Сведоци сме на дрска злоупотреба на европското знаменце и не смее да нè користат како алатка за давање легитимитет и да служиме како декор за измена на законите. Со ваква порака на 9 октомври граѓанскиот сектор го објави повлекувањето од работната група за изработка на новиот Кривичен законик (КЗ).
Додека работната група го подготвуваше предлогот за нов закон, власта по скратена постапка под европско знаменце донесе измени на актуелниот КЗ меѓу кои и намалување на казните за делата злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување со што предвиде и побрзо застарување на кривичната одговорност. Од ваквите измени ќе се „офајдат“ обвинети поранешни функционери во високопрофилирани случаи, меѓу кои и повеќе што ги отвори Специјалното јавно обвинителство.
Видете и ова: Владејачкото мнозинство ги изгласа измените на Кривичниот законикВо прашање е период од околу два месеци кој Владата не можеше да го дочека за да добие финална верзија на новиот КЗ – измените на актуелниот закон беа изгласани на 6 септември, а новиот предлог што го подготви работната група се очекува во текот на октомври да добие финалната верзија.
„Работната група овие денови ќе го затвори затоа што беше објавен на ЕНЕР и имаше коментари. По затворањето на финалниот текст тој ќе биде предаден на Министерството за правда, оттаму и во Владата. Очекуваме дека во октомври ќе биде финализиран текстот“, вели Жарко Хаџи-Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) кој беше дел од работната група како претставник на неформалната мрежа од граѓански организации обединети во Блупринт групата која се повлече од изработката на новиот КЗ.
Дел од останатите членови на работната група, која беше формирана во декември 2020 година, а со кои разговараше РСЕ велат дека не знаат кога ќе се состанат повторно бидејќи динамиката ја води Министерството за правда и очекуваат информации оттаму. Последен пат имале состанок пред објавувањето на новиот предлог-закон на ЕНЕР.
Правда бара невладините да не избрзуваат
Од Министерството за Правда, пак, без да наведат конретен рок, велат дека наскоро ќе се направи финалната верзија и ќе се испрати во Брисел.
„Работната група за изготвување на новиот Кривичен законик изготви работна верзија на новиот Кривичен законик која во идниот краткорочен период ќе се финализира и ќе се достави на мислење до Европската Комисија, согласно договореното на Билатералниот скрининг за Поглавје 23. Во Министерството за правда се преземаат активности за преведување на новиот Кривичен законик заради доставување до Европската комисија“, велат од Министерството за правда за Радио Слободна Европа.
Оттаму, преку соопштение претходно порачаа дека и дека работната група е самостојна и никој не ѝ се меша.
„Во однос на ставот на Блупринт сметаме дека не треба да се избрзува со постапките за предвремено излегување од работната група од причина што како што беше напоменато од страна на министерот за правда, Кренар Лога, работната група што го изготвува новиот Кривичен законик не учествувала во тие измени што се донесоа од страна на Собранието. Придонесот од граѓанскиот сектор е многу важен поради знаењето кое го има, долгогодишното искуство и вештините со кои располагаат“, велат од Правда.
Хронично неказнување на функционери
Исто како и Лога и повеќето членови на работната група се оградија од измените што беа направени од власта непосредно пред финализирање на текстот за новиот закон. Од невладиниот сектор ги потенцираа измените како клучна причина за повлекувањето од работната група.
„Успешниот обид за измени и намалување на казните на трите клучни дела за борба против висок криминал и корупција озакони хронично неказнување на високи функционери и вршители на јавни функции. Новата политика наместо да ја врати довербата на граѓаните во законодавна и извршна власт, уште повеќе влијае кон нејзино поткопување, со недвосмислено праќање порака до обичниот граѓанин дека ’плаќа дупло‘“, вели Александра Цветановска од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) кое е дел од Блупринт групата.
Видете и ова: Законски измени под превез на ЕУ за спас од затворГраѓанскиот сектор претходно се повлече и од изработката на предлог-законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, а двете одлуки велат се тесно поврзани.
„Доколку постои намера преку намалените казни во Кривичниот законик да дојде до застареност на кривичното гонење, а преку Законот за конфискација во граѓанска постапка да се создаде привид дека ќе се одземе нелегално стекнатиот имот, тогаш се работи за пристап со кој суштински и концептуално не се согласуваме“, рече Цветановска.
Министерот за правда Кренар Лога на 21 септември, пак, се пофали дека учествувал на последниот состанок на работната група за новиот закон за конфискација, кој според неговиот кабинет, ќе оневозможи располагање со имот кој не може да се докаже дека е стекнат од законски извори.
Лесно кривично дело за актуелните функционери, милионски штети за поранешните
Додека невладиниот сектор и поголем дел од стручната јавност изразија револт, измените на Кривичниот законик стапија на сила и враќање назад нема. До носењето на новиот КЗ со кој е најавено враќање на казнивоста за злоупотреба при јавни набавки, во актуелните и идните истраги функционери може да бидат гонети за злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353), но тоа ќе им се смета за лесно кривично дело.
„Може да постапува обвинителството по член 353 како што е сега, меѓутоа казните што се пропишани се значително пониски за разлика од тоа што беа претходно односно сега највисоката казна е пет години затвор. Тоа значи дека согласно Законот за кривична постапка за овие дела, односно за злоупотребата сега се води скратена постапка, не се водат истрагите во обвинителство, суди судија поединец односно станува збор за еден вид на лесно кривично дело за разлика од претходно каде запретената казна беше до 20 години затвор“, вели Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“, дел од Блупринт групата.
Видете и ова: Од обвинети за криминал до обесштетување од државатаИ судските процеси кои се во тек ќе мора да се водат по измените кои стапија на сила бидејќи се поповолни за граѓаните. Тоа ќе значи во голем дел од судските предмети ќе има прекин на кривичниот прогон поради застареност на делата, а оние што биле гонети и држени во притвор ќе може да бидат обесштетени.
„Во овој момент не би можеле да знаеме, но се претпоставува дека трошоците ќе бидат во големи размери и сите ќе бидат надоместени од Буџетот на државата. Меѓутоа, за тоа ќе мора да ги чекаме одбивателните пресуди за секој предмет посебно каде ќе бидат наведени (трошоците). Најверојатно ќе станува збор и за милионски суми“, вели Петковска.
„Анонимни“ автори
Работната група за новиот Кривичен законик, невладиниот сектор, Судскиот и Советот на јавни обвинители, Врховниот суд се дел од оние кои јавно кажаа дека биле заобиколени и никој не ги консултирал за измените во актуелниот закон. Кој е авторот, досега никој не соопшти официјално.
„Таква информација ние немаме, но секако нашиот став е дека не сакаме да учествуваме во изготвувањето на новиот закон. Нашето повлекување се надеваме дека ќе даде една слика дека граѓанското општеството не треба да се злоупотребува туку нашето учество во работните групи да биде конструктивно затоа што поседуваме експертиза и знаење“, рече денеска и Цветановска од МЗМП.
Одговор на ова не даде ниту министерот Кренар Лога, кој застана на линија на работната група и го впери прстот кон неговата заменичка Викторија Аврамовска-Мандиќ.
„Најодговорно тврдам дека работната група има работено на драфт-верзијата за нов Кривичен законик и нема работено на овие измени кои беа предложени од страна на заменичката. За кој бил дел од тимот што ги предложил измените ќе треба да се изјасни заменик-министерката за правда“, рече Лога на брифинг со новинарите на 28 септември.
Видете и ова: Брисел ги разгледува измените на Кривичниот законикСепак, одговорноста за измените тој тогаш ја префрли на Собранието бидејќи како што рече тие биле донесени со гласови од пратеници.
Кои измени се направија
Измените на Кривичниот законик кои предизвикаа најмногу реакции во јавноста се однесуваа на кривичните дела злосторничко здружување (член 394 од КЗ), злоупотреба на службената положба и овластувања (член 353 од КЗ) и несовесно работење во службата (член 353-в).
Со нив, максималната казна од десет години затвор за злосторничко здружување се намали на три години.
Кај делото злоупотреба на службената положба и овластувања, пак, измените донесоа затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета. Претходно, се предвидуваше затворска казна од најмалку три години, но немаше горна граница. Исто така, во членот за делото злоупотреба на службената положба и овластувања се избриша ставот 5 во кој се предвидуваше најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.
И за несовесно работење во службата се направи менување на казната за службеното лице или одговорното лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета. Досега казната за ова дело беше најмалку три години затвор без горна граница, а со новите измени се предвидува намалување за ова дело од шест месеци до пет години затвор.
Намалувањето на казните и воведувањето горна граница, донесоа и побрзо застарување на делата.