Според Платон, „сите луѓе не се еднакво способни за истите задачи. Затоа е неопходно во државата да постојат повеќе сталежи. Во неговата идеална држава, Платон луѓето ги дели во три сталежи: владетели (филозофи), чувари (војници) и третиот сталеж го сочинуваат селаните, работниците, занаетчиите, трговците. Третиот сталеж ја задржува својата приватна сопственост и произведува за целото општество, а еден дел од своите производи бесплатно го дава на службениците, чуварите и владетелите. Овој сталеж треба да биде исклучен од политичкиот живот и владеењето бидејќи за тоа не е способен.“
Дали партиите пред избори ветуваат подобар живот за сите граѓани, а по избори се однесуваат според теоријата на Платон?
Држава во која трговијата со крипто-валутите е легална, граѓаните и туристите може да се релаксираат играјќи голф или хокеј, а номадите „копнеат“ да живеат овде и тоа ќе им биде олеснето со специјални визи. Во земја во која учениците ги немаат сите учебници, најава дека училишта ќе ја користат вештачката интелигенција.
Ова се дел од трансформациите што би ги доживеала Северна Македонија за четири години од сега ако им се верува на партиските програми за парламентарните избори закажани за 8 мај.
Но, изгледа дека ретко кој ги чита изборните програми, а уште помалку им верува на ветувањата, па дел од политичките партии на овие избори не ги ни отпечатија, туку ги имаат само онлајн.
Економијата – растот на платите и пензиите и подобриот животен стандард, борбата против корупцијата, евроинтеграциите и зачувувањето на националниот идентитет, функционалната администрација се темите кои се во фокусот на кампањата.
Поголеми плати, пензии, животен стандард
Со суми од 600 до 800 евра за минималец и над 1.000 евра за просечна плата, како и ветувања за нови работни места и конкурентна економија, политичките партии настапуваат во изборната кампања.
Покрај ветувањата за плати, партиите ветуваат за работниците и низа други поволности. Меѓу нив, е и скратување на работните часови. СДСМ најавува дека од 2026 ќе започне со проект за намалување на работното време од осум на седум часа дневно. Исто ветување има и Левица која предвидува шест работни часа на ден, како и пензионирање на 60 (за жени) односно 62 години (за мажи).
Намалувањето на невработеноста, како заложба може да се прочита во сите програми. Така, на пример, ВМРО-ДПМНЕ ветува дека ќе ја симне на стапка од 7,5 проценти со тоа што ќе отвори 55.000 работни места. СДСМ и ДУИ, пак, веруваат дека ќе успеат стапката да биде седум отсто.
Наспроти ветувањата и желбите од една страна, со оценки за економската состојба во државата изминатиот период излегоа и меѓународните институции. Светска банка во последниот извештај забележа дека платите во Северна Македонија растат побрзо од растот на Бруто домашниот производ (БДП). Оттаму забележаа дека платите не се во согласност со продуктивноста и тоа, од друга страна, е нешто што годинава може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво.
Синдикатот со конкретни барања на прво-мајскиот протест
Повисоки плати, подобри услови за работниците, но и пораки до новата влада, по изборите на 8 мај, да не заборави на нив, побараа синдикалците од пред Владата на Северна Македонија, на први мај.
„Кој и да седне во оваа Влада по 8 мај ќе дојде овде со 78 проценти повисока плата. Во минатата, но и оваа година, колку пати бевме овде присутни, а колку барања останаа неиспорачани. Сакам само да им порачам на оние што сега ќе дојдат во Влада, да не им текнало да го допрат колективниот договор, затоа што со тој договор вработените во јавниот сектор конечно ќе добијат просечна плата, а не минимална како сега. Да не им текне да ги пипкаат правата на работниците, без разлика дали е приватен или државен сектор, бидејќи само вака сложни, излезени на улици ќе се одбраниме и ќе го добиеме она што ни следува“, порача Трпе Деановски, претседател на УПОЗ.
Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада и исплата на трошоците за храна и превоз, се само дел од барањата што работниците ги испорачаа на првомајскиот протест. Црвен картон од Сојузот на синдикати доби Врховниот суд, поради одлуката да им биде одземен Работничкиот дом.
Флертување со граѓаните и за даноците
Од субвенции на даноци и нивно намалување, преку рамен данок или воведување на прогресивен данок, па се до таканаречен
олигархиски данок, се движат ветувањата на партиите.
Најголемите политички понуди за даночни реформи се во делот на персоналниот данок и данокот на добивка, кои според сегашните правила изнесува 10 проценти, како и во делот на распределбата на данокот на додадена вредност.
Од бруто платите на македонските работници се издвојува вкупно 37,2 проценти кои завршуваат во државата каса. Трошоците за платите на вработените, што работодавачите ги одвојуваат за државата се речиси на ниво на европскиот просек кој изнесува 38,6 проценти, покажуваат податоците на Евростат.
Политичките партии во предизборните програми ветуваат системски даночни реформи, кои со години претходно ги најавуваа и не ги спроведоа до крај. Економскиот аналитичар од Центарот за даночна политика Славко Лазовски вели дека од досега прикажаното, политичките партии несериозно пристапуваат кон идејата за системска даночна реформа, без при тоа да обрнат внимание на даночните слабости кои со години се проткајуваат низ системот. „Речиси сите партии тргнуваат од тоа да ги задоволат интересите на одредени групи на граѓани, повеќе да му се додворат на народот, отколку сериозно да пристапат кон планирање на тоа што е неопходно да се направи во даночната политика“, вели Лазовски.
Кои се конкретните предлози на партиите во врска со даноците, прочитајте ТУКА.
Кои се клучни проблеми на младите и имаат ли партиите решенија и за нив?
Што е најголем проблем за младите во Северна Македонија и колку тие се дел од изборните програми на партиите? Се разбира дека партиите имаат ветувања и понудени решенија и за младите. Во пресрет на Парламентарните избори, на оваа тема разговаравме со подмладоците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Демократско движење.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Има ли странско мешање во изборниот период?
Во Северна Македонија за време на предизборието има кинеска дезинформациска пропаганда која добива форма на кампања и продуцира евроскептицизам, а од друга страна им нуди алтернатива на граѓаните во членство на државата во БРИКС и Евроазиска унија.
Ова во изјава за РСЕ го тврди првиот човек на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, не посочувајќи кои „актери“ - политички или медиумски ги става во оваа група.
Во програмата за парламентарните избори, Левица се залага за издигнување на билатералните односи со Народна Република Кина на ниво на стратешко партнерство (соработка во рамки на „Иницијатива 17+1“ и поддршка на иницијативата „Појас и Пат“), со фокус на инфраструктурно поврзување, како и за укинување на визниот режим со Кина.
Во изборните програми на другите политички партии независно дали се работи за претседателските или за парламентарните избори, Кина не се споменува.
Во однос на наводите од Агенцијата за разузнавање и дали се препознаваат во нив, од партијата Левица велат: „ние сме суверена држава и ниту една друга држава нема право да се меша во внатрешните работи и политики на Република Македонија“.
„Што се однесува до нас, Левица не е анти-ЕУ, ниту пак промовира евроскептицизам. Нас ни треба промена на преговарачката рамка и на методологијата за влез во ЕУ, и во отсуство на слух од ЕУ ние имаме полно право за барање на алтернативи кои нема да не потчинуваат“, одговорија од Левица за РСЕ.
Според директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, „Изборната година и овозможува на Кина мешање во изборите преку промоција и сеопфатна поддршка на преферирани кандидати и партии со кои веќе има соработка. Иако во многу земји ваквите партии се маргинални, од интерес на Кина е и ширење наративи во рамки на изборни кампањи кои се против западното стратешко сојузништво, а се залагаат за мултиполарен свет и соработка со Кина“.
Што ги предизвика масовните протести во Грузија?
Грузијците на масовни демонстрации од 9 април протестираат против таканаречниот Закон за „странски агенти“. И покрај тоа, владејачката партија во Грузија го истурка во второ читање, што ќе влијае на работата на невладините организации кои добиваат странски средства. Како што објаснува Софи Датишвили од грузискиот сервис на РСЕ, многу Грузијци го гледаат предлог-законот како закана не само за граѓанското општество, туку и за европските аспирации на земјата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Доколку сте заинтересирани за добивање на њузлетерот на вашиот мејл, секој петок, пријавете се ТУКА. Можете и да им го препорачате на пријателите. За сите сугести и забелешки можете да ме контактирате на мејл Nakevl@rferl.org