која стои зад пратеничкиот кандидат.
Според пресметките на Радио Слободна Европа, најмалку 75 илјади евра од партиските сметки се потрошени за спонзорирани постови на социјалната мрежа Фејсбук.
Најголем трошаџија на Фејсбук е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кој најверојатно ќе биде идниот премиер, Христијан Мицкоски со околу 23 илјади евра потрошени за спонзорирање на речиси 80 кратки видеа на Фејсбук, покажуваат податоците на Мета, сопственикот на социјалната платформа.
Видете и ова: Политичари како инфлуенсери во изборната себепромоција на социјалните мрежиПо него на листата е лидерот во оставка на СДСМ Димитар Ковачевски со уплатени 12 илјади евра од сметката на партијата на Фејсбук за спонзорирање над 50 кратки видео пораки до граѓаните.
Покуси не останале ни лидерите на ЗНАМ и Алтернатива Максим Димитриевски и Африм Гаши кои се во преговори за создавање на парламентарно мнозинство, а на Фејсбук потрошиле по околу 10 илјади евра.
По нив на листата со најмногу инвестирани пари во социјалната платформа Фејсбук се лидерите на Беса, Демократско движење и Алијанса за Албанците, Биљал Касами, Изет Меџити и Арбен Таравари со спонозирани постови во вредност од по околу 5 илјади евра.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, иако има своја фан страница на фејсбук од неговиот профил се спонозирани малку видеа во вредност од околу илјада евра.
Според политичките аналитичари, финансираното објавување на политички пораки на социјалните мрежи влегува во „сива зона “, затоа што во изборниот законик овој сегмент не е регулиран. Кандидатите за претседатели и лидерите на политички партии почнале да се промовираат на платформите и пред официјалниот почеток на кампањата, но и во време на изборен молк.
Колку пари се трошат за изборни реклами на социјалните платформи се јавно достапни само за Фејсбук и делумно за Инстаграм, додека за Тик Ток платформата нема јавно достапни податоци.