Граѓаните на 8 мај гласаат на двојните избори: парламентарни и вториот круг од претседателските. Вкупно 17 кандидатски листи на партиите и коалициите ќе водат битка за пратенички мандати во 120-члениот Парламент, додека истовремено актуелниот претседател Стево Пендаровски ќе се соочи со Гордана Сиљановска-Давкова во вториот круг од претседателската трка.
Актуелниот мандат на Стево Пендаровски истекнува на 12 мај и според Уставот на Републиката тогаш или Пендаровски официјално треба да го започне вториот мандат или функцијата да ѝ ја предаде на Гордана Сиљановска-Давкова.
За да бидат успешни претседателските избори, освен што еден од двајцата кандидати треба да освои мнозинство гласови од граѓаните, услов е и излезноста да биде најмалку 40 отсто од запишаните граѓани во Избирачкиот список или околу 725.000 гласачи.
Видете и ова: Последните политички пораки пред изборниот молкАко цензусот од 40 отсто за избор на претседател биде исполнет, Собранието до недела, на 12 мај, треба да одржи седница за инаугурација на новиот претседател на Републиката.
Во ваков случај свечената седница за инаугурација на новиот претседател на Републиката ќе ја одржат пратениците од актуелниот состав во Парламентот.
Но, овие рокови до 12 мај можат да биде исполнети само Државната изборна комисија (ДИК) ги објави конечни резултати од претседателските избори, односно ако нема приговори за прегласување на одредени избирачки места, како што објаснува поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски.
„Претседателскиот кандидат кој ќе победи на изборите треба пред Собранието да даде свечена изјава и според Уставот тоа може да биде направено пред стариот собраниски состав, но ако нема ништо спорно. Такво право има стариот пратенички состав, со оглед дека имаме и парламентарни избори. Тогаш новиот претседател ќе го додели мандатот за состав на нова влада“, вели Новаковски.
Видете и ова: Трошок од 800 илјади евра за дијаспората, зошто гласањето не е онлајн?Што ако нема цензус?
Во случај на неисполнување на цензусот од 40 отсто за избор на претседател на Републиката, што досега се нема случено, тогаш Уставот предвидува надлежностите и функциите на претседателот на Републиката да ги преземе претседателот на Собранието.
Без цензус, едната опција е мандатот за состав на нова Влада да го додели Јован Митревски како актуелен претседател на Собранието, а втората опција е прво да биде конституирано новото Собрание и новиот претседател на Собранието да доделува мандат за состав на нова Влада.
Новаковски вели дека без цензус од 40 отсто, Државната изборна комисија ги смета претседателските избори за неуспешни и во рок од 40 дена Собранието треба да распише нови.
„Условно ако не се избере претседател на Републиката, тогаш претседателот на Собранието треба да ги распише изборите и да ја задолжи Државната изборна комисија да ги спроведе, а претседателот на Собранието ќе ја преземе функцијата претседател на Републиката. Во овој случај тој ги има сите овластувања да додели мандат за нова Влада. Ако се случат вакви дилеми, може да дојде и до потреба од некакви појаснувања и од Уставниот суд“, вели Новаковски.
Конечните резултати од ДИК обично најбрзо доаѓаат ако нема приговори од страна на кандидатите и партиите. Ако има приговори, конечните резултати се објавуваат по исцрпување на сите правни механизми во државата.
Видете и ова: На двојните избори, граѓаните ќе можат да дојдат на гласање само еднашКонститутивна седница може да свика и новиот состав
Новото Собрание мора да се конституира во рок од 21 ден од објавувањето на конечните резултати од изборите што ќе ги објави Државната изборна комисија.
Ако на пример резултати бидат објавени на (на 10 мај), најдоцна до 31 истиот месец Собранието треба да одржи конститутивна седница, којашто секогаш досега била за избор на претседател на Собранието.
Во случај актуелниот претседател на Собранието да не свика конститутивна седница по истекувањето на 21 ден, Уставот предвидува новите пратеници да можат сами да свикаат конститутивна седница и да изберат нов претседател на Собранието.
Откако ќе се конституира новото Собрание, претседателот на Републиката е должен во рок од 10 дена да го додели мандатот за состав на идната Влада на кандидатот на партијата односно партиите коишто имаат мнозинство во парламентот.
Мандатарот потоа има 20 дена до Собранието да достави програма и предлог состав на новата Влада. Таа треба да биде изгласана со мнозинство гласови (61) од вкупниот број пратеници.
Ова ќе бидат 11 парламентарни избори од прогласувањето на независноста на државата и 7- ми претседателски избори. Гласањето треба да се спроведе на 3.480 избирачки места.