На македонските пратеници Рот денеска им порача да бидат повеќе амбициозни во однос пристапните проговори со ЕУ. Но и покрај неговите повици, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ засега останува на својот став дека е против предложените уставни измени, додека кај власта стои оптимизмот за успешен процес.
Рот рече дека уставните измени можеби се болни, но се неопходни. Тој посочи дека сите земји кои сакаат да се вклучат во ЕУ мора да ја продолжат борбата против корупцијата.
„Ни треба повеќе амбициозност околу пристапните преговори. Северна Македонија игра многу важна улога како мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна земја. Би сакал да ги мотивирам моите колеги тука дека вреди да се ангажираат повеќе во борбата против корупцијата, независното судство, зајакнување на владеењето на правото и демократската култура во земјата. Неопходните реформи не се обврска само на Владата туку и на парламентарците“, рече Рот.
Видете и ова: Сарацин порача да не се потценува временскиот рок за уставни измениГерманскиот парламентарец Рот денеска има средби со политичкиот врв во земјата и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Неговата посета е продолжување на меѓународните напори за спроведување на уставните измени со кои Бугарите треба да станат дел од Преамбулата за Северна Македонија да може да ги отвори поглавјата за пристапување во ЕУ.
Но, најголемата опозициска партија засега останува на ставот дека „оваа влада нема легитимитет за таков чекор и дека прифаќање на бугарски диктат нема да се случи“. Ова го соопшти вчера ВМРО-ДПМНЕ по средбата на претседателот на партијата Христијан Мицкоски со Мануел Сарацин - специјален германски претставник за Западен Балкан, кој е уште еден висок германски претставник кој деновиве е во посета на земјава.
Сарацин: во декември ризик за Северна Македонија
Сарацин повика процесот на уставните измени да се заокружи што е можно поскоро, во спротивно постои ризик на одвојување на Северна Македонија од останатите земји.
„Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на земјата од останатите, без исполнување на потребните европски барања е неизбежен. Од тие причини, важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување“, вели Сарацин.
Инаку, македонското Собрание на 18 август ја почна седницата за уставните измени, кога 70 пратеници гласаа за усвојување на дневниот ред. Седницата по првите излагања потоа беше прекината и гласањето за уставните измени дополнително ќе биде закажано. Според спикетот Талат Џафери, тоа ќе се случи, во момент кога ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство. За завршување на процесот на уставните измени потребно е да гласаат 80 пратеници од 120 члениот Парламент. За тоа, освен пратениците од владејачкото мнозинство, треба да гласаат и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.
Пристапните преговори со ЕУ земјата ги почна минатото лето откако делумно беше надмината блокадата на Бугарија со потпишувањето на францускиот предлог, но услов за официјалното отворање на поглавјата е Бугарите да влезат во Уставот на Северна Македонија.
Видете и ова: Што ќе добијат Бугарите со уставните промени?Покрај непроменетиот став на опозицијата, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ сепак е оптимист дека уставните измени ќе се случат до крајот на годината.
Власта најаавува гласање во октомври
Тој вели дека уставните измени ќе се случат најдоцна наредниот месец, октомври, најавувајќи интензивирана комуникација со секој пратеник. Тој исто така укажа на ризикот од одвојување на Северна Македонија од земјите кои веќе преговараат со ЕУ.
„Направивме сè, правиме и ќе направиме до крајниот рок да бидат донесени овие уставни измени. Сметам дека ќе успееме зошто другата опција е да се тргнеме од овој колосек на државите кои веќе преговараат, како што се Црна Гора, Албанија и Србија и да останеме во една групата држави кои се многу далеку од преговорите“, изјави Маричиќ.
Покрај германските претставници, кон крајот на август во посета на земјава беше и американскиот заменик-помошник државен секретар, Габриел Ескобар, која следуваше по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот. Ескобар се сретна со Мицкоски, кој го изнел ставот на опозициската партија дека за неа приоритет е ЕУ, дека во моментов единствено решение за излез од „една ваква исклучително тешка ситуација се одржување на предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе изберат влада со легитимитет“, бидејќи единствената политика што ја имала сегашната Влада е „прифаќање на бугарски диктат“.
Видете и ова: Дали „Европа со повеќе брзини“ ќе забави на Западен Балкан?Ескобар рече дека не дошол во Северна Македонија за да му кажува на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски што да прави или да му диктира услови, но дека сака јасно да стави до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа, изјави Ескобар во тв интервју за „360 степени“.
Во моментов ЕУ прави скрининг на сите 33 поглавја за пристапување на Северна Македонија, за да види што Северна Македонија треба да направи на секое политичко поле за да стане членка. Овој процес најверојатно ќе заврши наесен, но Бугарија како членка на ЕУ мора да даде зелено светло за отворање, но и за затворање на секое поглавје од преговорите. Тука земјата повторно може да стави вето.
Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но Бугарија во 2019 година стави вето Северна Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Бугарското вето дојде откако претходно почетокот на преговорите со години блокираше Грција поради спорот за името, кој беше решен со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година и со промената на уставното име Република Македонија во Република Северна Македонија. Северна Македонија од 2005 година е земја кандидат за членство во ЕУ.